Милиони евра испрани во Германија? | Информации и анализи за Германија | DW | 13.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Милиони евра испрани во Германија?

Во Париз денеска започна голем процес во борбата против перењето пари. Станува збор за добро вмрежена група обвинети кои со години переле пари за јужноамериканските кокаински картели - во прв ред во Германија.

Германско-белгиска граница кај Ахен-Лихтенбуш, на крајот на јули 2015 година: непосредно по пладне, сојузната полиција стопираше еден Мерцедес Ц класа со бременски регистрации, кој штотуку беше влегол од Белгија во Германија. За воланот: млад човек, кој како и неговиот сопатник е роден во Либан и живее во место во близина на Бремен. Двајцата изјавија дека биле во Белгија на шопинг. Но при  пребарување на возилото, сепак, службеници во спортските торби меѓу алиштата пронајдоа сокриени 489.000 евра, во мали апоени.

Натамошната истрага од страна на царинската служба во Есен покажа дека на торбите имало траги од кокаин. Без претходно да го знаат тоа, истражителите при рутинската контрола налетале на двајца членови на групата која меѓу Европа, Западна Африка и Блискиот Исток, шверцувала луксузни часовници, накит и автомобили во вредност од десетици милиони долари. Стотиците страници од истражните документи, кои им беа достапни на новинарите на НДР, ВДР и БР, овозможуваат редок увид во она што инспекторите го сметаат за глобална мрежа за продажба на кокаин и перење пари.

Мрежа во Западна Европа

Во февруари, агентите од Агенцијата за борба против дрогата на САД (ДЕА) успеаја да пресретнат телефонски повици од наводни членови на колумбиски нарко картел во кои било разговарано за префрлање на профитот од продажбата на дрога во Јужна Америка. Оваа информација предизвика голема истрага во Франција, што резултираше со стотици прислушувани телефонски повици и бројни тајни операции за надгледување. Иследниците брзо идентификуваа неформална мрежа низ цела Западна Европа со краци на Блискиот Исток, Африка и Јужна Америка.

Сега се обвинети вкупно 14 лица, за кои се вели дека „испрале“ десетици милиони евра од шверц со дрога. Речиси сите од нив се либански граѓани или имаат семејни корени во Либан. Иследниците случајот го нарекоа „Кедар", според дрвото обележје на либанско знаме. Според истражните документи, се претпоставува дека мрежата била активна во Европа, но била контролирана од Либан и во нејзиниот зенит перела околу еден милион евра неделно, дури и во Германија.

Од Либан директно во Јужна Америка

Истрагата заврши со операција во јануари 2016 година, во која полицајците во шест земји претресуваа домови, уапсија обвинети лица и конфискуваа повеќе од 800.000 евра во готовина. И во Германија беше извршен претрес во неколку станови во градовите Диселдорф, Минстер и во областа околу Бремен, и притоа беа уапсени четворица осомничени.

Групата настапувала хиерархиски: некои од членовите, како на пример мажи уапсени во Ахен, ја собирале готовината од продажбата на дрога во Белгија, Шпанија, Италија, Франција и Германија. Парите потоа им ги предавале на други членови на групата, кои купувале накит, луксузни часовници и скапи автомобили за да ги пренесат овие стоки во Либан, каде што биле продавани. Приходите од продажбата, тврдат истражителите, потоа директно од Либан оделе до картелите во Јужна Америка, кои пак го испорачувале кокаинот во Европа.

Клучна точка на нелегалниот бизнис била и Германија. Двајца обвинети живееле во Минстер, односно Диселдорф, а уште двајца во близина на Бремен. Процесот исто така може да има непријатни последици за четворица германски продавачи на накит. „Истрагата покажа дека веројатно во периодот од 2011 до 2015 година, овие продавачи земале над 20 милиони евра од овие осомничени лица, секогаш доставени во готовина и секогаш доставени во пластични кеси", изјави портпаролот на обвинителството во Ахен. Против четворицата јувелири сега се спроведува истрага по обвинение за несвесно перење пари.

Експертите веруваат дека осомничените сторители не тргнувале случајно на шопинг тури од Германија. Борбата против перењето пари во Германија заостанува во споредба со соседните европски земји. „Целосно е прифатливо да се плаќа за луксузни стоки или дури и за недвижен имот со готовина", се жали политичарот  Свен Гиголд, пратеник од редовите на Зелените во Европскиот парламент. Иако бројни трговци се обврзани со Законот за перење пари да пријавуваат сомнителни исплати, ова ретко се случува.

Повеќе:

-Плаќањето во кеш да се укине?

Всушност, единицата за финансиско разузнавање на царинската управа (ФИУ) минатата година добила 60.000 пријави за сомненија за перење пари, но само 216 од нив биле за јувелири, дилери на автомобили и други трговци со стоки. Портпаролот на ФИУ истакнува дека сериозно се сфаќа проблемот. Во наредната година тие сакаат директно да им пристапуваат на трговците со стоки за да ги сензибилизираат за проблемот. Покрај тоа, тие сакаат да ја подобрат соработката со надзорните органи во земјите. Судскиот процес во Париз е планирано да трае до крајот на ноември.

DW.COM

Реклама