Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава? | Економија | DW | 23.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава?

Еврокомисијата ги демантира тврдењата на Унгарија и Полска дека почитувањето на начелата на правната држава не игра никаква улога при доделувањето на средствата од буџетот на ЕУ.

По вонредниот самит на Европската унија на кој се усвоени далекусежни одлуки за клучните финансиски прашања, сега вниманието на Брисел и останатите европски главни градови е насочено кон анализа на она што го пишува во документот од 67 страници. Пред се, формулациите во однос на почитување на начелото на правната држава со исплата на финансиски средства од буџетот на Унијата, се предмет на различни интерпретации.

Орбан си се прогласи за победник

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот полски колега Матеуш Моравјецки, непосредно по самитот на заедничка прес конференција за новинари се претставија како „победници“ кои успеале прашањата поврзани со почитување на начелата на правна држава во иднина да не бидат критериум за исплата на пари од буџетот на ЕУ. При тоа против двете земји се водат постапки за почитување на правната држава во согласност со член 7 од Лисабонскиот договор.

И австрискиот канцелар Себастијан Курц по самитот во едно интервју за австриско радио рече дека источноевропските земји „релативно силно“ ги наметнале своите ставови. Притоа, рече Курц, особено е „чудно“ тоа што Франција, Германија и некои други земји прифатија занемарување на прашањето околу почитување на начелата на правната држава само за да се постигне општ компромис.

Сепак има поврзаност

Факт е дека острите формулации во врска со правната држава од почетокот во текот на самитот се повеќе се разводнуваа. Со оглед на тоа дека и заедничкиот буџет на ЕУ, како и одлуката за финансиската помош за земјите кои се најмногу погодени од пандемијата може да се донесат само едногласно беше нужно да се придобијат Унгарија и Полска да го прифатат и за тоа им беа понудени одредени отстапки, вели еден европски дипломат.

Повеќе:

-Како ќе се делат милијардите евра во ЕУ и кој ќе ги враќа долговите?

-Епохален чекор на ЕУ

-Постигнат договор на самитот на ЕУ – „Историски ден за Европа“

Но високи претставници на Европската комисија на неформален брифинг во средата го оспоруваат тврдењето дека Унгарија и Полска „победиле“. Во точката 23 од завршниот документ на самитот имено е утврдено дека Европската комисија треба да формулира „режим на условеност“ меѓу кои спаѓа и почитување на правната држава.

Доколку Полска, Унгарија или некоја друга држава некогаш ги повреди овие начела, тогаш Комисијата може „да преземе мерки кои мора да ги потврди квалификувано мнозинството во Советот.„ При тоа не се мисли на Советот на Европа, односно шефовите на држави и влади, туку на Советот на Европската Унија во кое се состануваат надлежните ресорни министри на земјите членки. Во ова тело, одлуките се носат со квалификувани мнозинство (најмалку 15 земји членки кои го претставуваат најмалјку 65% од населението во Унијата),  а не едногласно со консензус.

Европската комисија е на потег

Сега, сметаат претставниците на ЕУ, е клучно што ќе биде вклучено во тој “режим на условеност“. „Се уште ништо не е готово“, рече на брифингот еден европски дипломат. Така нема да важи тврдењето на премиерот Моравиецки, дека Европскиот совет за поврзаноста на правната држава и исплата на финансиските средства уште еднаш мора едногласно да се изјасни.

Бриселските дипломати велат дека сега на потег е Европската комисија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште за време на самитот преку твитер пораки тврдеше дека германската канцеларка Ангела Меркел му ветила дека постапката која се води против Унгарија и Полска во согласност со членот 7 од Лисабонскиот договор ќе биде завршена до крајот на годинава, односно до крајот на германското претседателствување со Европската унија.

Портпаролот на канцеларката меѓутоа веднаш го демантираше ова со тврдење дека Германија како претседавач со ЕУ може некоја тема да ја стави на дневен ред, но не може да наметне никаква „ослободителна пресуда“. Но, тој истовремено нагласи дека Германија радо ќе и пружи целосна поддршка на Унгарија – доколку земјата ги преземе вистинските чекори. Оваа дипломатска формулација всушност значи: доколку Унгарија се врати на праксата на почитување на начелата на правната држава.

 

Реклама