„Мини-Шенген“: Од геополитичка крстосница до слепа улица? | Северна Македонија | DW | 11.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Мини-Шенген“: Од геополитичка крстосница до слепа улица?

Каде ја води Северна Македонија проектот „мини-Шенген“? Аналитичарите се скептични и повикуваат на внимателност. Економските проекти честопати се проследени и со политички интереси, предупредуваат тие.

Иницијативата за западнобалкански „мини-Шенген“ треба да се гледа низ призмата на француското вето за проширувањето на самитот на ЕУ, предупредуваат аналитичари. Најавите за економско зближување и олеснување на движењето и процедурите во регионот не се спорни, но политичките импликации од проектот предизвикуваат загриженост.

„Регионалните поврзувања никогаш не биле спорни ниту проблематични, во контекст на евро-атлантскиот правец во кој оди Северна Македонија и различни делови од регионот. Но, со оглед на последното француско вето за продолжување на европските интеграции, кон овие регионални иницијативи треба да се пристапи со зголемена внимателност и анализа на контекстот за корисните и помалку корисните политички, економски, безбедносни и општествени последици од нив“, вели за ДВ, политичкиот аналитичар и новинар Сашо Орданоски.

Во заедничката декларација на трите држави толку се инсистира на полноправното членство во ЕУ како безалтернативна опција што се создава впечаток дека кај Рама, Вучиќ и Заев, или барем кај некој од нив, уште од старт постојат недоумици околу целисходноста и одиумот кој го создава овој проект.
Експертот за Балканот и соработник на Атлантскиот совет во САД, Димитар Бечев исто така има дилеми за проектот.
„Мислам дека е битно да се развива регионалната соработка, но можеби потесна интеграциjа како што е Шенген во рамките на ЕУ не е изводлива идеja. Може да биде препрека за интеграциjaта во ЕУ коjа сепак останува главниот приоритет за овие земjи. Jас би рекол дека е поважно да се работи на продлабочувањето на ЦЕФТА – бидеjќи тој трговски договор не работи во полн капацитет“, изјави Бечев во интервју за ДВ. Орданоски предупредува од „моментни еуфории" кои не се препорачлив начин за стабилни, долгорочни решенија од кои сите ќе имаат корист.

Nord-Mazedonien: Westbalkan Gipfel (Government of North Macedonia)

Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ


„Во меѓународните односи, економијата никогаш не оди без политика, а добро е што сите учесници на самитот во Охрид потенцираат дека нивната иницијатива не може да биде замена за европските интеграции“, вели Орданоски.
Дрвен адвокат
Проектот доби нов поттик на една недела пред самитот на ЕУ во Брисел, кога српскиот претседател Александар Вучиќ во Нови Сад ги пречека премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев. Последниот состанок во Охрид, во проширен состав со претставници на БиХ и Црна Гора, е уште една етапа кон поблиска соработка на државите од регионот, иако завршната декларација повеќе наликува на список на желби, со многу малку конкретни рокови и услови.
Но и од Нови Сад и од Охрид, клучните пораки на еден или друг начин беа врзани со францускиот претседател Емануел Макрон и иднината на политиката на проширувањето на ЕУ, а во главна улога беше српскиот претседател Вучиќ. Во Нови Сад, како што призна самиот, Вучиќ им укажал на своите западнобалкански колеги дека Макрон ќе го блокира почетокот на преговорите со ЕУ со нивните земји. Пост-самитно, од Охрид, Вучиќ им вети на Рама и Заев дека во нивно име ќе го праша Макрон што планира понатаму со ЕУ, но и ќе побара поддршка за проектот „мини-Шенген“. Од ваквите јавни настапи на српскиот претседател произлегува дека или тој самиот си ја доделил улогата на „дрвен адвокат“ на земјите од регионот пред Макрон, или некој друг го посакува како партнер кој ќе го претставува регионот? Изјавата беше особено непријатна за официјално Скопје кое „на мегдан" на францускиот претседател веќе му го испрати шефот на државата Стево Пендаровски.

Економска мотивација?
Патерналистичкиот однос кон регионот на Вучиќ го отвора и прашањето дали мотивацијата за овој проект е само економска?
„Се надевам дека е, но имаме одредени изjaви од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и други политичари во ЕУ кои покажуваат дека во Европа бараат алтернативи за Западен Балкан. Тоа значи дека иницијативи кои се од економски карактер можат да се искористат политички“, забележува Бечев.
Во меѓувреме, иницијативата доби поддршка и од специјалниот американски пратеник за Западниот Балкан, Метју Палмер, кој од Женева минатата недела порача дека е добро регионот да преземе иницијатива во ситуација која „САД преземаат поголема улога на Западниот Балкан, а ЕУ влегува во ризик да создаде впечаток дека се повлекува“.
„Посветеноста на Србија, Албанија и Северна Македонија за подобрување на соработката преку иницијативата наречена ’мини Шенген’ покажува дека лидерите во регионот ја преземаат одговорноста за сопствената судбина, ја контролираат својата иднина“, рече Палмер.
На следниот состанок на иницијативата во Драч е најавено присуството и на избраниот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел. Брисел досега беше воздржан во однос на идејата, иако тоа можеби се должи и на смената на гарнитурите во Европската комисија.
„Се добива впечаток дека ниту САД, ниту Франција, а ни останатите меѓународни регионални фактори, не се сосема сигурни во кој правец треба да се одвива и натамошната 'балканска приказна'“, вели Орданоски.
„Во 'сендвичот' помеѓу Србија и Албанија – како што е Заев за глава понизок стоејќи помеѓу Рама и Вучиќ – Македонија мора внимателно да ги влече своите идни потези, избалансирано со сите свои соседи, за од геополитичка крстосница, да не станеме нечија 'слепа улица’“, предупредува Орданоски.

 

DW.COM

Реклама