Мијалков си донесе ослободителна пресуда | Северна Македонија | DW | 23.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мијалков си донесе ослободителна пресуда

Уште колку обвинети и осудени за тешки кривични дела треба да избегаат за да профункционира одговорноста за попречување на правдата. Пишува Ерол Ризаов.

Сашо Мијалков дури и да се појави во судот на денот на пресудата, или претходно да биде притворен, ја покажа целата трулост на правосудниот систем на државата. Тој си донесе самиот непречено ослободителна пресуда. Трајно, или привремено, сеедно. Скандалот со бегството има гротескна димензија на криминална и коруптивна пандемија еднакво опасна со корона вирусот. Уште колку обвинети и осудени за тешки кривични дела треба да избегаат за да профункционира одговорноста за попречување на правдата. На ова прашање треба експресно да даде одговор владата и премиерот Зоран Заев.

Доколку во наредните 24 часа не паднат повеќе  оставки и разрешувања, но  и покренување на истраги за кривични дела  на одговорни носители на високи функции во надлежните институции  на релацијата обвинителство , кривичен суд, полиција и агенциите за разузнавање, тоа ќе биде доказ за вмешаност на политиката во бегството на Сашо Мијалков. Се очекуваат и оставки од морални причини.

Овојпат не важат приказните за тоа до каде се надлежностите кои завршуваат со тоа дека никој не е  надлежен, или за законски недоречености чија одговорност до каде допира во стилот: тие се виновни, овие се виновни и на крај никој не е крив. Правните замрсености и лавиринти кој за што е одговорен веќе не можат да бидат оправдување и да служат за замајување на јавноста бидејќи ова не е прв случај на бегство од правдата. .

Правдата се претвори во фарса

Имаше доволно време, цели четири години, сите овие недоречености и надлежности прецизно да се регулираат како треба по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, но  и по бегството на луѓето што ја уништија опремата за прислушување заедно со доказите за тоа  кои се извршители на најголемото злодело во Македонија кога над 20.000 граѓани, јавни личности, политичари, министри,  новинари, дипломати, беа држeни под надзор и следени нивните комуникации со години.

Повеќе на темата:

-Интерпол ќе трага по Мијалков, Стејт департментот го следи случајот

-Од МВР тврделе дека го имаат Мијалков „на око“

-Заев тврди дека нема политички договор со Мијалков

Тие злодела само во еден мал дел ги слушна целата домашна и меѓународна јавност. Веќе подзаборавени од должината и растегливоста на судските постапки правдата се претвори во фарса. И конечно кога требаше да ги стаса казната делот од пониските ешалони на   нарачателите од ова злосторничко и криминално здружение кои не избегаа од државата  и тие  еден по еден почнаа да исчезнуваат и да добиваат азил во други држави.

Тоа се трагичните последици од победата на криминалците над институциите на системот и над законите бидејќи целата постапка за инсталирање на владеење на правото по падот на режимот на Никола Груевски беше наопаку поставена. Прво, ни се случи  неказнетото  попречување на функционирање  на правниот  поредок и на судската власт оневозможувајќи го владеењето на правото кое мораше да тргне и да заврши со расчистување на аферата со повеќегодишно незаконско прислушување и со заслужените затворски казни за големите криминали и висока корупција.

.

Законот имаше рокови до кога треба да се завршат работите. И наместо концентрацијата во судската постапка да се насочи кон разоткривање и пресуди на нарачателите на  незаконското прислушкување и тоа што произлегува од разговорите како најтешки нарушувања на човековите права и слободи, целата работа се разводени расплинувајќи се на стотина предмети што со вешти попречувања и одлагања ги проби сите рокови и се претвори во судска папазјанија.   

Ова срамно попречување на правдата прв го започна  тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов  со своите аболиции и пишман аболиции, потоа рецидивите во обвинителството и во судството, а по нив и актуелната нова власт чија примарна задача по падот на заробената држава и на режимот  на Груевски и ВМРО ДПМНЕ беше да создаде непречени услови за праведно судење. Работите толку се разводенија што јавноста веќе не ги разликува старите и новите јавно емитувани прислушкувани разговори кои се уште се во оптек со непознат датум на производство.

