Милиони евра се вртат од шверц на мигранти и дрога во Западен Балкан | Северна Македонија | DW | 11.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Милиони евра се вртат од шверц на мигранти и дрога во Западен Балкан

Пандемијата не влијае на бизнисот со мигранти и дрога во регионот. Некои мигранти ја нарекуваат Северна Македонија како „Мафидонија“ поради нејзината репутација за криминал.

Пазарот за шверц на мигранти во Западниот Балкан вреди најмалку 50 милиони евра годишно. Иако оваа сума е далеку под просекот на илегалниот профит создаден за време на хуманитарната криза од 2015 година, сепак таа покажува дека се уште има одреден активен пазар за шверц на мигранти низ регионот, кој е спротивен од напорите за затварање на „Балканската рута“. Ова се наведува во новиот извештај на Глобалната иницијатива против Транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК), кој овозможува детална слика за цените и рутите за дрога и мигранти кои се шверцуваат низ регионот на Западен Балкан и фрла светлина врз големината на профитот кој се генерира од перењето нелегални пари.

Криминал во време на пандемија

Пандемијата на Ковид-19 се чини не ги попречи значително овие нелегални активности. А, доказ за тоа е што и во текот на 2020 година не сопре притисокот на мигрантите и барателите на азил врз границите во регионот, кои по секоја цена сакаат да ги напуштат завојуваните региони и со своите семејства да заминат во некоја од европските земји.

Ризичен и опасен е патот кој го минуваат мигрантите во обид за поминат десетици граници пред да стигнат до крајната дестинација. Понекогаш има извештаи за грабеж и тепачки меѓу мигранти, на пример во камповите. Исто така, има извештаи за некои мигранти, особено од Авганистан и Мароко, кои користат или тргуваат со дрога. Жените, особено оние кои патуваат сами, се подложни на силување или принудени да плаќаат за своето патување со сексуални услуги. Има сè повеќе извештаи за очајни мигранти кои стануваат жртви на трговија со луѓе, вклучувајќи питачење, ситни криминали, присилна работа и сексуална експлоатација.

-повеќе на темата: Жариштата на организираниот криминал во Македонија

„На некои граници, како меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, полицијата и граничарите имаат жестока репутација, вклучително и за тепање мигранти кои се фатени и им ги земаат парите и предметите. Кражбата е исто така ризик. Како што забележа хуманитарен работник во Северна Македонија, „многу често шверцерите ги земаат сите пари од бегалците, а потоа ги оставаат на патот или на некоја планинарска патека за мигрантите да не можат да се ориентираат таму каде што се“. Постојат дури и извештаи за изнуда, киднапирање и уцена“, се вели во извештајот. Во него се нотира дека некои мигранти ја нарекуваат Северна Македонија како „Мафидонија“ поради нејзината репутација за криминал - не само поради она што го извршиле македонски граѓани, туку и шверцери од Блискиот исток и Северна Африка. Повеќето мигранти и баратели на азил влегуваат во Западен Балкан од Грција или околу Гевгелија во Северна Македонија или во близина на Какавија и Капштица во Албанија.

Според извештајот, проценката на пазарот за криумчарење мигранти на јужната граница на Западен Балкан се движи од 11,8 до 17,7 милиони евра на границата меѓу Грција и Северна Македонија и од 7,5 до 11,5 милиони евра меѓу Грција и Албанија. Вкупно, во 2020 година може да се процени дека бизнисот со криумчарење мигранти на главните влезни точки кон Западен Балкан на границите меѓу Грција и соседните Северна Македонија и Албанија е во опсег од 19,5 до 29 милиони евра. Проценките се дека лани заработката на пазарот за криумчарење мигранти во регионот се движела од 33,7 до 50,6 милиони евра. Според полицијата, граничните власти спречиле скоро 25 000 обиди на мигранти илегално да влезат во С. Македонија од Грција од јануари до септември 2020 година.  

Границите порозни и за дрога

Рутите за мигрантите, многу често се и рути по кои се движи и дрогата. Во извештајот се наведува дека шесте земји од Западен Балкан остануваат голем транзитен регион за трговија со канабис и хероин и, сè повеќе, кокаин и синтетички дроги. Неодамнешните сознанија покажуваат како дрогата се внесува во регионот, се складира (обично во близина на логистичките центри), се сече, се пакува и се дистрибуира на подалечните пазари. Општо, канабисот се движи на исток од Албанија, додека хероинот се движи западно од Турција, минувајќи низ Северна Македонија и Косово пред да биде испратен во Западна и Централна Европа.

-повеќе на темата: Србија протерува баратели на азил - и тоа во ЕУ

Со канабис од Албанија се тргува во неколку насоки. Некои се превезуваат со брод до Италија. Канабис стар шест месеци од Албанија вреди од 1.800 до 2.000 евра во Италија. Друга популарна рута за трговија оди јужно преку Охрид и Битола во Северна Македонија кон Грција. Исто така, канабисот се шверцува од Албанија во Грција со брод, преку планините или преку неколку премини. По преминувањето на границата од Албанија кон Северна Македонија, цената на еден килограм канабис се зголемува за 10% до 2.000 до 2.200 евра. Канабисот што се одгледува во затворени простории во Албанија има поголема концентрација и квалитет на ТХЦ (активното соединение, тетрахидроканабинол) од оној што растел на отворено, што значи дека еден килограм може да се продаде во Грција за околу 2.800 евра и во Италија за 3.200 евра, се посочува во извештајот. 

Дел од канабисот произведен во Северна Македонија стигнува и до Прешевската долина. Големопродажната цена на еден килограм канабис се зголемува од околу 2 000 евра во Северна Македонија, на помеѓу 2.200 и 2.400 евра во Прешевската долина. Штом канабисот стигне до Белград, големопродажната цена за еден килограм е помеѓу 2.000 и 2.500 евра, што е на исто ниво со активните пазари на дрога на централна и западна Европа. Проценките се дека околу 60 до 65 тони хероин протекуваат низ југо-источна Европа секоја година. 

-повеќе на темата: Спас од кампот Липа во БиХ - зимскиот затвор за мигрантите

Што се однесува до хероинот, тој влегува во Западен Балкан од Турција преку Бугарија и, во помала мера, и од Грција. Се проценува дека големопродажната цена на еден килограм хероин во Турција е околу 10.000 до 13.000 евра.  Главна влезна точка за хероин во Северна Македонија, се наведува дека е областа околу Делчево. Оваа траса оди преку Кочани, Штип и Велес, а оттаму на север кон Скопје. Во овие региони, килограм хероин се продава на големо за цена од 12.000 до 15.000 евра за килограм.

„Трговците, шверцерите, но и оние кои ги перат парите ги привлекуваат места каде има низок ризик за влез преку границите, бизнисите, но и банкарските системи. Најголем број од трансакциите во ’подземјето’ не би биле возможни да се извршат без притоа тие да имаат соработници’, се наведува во извештајот, кој ги надгледува и секторите и жариштата каде се перат пари. Во него се истакнува дека нелегалните заработки се создаваат во региони каде истовремено се перат и парите, а криминалните групи од Западен Балкан создаваат и големи профити (најмногу од трговија со дрога) надвор од тие региони.