Милиони за слобода-Строс-Кан пуштен од притвор | Свет | DW | 20.05.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Милиони за слобода-Строс-Кан пуштен од притвор

Речиси една недела по апсењето поради обвинувањата за наводен обид за силување, поранешниот шеф на ММФ, Доминик Строс-Кан излегува од истражниот затвор во Њујорк. Судот одлучи да го ослободи со кауција од милион долари.

default

Надвор од затвор, но под многу строги услови, Доминик Строс-Кан

Покрај кауцијата од милион долари, судијата Мајкл Обус одлучи поранешниот шеф на ММФ да приложи уште пет милиони долари како гаранција, а по ослободувањето Доминик Строс-Кан мора цело време да биде во домашен притвор, во стан во Менхетен, каде ќе биде чуван нон-стоп од вооружени чувари. Инсталирани ќе бидат и камери. Покрај тоа, Строс-Кан мора да носи и електронска безбедносна гривна и мора да го предаде пасошот. Посетите се строго ограничени. Судијата смета дека Строс-Кан самиот треба да ги плати трошоците за сите овие безбедносни мерки, што според обвинителството ќе изнесуваат повеќе од 200.000 долари месечно.

Dominique Strauss-Kahn Gericht IWF 19.05.

Консултација со адвокатот Вилијам Тејлор

И формално обвинение против Строс-Кан

Пред да биде донесен заклучокот за ослободување од истражен притвор, поротниците и формално го обвинија Строс-Кан. Тој се товари дека во саботата (14.05) наводно нападнал собарка во хотелот „Софител“ во Њујорк, во кој што бил сместен, и се обидел да ја принуди на орален секс. Поранешниот шеф на ММФ ги отфрла обвинувањата и тврди дека е невин.

Наредниот термин за судско сослушување е закажан за 6 јуни. Ако Строс-Кан се изјасни за невин, ќе следува судски процес. Доколку, пак, признае вина, може да постигне договор со американските правосудни органи и да избегне судски процес. Строс-Кан поради обвинувањата даде оставка на функцијата шеф на ММФ, за како што наведе во своето формално писмо упатено до Фондот, да го заштити семејството и ММФ.

Автор: ЕМФ/ЖА/афп

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM

Реклама