Милионската „дупка“ на автопатот Кичево-Охрид ќе се крпи со специјална технологија! | Македонија | DW | 21.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Милионската „дупка“ на автопатот Кичево-Охрид ќе се крпи со специјална технологија!

Скапиот автопат од Кичево до Охрид ќе проголта уште најмалку 100 милиони евра поради евтината и лошо подготвена проектна документација, предупредуваат експертите. Исправките кај тунелите и косините се најпроблематични!

Отсуството на квалитетна и детална анализа на теренот во фазата на проектирање е клучниот проблем кој ги заглави работите на автопатската делница од Кичево до Охрид. Констатираните проблеми и грешки во надзорот на проектот ги замрзна градежните активности, но отвори и еден куп дилеми кои надлежните допрва ќе треба да ги расчистуваат. Според првичните проценки, корекциите ќе предизвикаат дополнителни трошоци од најмалку 100 милиони евра. Од она што е досега констатирано, најголеми се проблемите кај тунелите и косините кои ќе се решаваат со употреба на специјални и многу поскапи технологии. Една од нив веќе почнала да се применува при пробивањето на двата тунела на делницата откако наспроти проектните анализи, било констатирано дека земјиштето е со многу лоши карактеристики, вели за Дојче веле Дарко Мославац, декан на градежниот факултет во Скопје:

„Кога започнаа градежните активности беше откриен материјал со многу лоши карактеристики и заради тоа мораше да се употреби една технологија на градење која се вика „pipe roof“- покрив од цевки кои се инјектираат како дополнителна заштита. Во такви услови времето за градење е многу подолго за разлика на пример од тунели со добри материјали. Во случајов станува збор за карпести материјали од петта категорија кои се најлоши и кога ќе се помешаат со вода се јавуваат проблеми и затоа мора да се применува ваква специјална технологија со која градењето е побавно и поскапо“, објаснува Мославац.

Градежниот факултет како врвна експертска институција е главен ревизор на проектите и консултант на Јавното претпријатие за државни патишта во целиот процес. Ако проектите како што тврдат надлежните биле ревидирани од страна на оваа врвна експертска институција тогаш дилемата е каде е проблемот и кој и зошто затаил? 

„Истражувањето на теренот затаило. Проектите се правени многу одамна, но знаете како, инвеститорите секогаш сакаат со многу помалку пари да поминат во истражните работи и после тоа излегуваат непредвидени работи. Но тоа не е проблем само кај нас“, предупредува Мославац. 

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo (DW/M.Jovanovski)

Истражувањето на теренот затаило, вели професор Мославац

Ниска цена носи низок квалитет

Но она што е проблем и тоа подолг период во Македонија според упатените е самиот процес за избор на проектанти каде како клучен услов се наведува најниската понудена цена:

„Во таа најниска цена нормално е дека ќе добиете најслаб квалитет. Реномирани проектанти од Германија и слично се отфрлаат и тие после се чудат што и како ќе се направи кога ќе ја земе некој работата за ниска цена. За да добиете квалитетен објект мора да имате квалитетен проект, а квалитетен проект чини пари и вие со услов најниска цена не можете во никој случај да го добиете најдобриот проектант. Ние го ревидираме конкретниот проект, а за она што се изведува на терен има надзорен орган. Тунелот, а слично е и со ископите на косините, се направени според проектот, но тие едноставно не стојат затоа што се од полош материјал и сега работите нормално се прилагодуваат на условите на теренот“, коментира Мославац.

Во извештајот од надзорот кој го објави Дојче веле констатирани се проблеми со нестабилност во косините, потреба од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни и станбено деловни објекти, неусогласеност на проектната документација со состојбата на терен, потреба од дополнителни заштити и потпори на тунелите поради лошите материјали. Од Владата потврдија дека има проблеми и тоа не само со автопатот Кичево-Охрид, туку и на делницата Миладиновци-Штип. Премиерот Зоран Заев најави средби со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите со цел изнаоѓање брзо решение. Се огласи и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски кој предупреди оти стравува дека голем дел на дополнителните средства за интервенциите на терен ќе треба да бидат одвоени од државниот буџет. 

Skopje Unwetter Hochwasser Nikola Gruevski (MIA)

СДСМ го обвинуваше експремиерот Груевски дека земал милионска провизија за автопатот

Признати грешките

Дека целиот проект бил полн со грешки признаваат и од Јавното претпријатие за државни патишта кое е договорен орган со кинеската компанија изведувач „Синохидро“.  Но колку ќе чини санирањето на штетите и дали и од кого ќе се бара одговорност велат допрва ќе треба да се утврдува. 

„Треба да се провери дали воопшто било можно тие грешки да се избегнат, доколку било можно да, но доколку не било можно, тоа е тоа. Нормално е да се направат некои грешки, се работи за траса од автопат во должина од 50 километри, но колкави ќе бидат износите не можам да шпекулирам. Може да излезат поголеми суми на пари, може да се појават дополнителни работи меѓутоа точната количина не може да се каже ниту да се процени. Сите проекти кои се направени се ревидирани и се` е правено по сите прописи и процедури. Дали постојат проблеми во тие процедури и прописи не би можел да кажам“, изјави за Дојче веле директорот на ЈПДП Александар Стојанов. 

Доколку проценките за дополнителните трошоци од 100 милиони евра се покажат точни, тоа драматично ќе ја зголеми цената на автопатот Кичево-Охрид, кој и онака се сметаше за прескап. Двата проекти за изградба на делниците беа во вредност од 579 милиони евра, или над 5 милиони евра за километар пат. Изградбата на автопатиштата беше тематизирана и во т.н. „бомби“ на, тогаш, опозициската СДСМ која тврдеше дека експремиерот Никола Груевски за проектот од кинеската компанија „Синохидро“ барал провизија од 25 милиони евра. За овој тендер случај отвори и Специјалното јавно обвинителство во кој првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски. Станува збор за случајот „Траекторија“ во кој Груевски и неколку високи владини функционери се сомничат дека проектот незаконски го доделиле на кинеската градежна компанија со што според СЈО го оштетиле буџетот на Република Македонија за 155 милиони евра.

DW.COM

Реклама