Мистериозен хепатитис ги напаѓа децата | Панорама | DW | 29.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Мистериозен хепатитис ги напаѓа децата

„Никогаш не сум видел нешто слично“: здравствените власти во повеќе земји пријавија појава на редок хепатитис кај деца под 10 години. Некои случаи се толку тешки што е потребна трансплантација на црн дроб.

Symbolbild I Hepatitis A Virus

Хепатитис-вируси под микроскоп

Европскиот центар за превенција на болести ЕЦДЦ изрази загриженост поради случаите на необјаснет хепатитис кај деца на возраст под 10 години. Дел од случаите се толку сериозни, што е неопходна трансплантација на црн дроб. Со оглед на непознатата причина за болеста и потенцијалните сериозни ефекти, тоа е „загрижувачки“ здравствен проблем, соопшти вчера (28.04) ЕЦДЦ.

Од крајот на март, неколку земји пријавија случаи на хепатитис кај деца предизвикан од непознат патоген. Првите случаи се појавија во Велика Британија, а потоа и во други европски земји, САД, Израел и Јапонија. Според ЕЦДЦ, досега се регистрирани вкупно 191 вакви случаи во светот.

Мистериозно воспаление на црниот дроб

Засега не е јасно што предизвикува воспаление на црниот дроб. Тестовите за типичните вируси на хепатитис - А, Б, Ц, Д или Е - се негативни, што Аластер Сатклиф, професор по општа педијатрија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, го опишува како „многу необично“.

Сериозни случаи на хепатитис кај децата се генерално многу ретки, вели Вилијам Ирвинг, професор по вирологија на Универзитетот во Нотингем. Во нормални години, во Велика Британија, бројот на случаи на деца заболени од хепатитис е главно едноцифрен. Минатата недела беа пријавени 60 случаи. „Никогаш не сум сретнал вакво нешто во мојата клиничка пракса“, вели Ирвинг. „Загрижувачки е затоа што не знаеме што се случува“, вели тој.

Можна причина - аденовирус

Хепатитис во основа значи „воспаление на црниот дроб“. Според вирологот Ирвинг, за болеста може да има различни причини. Покрај класичните вируси на хепатитис, воспалението може да биде поттикнато и од други вируси, од токсините во алкохолот или од проблеми, како што е дебелината.

Според Ирвинг, постои сомневање дека болеста кај децата во моментов се должи на специјален аденовирус. Имено, впечатливо голем број од децата на кои им била дијагностицирана мистериозната болест биле позитивни на тестот за специфичен тип на аденовирусна инфекција: аденовирус 41.

Schultüten zum Schulanfang

Од крајот на март, неколку земји пријавија случаи на хепатитис кај деца предизвикан од непознат патоген

Инфекциите со аденовирус 41 се чести кај малите деца и обично предизвикуваат само блага дијареја и повраќање. Вирусот досега не е поврзуван со хепатитис, вели Ирвинг. Сепак, толку често се појавувал во истрагите за тековните случаи, што веројатно се работи за повеќе од случајност - и покрај тоа што не е пронајден кај сите засегнати деца. Сепак, не е јасно дали сите деца биле прегледани за да се утврди присуство на сомнителниот аденовирус.

Не е јасно и зошто аденовирусот одеднаш би довел до воспаление на црниот дроб. Според Ирвинг, можно е да се работи за специјална верзија на вирусот или вирусот да е во интеракција со еден или повеќе други фактори.

Воспалението би можело да биде предизвикано и од непознат, нов патоген, или од некој токсин, фактор од животната средина или комбинација од сите тие можности, вели Ирвинг.

Што е со Ковид-19?

Според вирологот, исто така не е разјаснето дали болеста е поврзана со Ковид-19. Можно е некои од засегнатите деца претходно да имале Ковид и со тоа да имале ослабен имунолошки систем. Ова би можело да доведе до тоа телото потешко да се бори со типичните детски вируси.

Случаите на хепатитис може и индиректно да се поврзани со пандемијата на корона и заштитните мерки кои неодамна беа укинати. Бидејќи, децата  во последните две години имаат дојдено во контакт со само неколку патогени, а сега се среќаваат со различни вируси и бактерии, вклучително и аденовируси, против кои нивниот имунолошки систем сè уште не можел да формира антитела.

Omikron hat Schulbetrieb weiter im Griff

Децата  во последните две години имаат дојдено во контакт со само неколку патогени, а сега се среќаваат со различни вируси и бактерии, против кои нивниот имунолошки систем сè уште не можел да формира антитела

„Има група на многу мали деца кои биле заштитени во голема мера, така што не биле изложени на спектарот на вирусни инфекции на кои вообичаено би биле изложени“, нагласува Ирвинг. „Оваа зима кај децата откривме многу поголем број на вирусни инфекции, вклучително и аденовируси.“

- повеќеНобелова награда за медицина за откривање на вирусот Хепатитис Ц

Зголемувањето на случаите на хепатитис не е причина за паника

За педијатарот Аластер Сатклиф, сепак, едно е јасно: хепатитисот не е предизвикан од вакцините против Ковид-19, бидејќи децата кои се болни не биле вакцинирани. Веројатно затоа што во повеќето случаи вакцините против Ковид за деца на возраст под пет години сè уште не се достапни.

Сатклиф ги советува родителите на малите деца да останат смирени. „Колку што знам, многу (од децата со хепатитис, н.з.) се подобруваат, што е нормално. Ризикот од откажување на црниот дроб е многу мал, па мислам дека не треба да претеруваме.“

- повеќе: СЗО алармира: Од хепатитис умираат повеќе луѓе отколку од ХИВ

Вирологот Ирвинг смета со зголемување на бројот на случаи во наредните недели доколку здравствените власти ја следат болеста. Тоа што Велика Британија ги пријавила првите случаи веројатно се должи на строгите системи за известување во земјата.

„Не ја разбирам Алабама“, вели Ирвинг. „Мислам, зошто има девет случаи во една (американска сојузна) држава, а нема случаи во другите 49 држави? Тоа нема смисла. Мислам дека тоа се должи на системите за известување. Затоа што, ако тоа се случува во Алабама, се случува и на друго место. Само што тоа досега не се знае.“

Поврзана содржина