Мицкоски со граѓански потписи ќе го одложува пописот   | Северна Македонија | DW | 13.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мицкоски со граѓански потписи ќе го одложува пописот  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на масовна мобилизација за да се соберат потписи за повлекување на предлог- законот кој е во Собрание.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со граѓански потписи ќе се обиде да го одложи пролетниот попис. Христијан Мицкоски денеска повика на масовна мобилизација за да се соберат потписи за доставување предлог-закон за поништување на регулативата за пописот, доколку таа не биде повлечена од собраниска процедура. Тој побара владејачкото мнозинство да го повлече од процедура законот за спроведување на пописот во април, за кој попладнево почна собраниската расправа.

Попис да,ама не во април

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница, по долга и опсежна дискусија, одлучил: владејачкото мнозинство да го повлече Законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатредржавна дебата на целата територија на државата. Да ги обедини сите политички чинители, сите општествени фактори, за да се дојде до консензуално решение, како треба да изгледа оваа статистичка операција на попис. Попис е потребно да има, но тоа е потребно да биде статистичка операција, а не политичка операција каква што се подготвува од страна на владејачкото мнозинство, смета партијата.

-повеќе на темата: И црквата сака да вмеша прсти во пописот

„Попис како статистичка операција се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус, што во овој случај изостана бидејќи во рамките на парламентарната комисиска расправа опозицијата предложи четириесетина амандмани и можете да претпоставите дека ниту еден од тие амандмани не беше прифатен од страна на владејачкото мнозинство, туку директорот на Државниот завод за статистика беше благо укорен од претседавачот на Комисијата, немој да се мешаш затоа што се е веќе договорено“, рече Мицкоски.
Потенцирајќи дека поради ковид-пандемијата Германија, Шкотска, Ирска, Романија, Србија, Хрватска го одложија пописот за втората половина од 2021 година или за следната година, тој рече дека европското знаменце се злоупотребува за донесување на законот за попис. Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе почне иницијатива на собирање потписи во Министерството за правда и како резултат на таа иницијатива ќе достави предлог-закон во Собранието со кој што ќе се поништи законот за попис.  

Пописот е обврска

Премиерот Зоран Заев неодамна најави дека пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Според него, пописот треба да се спроведе затоа што е обврска и поради тоа што Северна Македонија е единствена држава во Европа која нема направено попис. Последниот попис е спроведен пред 18 години.

-повеќе на темата: Попис од 1 до 21 април - иселените над една година не се резиденти

„Пописот не е за да се попишуваат политичките партии или политичарите во државата, пописот е заради граѓаните. Опозицијата вели дека кога ќе дојде на власт ќе направи нов попис, нема проблем, државата во 2031 ќе прави пак попис, ќе видиме кој ќе биде власт, тоа граѓаните ќе ни го кажат тогаш“, рече Заев
Законот денеска се најде пред пратениците, а го образложуваше заменик-министерот за правда, Агим Нухиу. Тој рече дека операцијата ќе се спроведе според највисоките стандарди на Еуростат и нема да има можност за какви било измами. Со предлог-законот се предвидува да се попишуваат сите државјани на Македонија без оглед дали се во земјава или странство. Државјаните, пак, коишто се на привремена работа или престој во странство ќе може да се самопопишуваат уште од 1 март на посебна апликација.

Казни за злоупотреби 

Со пописот ќе биде опфатена и етничката припадност. Со законот е предвидено глоба во износ од 200 до 300 евра да плати оној што ќе одбие да ги даде податоците што се бараат од него или ако даде неточни податоци. Пописот ќе го спроведуваат 5.000 попишувачи и уште околу 500 контролори. 
На денешната седница во Собранието, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека предлог-законот за попис на населението е со низа недоследности, а владејачкото мнозинство прави злоупотреба на европското знаменце, бидејќи истиот закон не ги содржи препораките на Евростат и нема никаква допирна точка со регулативите на европскиот парламент, како и со препораките и стандардите на ОН. 

-повеќе на темата: Главоболки околу пописот 

Пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, пак, им порача на пратениците дека конечно треба да им се даде шанса на институциите да спроведат попис според современи стандарди. „Очекувам дека на крајот од оваа дебата ќе застанеме сите цврсто и како законодавен дом ќе ја искажеме довербата во законот и во волјата да ја направиме оваа статистичка операција, од која што зависи се во државата, зависи се за животот и добробитот на економијата на граѓаните и како да ги креираме политиките“, нагласи Калеска Ванчева.

Поврзана содржина