Митот за поларизирано општество поради ковид | Информации и анализи за Германија | DW | 18.12.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Митот за поларизирано општество поради ковид

Тензични дебати на Твитер, Фејсбук и други социјални мрежи ја искривуваат реалноста. Тоа често се должи на фактот што политичари, активисти и новинари се однесуваат како „опседнати", коментира Марсел Фирстенау.

Задолжителна вакцинација! Овој израз има потенцијал да биде прогласен за најлошиот во 2021 година. Но, дали има и потенцијал длабоко да го подели општеството? Во секој случај предизвикува такво чувство. Спорот околу задолжителното вакцинирање во Германија предизвикува големи тензии. Но, пред да се почне со вперување на прстот кон виновникот и да се зборува за  поларизација на општеството  вреди да се запре за миг и внимателно да се слуша што се зборува. 

На пример, интересен е ставот на новоизбраниот канцелар Олаф Шолц кој на денот кога беше избран во телевизиско интервју во однос на  поделеноста во општеството  одговори: „Не се согласувам со таквото гледиште." Зошто? 

„Бидејќи најголемиот дел од нашите сограѓани се веќе вакцинирани." Точно. Речиси 70% од населението во меѓувреме е целосно вакцинирано (состојба од 09.12.2021). Шолц додаде и дека „има многумина кои сметаат дека е тоа исправно или во најмала рака не е фундаментално погрешно." И ова е точно. 

Кохезијата поголема отколку што се претпоставува 

Социјадемократот погоди во срж со уште една изјава: „Само заради тоа што сега едно гласно малцинство се однесува многу радикално, не може да се каже дека целото општество е поделено." Браво канцеларе! Оние кои се сомневаат во ваквата констатација треба да прочитаат студии за поларизацијата и популизмот. Има доста такви, а резултатите се јасни: кохезијата во општеството е поголема отколку што многумина претпоставуваат. 

Во студија на фондацијата Конрад Аденауер, социологот Јохен Розе пишува: 

„Две третини од населението на почетокот на 2019 година имаа впечаток дека кохезија во општеството има малку или воопшто ја нема. Во време на корона-пандемијата пак од претходно 41% само уште 31% од испитаниците се согласуваат со изјавата дека ‘во нашето општество денес луѓето се непомирливо поделени’”. Притоа треба да се има на ум дека самите луѓе во Германија вака ја перцепираат ситуацијата. 

Социјалните медиуми се исто така асоцијални 
И во „Барометарот за популизам" на фондацијата Бертелсман има смирувачки искази како следнава: „Во моментов само двајца од десет гласачи во Германија (20.9%) се популистички настроени. Тоа се 11.8% или речиси една третина помалку споредено со ноември 2018 година (32.8%)." Ова е спротивно на раширената слика за сѐ понепријателски настроено општество. 

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon

Марсел Фирстенау

Но, тогаш зошто толку многу се зборува за поделби, поларизација и теории на заговор? Едно објаснување е дека живееме во таканаречена медиумска демократија. Позитивно е што во дигитално време теориски секој во секое време може да си го каже својот став. Тоа е благодарение на социјалните медиуми. Но, негативната страна на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и слични на нив е неконтролираниот потенцијал да предизвикуваат тензии. Така на сцена испливуваат прастарите рефлекси: колку сте погласни и понападни, толку повеќе внимание ќе добиете - загарантирано.

Твитер - апсолутен медиум на малцинство 
Како контра-аргумент може да се наведе дека според студија спроведена од јавните радиодифузни сервиси, само едно малцинство во Германија користи социјални мрежи. Најмалку еднаш неделно активни во 2020 биле 26% од испитаниците на Фејсбук, 20 проценти на Инстаграм 20, а на Твитер само пет. Но, припадници на одредени милјеа како на пример политичари, активисти од секакви области и новинари се посебно застапени на социјалните медиуми. 

Сите сакаат и мораат своите пораки да ги прошират меѓу народот. Без социјални мрежи тоа е во денешно време незамисливо. Кој ги игнорира таквите инструменти, нема да биде чуен, виден и ќе биде претркан. 

Твитови и објави се најбрз пат да се разгласи став без да биде ставен под прашање. Без мултипликатори тие би останале без да допрат до поголем број луѓе, но преку класичните медиумски редакции, пред сѐ преку дебатните емисии, пораките стасуваат до милионска публика.

Мудри зборови на канцеларот околу дебатата за задолжителна вакцинација

Во непрекинатата трка за поголем тираж, гледаност и кликови главна алатка на новинарскиот занает се звучни наслови и претерувања. Кавги со аргументи „за" и „против" воведување  задолжителна вакцинација н а тој начин брзо мутираат во слика за наводно  поделено општество.  И на таа тема Олаф Шолц потсети на нешто паметно: „Јасно е дека тоа може да се дебатира како контроверза. Тоа и не е некој проблем оти е составен дел од една демократија."

За крај да фрлиме и поглед врз еден наградуван есеј на научникот Паула Келер од Фондацијата наука и политика од Берлин. Под насловот „Бесот и сликата за светот” се вели дека Германија во моментов помалку се соочува со целосно општествена поларизација а сѐ повеќе со дебата на персонализирано ниво. Притоа „мал дел од населението (политички елити и креатори на јавното мислење) е на удар и предмет на омраза и напади  од страна на еден исто така нерепрезентативен дел од населението (бесни онлајн тролови)". Тоа пак според неа се одразува на широката култура за дебатирање. За жал, Келер е во право.