Минута молк за жртвите од Стокхолм | Свет | DW | 10.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Минута молк за жртвите од Стокхолм

Шведска денеска со минута молк и комеморации им изразува почит на жртвите од атентатот со камион во Стокхолм. Во врска со него уапсени се две лица, од кои еден е Узбекистанец, чие барање за азил било одбиено.

На манифестацијата во центарот на Стокхолм во спомен на жртвите од петочниот напад, присуствуваа и кралското семејство и шведскиот премиер. Штефан Лефвен притоа ја истакна меѓународната сплотеност во борбата против тероризмот. „Никогаш нема да потклекнеме пред тероризмот, заеднички ќе му се спротиставиме“, изјави премиерот, со поглед и кон Белгија и Велика Британија, зашто меѓу четирите жртви од нападот со камион беа една Белгијка и еден Британец.

Низ целата земја со минута молк точно напладне и со низа комеморации се изразува почит кон загинатите. Уште вчера во шведската престолнина илјадници луѓе се собраа во близината на местото на злосторството за заеднички да тагуваат и да дадат знак за непокор против теророт.

Гледај видео 00:43

Терористички напад во Стокхолм

Полицијата во меѓувреме објави повеќе детали за осомничениот атентатор.Уапсениот 39-годишен Узбекистанец, за кој полицијата речиси е сигурна дека бил возач на камионот, покажувал симпатии кон терористичката милиција Исламска држава и кон други екстремистички организации, како што изјави шефот на полицијата, Јонас Хусинг. Осомничениот во 2014. година во Шведска поднесол барање за азил, кое на крајот на 2016. година било одбиено. По рокот од четири недели, во кој Узбекистанецот требало доброволно да ја напушти земјата, случајот бил предаден во полицијата. Но, во меѓувреме човекот исчезнал, што според шведскиот премиер Штефан Лефвен претставува фрустрирачко сознание.

Schweden Stockholm LKW fährt in Menschenmenge (Reuters/D. Armada)

Камионот-убиец од Стокхолм

Шведската полиција и натаму е во потрага по можни помагачи на атентаторот. Извршени се бројни контроли и претреси во станови во Стокхолм, соопшти полицијата. Испрашани се близу 500 лица. Уште едно лице е уапсено под формално обвинение за извршено терористичко дело и убиство, но шведскиот обвинител не сакаше да го открие неговиот идентитет.

Осомничениот напаѓач од Узбекистан првпат бил сослушан во саботата, но не е познато дали дал поконкретни изјави за своите мотиви, иако некои шведски медиуми јавија дека го признал делото. Истрагата не дава информации ни околу сомнителната направа пронајдена во камионот, за која се шпекулираше дека е бомба. 

Атентаторот во петокот со камион влета во толпа луѓе во центарот на Стокхолм, а потоа и во стоковна куќа, убивајќи четири, а ранувајќи 15 луѓе.

По нападот, шведската влада нареди контроли на границите на сите кои ја напуштаат земјата, а шведската полиција за во иднина најави засилено присуство.

 

 

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама