Минхенска безбедносна конференција- крајот на дипломатијата? | Свет | DW | 19.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Минхенска безбедносна конференција- крајот на дипломатијата?

Минхенската безбедносна конференција традиционално ја одразува актуелната состојба во светот. Годинава, конференцијата беше одбележанa со меѓусебни обвинувања. Вистинските решенија недостасуваа, смета Матијас фон Хајн.

Имаше години кога Минхенската конференција испраќаше сигнали на разбирање и надеж. Ништо од тоа не беше забележливо на последната, 54. безбедносна конференција. Овогодинешното мото „До работ- и назад?“ делува како точен опис на состојбата во која се наоѓа светот денес.
По тридневни дискусии, едно нешто е совршено јасно: сите индиции упатуваат на натамошни конфликти, а прашалникот наведен во мотото, за жал, мора да остане. Уште еднаш конференцијата се докажа како место на кое светските проблеми се ставаат на маса и се анализираат.
Но, се чини дека дипломатијата стигна до крајот на својот пат. Иако првиот човек на конференцијата Волфганг Ишингер заслужува пофалби затоа што успеа да доведе високи претставници на многу различни држави на настанот, самата конференциска сала се сведе на бина на контрадикторности, изолирани и навидум непомирливи наративи. Оние кои очекуваа да видат сигнали на разбирање и конструктивни предлози за конфликтните теми, не најдоа ништо такво.

Тоа беше најочигледно на последниот ден на конференцијата. Реципрочните обвинувања доминираа во изјавите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф и на саудискиот Адел бин Ахмед ал-Џубеир. Дополнително, изјавите на Зариф и на Ал-Џубеир силно потсетуваа на минатогодишните, што е уште еден сигнал за тоа колку неподнослива станува ситуацијата.
Дури и самиот Ишингер- како дипломат, човек генерално обврзан на претпазлив оптимизам- не можеше ништо повеќе од тоа да признае дека учесниците слушнале премалку конкретни најави за надминување на бројните светски безбедносни проблеми.

Остри зборови наместо мудра интеракција

Уште еден пример беше фактот што одлуката на Турција да го ослободи новинарот Денис Јуџел доминираше на првиот ден од конференцијата. Но, веќе следниот ден покажа колку оддалечени се позициите на германските и турските политичари.
Случајноста сакаше, германскиот политичар од редот на Зелените Џем Ездемир да престојува во истиот хотел со турскиот премиер Бинали Јилдирим. Имајќи предвид дека телохранителите на Јилдирим го сметаат Ездемир за терорист, германската полиција мораше да му обезбеди дополнително обезбедување. Жестокото однесување на турските телохранители им стана познато на сите, особено по фијаското со посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на САД.

Matthias von Hein (DW/M. von Hein)

Матијас фон Хајн


Настапот на полскиот премиер Матеуш Моравјецки беше уште еден доказ за недостатокот на дипломатските манири и внимателно одбран јазик. Кога беше прашан од новинарите за новиот полски „Закон за Холокаустот“, Моравјецки призна дека имало и полски злосторници кои вршеле злосторства за време на Втората светска војна, и притоа дополни: „Како што имало и еврејски злосторници, руски злосторници и украински злосторници, а не само германски злосторници“. 

Повеќе на темата: 

Светот на раб на бездна? 
Меѓусебните обвинувања наместо дипломатија дојдоа до израз и во настапот на украинскиот претседател Петро Порошенко. Тој ја портретираше Русија како извор на сите зла во Европа, бараше поголем притисок врз Москва и зајакнување на санкциите, и прием на неговата земја во ЕУ и НАТО.
Видливо изнервираниот руски министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Европа дека се враќа во ерата на нацизмот, ги отфрли американските обвинувања за мешање во тамошните избори и дополни дека одлуката на САД да го зајакне својот нуклеарен арсенал не ѝ дава на Русија друга опција освен да го стори истото.
Американската делегација- со исклучок на поранешниот државен секретар Џон Кери- се однесуваше самозадоволно од позиција на морална надмоќ. Полни самодоверба, Американците не се ни обидоа да покажат разбирање за спротивставените мислења додека ги напаѓаа Иран и Русија. Целиот нивен напор беше насочен кон зголемување на притисокот, и врз нивната воена моќ.

Европејците постојано се жалеа поради тоа што дипломатијата му значи многу малку на Вашингтон овие денови, факт кој лесно се гледа во драстичното намалување на буџетот на Стејт Департментот од страна на администрацијата на Доналд Трамп. Главната забелешка беше дека доколку преговорите- ако воопшто се одржат- се водат од аспект на воената супериорност, тогаш тоа не се разговори, туку диктат.
Една светла точка е што освен над 30 панел дискусии кои се одржаа за време на конференцијата, се случија и над 1.000 билатерални дискусии во собите на хотелот Бајеришер Хоф. Волфганг Ишингер ја спореди официјалната конференција со „почеток на нешто далеку поголемо“. Останува само да се надеваме дека она што го видовме не го претставува она што остана задскриено.

 

DW.COM

Реклама