Мијалков од синоним на режимот камен околу вратот на Заев

И редовното јавно обвинителство и Специјалното јавно обвинителство формирано затоа што не функционира редовното, како и целиот правосуден систем влегоа во морски судски постапки на сметка на најтешкото кривично дело. Првиот тежок удар стаса со аферата „Рекет“ што ја поткопа целата надеж дека конечно во Македонија почнува ерата на владеење на правото.

Други колумни од авторот:

-Лична карта за нови делби

-Се случи чудо во Парламентот

-Можат ли владите да ги протераат мразачите

Со вмешаноста во коруптивен скандал на специјалната обвинителка Катица Јанева паднаа и надежите за правна држава без оглед што предметите и специјалните обвинители се префрлија во редовното јавно обвинителство. Во Македонија веќе никој не верува дека правдата е достижна и за недопирливите иако паднаа повеќе судски пресуди со затворски казни  вклучувајќи ја и Катица Јанева.

Бегствата на обвинети и осудени отворија широк фронт и на политичка партиска пресметка со вклучување на меѓународниот фактор како учесник и олеснувач на бегалците од правдата.

Се пласира тезата дека сето ова е однапред договорено да се урне Никола Груевски за да се направат отстапки кон Грција и кон Бугарија со промена на името на државата, со губење на националниот идентитет, јазикот и историското минато. Демек целата оваа работа со прислушувањето е организирана од големите сили да дојде на власт СДСМ и Зоран Заев кој ќе ги распродадат националните интереси. Овие манипулации станаа идеално тло за теориите на завери и за намножени  домашни предавници и непријатели кои се пласираат не само како партиско политичка пресметка, туку и од научни институции, но тоа е посебна тема за друга прилика. 

Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ повторно ги мијат рацете  со тоа што го исклучија од партијата Сашо Мијалков прогласувајќи го партискиот врв за чист и неизвалкан, притоа премолчувајќи ги гревовите без грам осуда на главните нарачатели и на прислушувањето и на организираниот криминал и корупција кои се уште се во партискиот врв. Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ никогаш јасно и гласно не се оградија, ниту пак покренаа некакви постапки во партијата против носителите на најголемите злодела во државата од прогласување на независноста. За нив незаконското прислушкување е сценарио за уривање на најуспешната македонска влада и премиер за да се обезличи македонскиот народ и држава. Ова јасно докажува дека доколку на последните парламентарни избори победеше ВМРО ДПМНЕ целосно ќе беа попречени сите судски постапки што се водат против поранешните и актуелни партиски функционери, а нарачателите на прислушувањата и носителите на организираниот криминал кои избегаа веќе од поодамна  ќе беа вратени во земјата како спасители и невино прогонети.

Во владата на  СДСМ  и ДУИ, кај премиерот Зоран Заев и коалициониот партнер Али Ахмети и по четири години поседувајќи ги сите механизми на функционирање на власта се уште не е доволно јасно видлива определбата за решителна пресметка со причините поради кои дојдоа на власт, ниту со расчистување на последиците од ерата на груевизмот.

Да потсетиме, причините беа големата доверба во јавноста за  расчистување со незаконското прислушување, ослободување на  заробената држава, пресметка со организираниот криминал и високата  корупција и враќање во државната каса на она што е ограбено  во периодот од 11 годишно неконтролирано владеење. Трагичните последици требаше да се заменат со нови вредности и стандарди на современо европско општество, а пред се со темелна реформа и прочистување на правосудниот систем и непречено функционирање на тоа што се нарекува владеење на правото. Тие очекувања не се остварени и покрај одреден напредок кој е констатиран во извештаите на ЕУ. Обезвреднувањето на тие резултати е пред се поради и натаму високата корупција и организираниот криминал, незадоволството на граѓаните од бавноста и нерешителноста на владата и на институциите на системот во искоренувањето на ова зло што ја подрива државата и ги осиромашува граѓаните.

Непопречените бегства од државата на обвинети пред да падне пресудата е потврда на недозволени и сомнителни спреги кои секогаш завршуваат лошо. Па така и случајот со Мијалков од синоним на режимот на Груевски завршува како камен на вратот на Заев.

Реклама