Мицкоски: Не бев информиран за новите протоколи | Северна Македонија | DW | 03.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мицкоски: Не бев информиран за новите протоколи

По бурата околу неговото вечерашно седење во затворен дел од кафеана во Дебар Маало, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по полноќ на својот Фејсбук профил призна дека бил присутен, но не знаел за новите правила поради коронавирусот.

Христијан Мицкоски вечерва призна дека седел во затворениот дел на ресторан во скопско Дебар Маало каде на Пазарната инспекција не и беше дозволено да изврши увид.

„Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Со новите протоколи за работа на угостителските објекти по укинувањето на полицискиот час кои владата ги објави на 27 мај годинава, беше забрането седење во затворен дел на угостителски објекти, односно дозволено е гостите да седат само на тераси и отворени простори.

„Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа“, вели Мицкоски.

Но, според информациите од МВР, Мицкоски се соочува со две кривични пријави согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот закон: Пренесување заразна болест  и Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Вработените во угостителскиот објект на улица Боемска најпрво попладнево не и дозволиле на Пазарната инспекција да направи увид во затворениот дел од ресторанот со образложение дека тој е затворен. По два часа инспекторите виделе како од објектот излегува Мицкоски. Потоа случајот доби и политичка нота.

Следуваше вистинска драма која заврши со ангажман на Единицата за брзо распоредување, чии припадници очекуваа налог од јавен обвинител за да ги земат снимките од безбедносните камери во кафеаната.

Мицкоски во својот статус вели дека приказната со неговата улога во инцидентот била наметната за да се прикрие неуспехот на владата во справувањето со епидемијата на коронавирусот.

„Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За него, целиот случај е доказ дека „власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев го следат“.

Реклама