Милиони Германци работат на повеќе работни места | Економија | DW | 06.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Милиони Германци работат на повеќе работни места

По осумчасовно работно време, уште работа на друго место? Немање слободен викенд зашто мора да се работи на второто или третото работно место? За многу луѓе во Германија тоа е секојдневие.

Кога 43-годишната Керстин Шмит (името е променето, н.з.) во петок попладне ќе се врати дома по 40-часовната работна недела, брзо готви нешто за двата сина, се пресоблекува, можеби малку здивнува и тргнува на второто работно место. Таа од понеделник до петок работи во адвокатска канцеларија, а на викенд на гардеробата при карневалски собири. „Веќе десет години имам дополнителна работа, затоа што парите никогаш не се доволно за три лица да може да се прехранат, облечат и.т.н.“, вели Шмит за ДВ. За нејзе тоа често значи седумдневна работна недела. „Не успевам вистински да се разбудам (а веќе одам на друго работно место). Но, не можам ниту да си дозволам да останам без втора работа.“

Шмит е една од околу 3,4 милиони луѓе во Германија кои имаат повеќе работни места. Во 2003 година нивниот број беше 1,4 милиони. Повеќето од нив имаат главна професија, каде се плаќаат придонеси, а потоа се вработуваат и на дополнително работно место. Тоа е најчесто мини-работа каде приходот месечно не надминува 450 евра.

Причините за мини-работа се различни, вели Енцо Вебер, раководител на оддел во Институтот за пазарот на работа и истражување на професиите (ИАБ). Тој смета дека најголема причина за мини-работата се големите поволности. „Првата мини-работа која работникот ја работи дополнително е ослободена сосема од даноци и други давачки. Тоа е силна субвенција која, се разбира, сакаат да ја искористат многу луѓе.“ Правната регулатива значи ја прави мини-работата атрактивна за многу работници.

Infografik Mehrfachbeschäftigte in Deutschland DE

Луѓе со повеќе работни места во Германија (во милиони)

Голо преживување

Но, мотивите на работниците да се нафатат на уште една работа, се различни. Керстин Шмит на своето главно работно место заработува 2600 евра бруто, а на крајот за живот ѝ остануваат околу 1650 евра нето. Половината оди за станарина, вели таа. За двата сина никогаш не добила издршка од другиот родител, па мора да работи дополнително на уште едно, или две работни места - како келнерка, касиерка или во други услужни дејности. „Никогаш не станува збор за луксуз, за штедење или за одмор, туку секогаш само за пари за преживување“, вели Шмит.

Повеќе од четири милиони вработени со полно работно време работат во секторот на ниски примања. Тие заработуваат помалку од 2200 евра бруто месечно.

Вебер вели дека дополнителна работа бараат пред сѐ луѓето кои се вработени во услужните дејности, во воспитната дејност, здравството или административните професии. Тие со работа во угостителството, местата за забава или во трговијата на мало заработувата по уште неколку стотини евра месечно плус.

Infografik Anteil der Mehrfachbeschäftigten an den Gesamtbeschäftigten DE

Удел на луѓе со повеќе работни места во вкупниот број вработени во Германија (во проценти)

Промена

Но, не може паушално да се заклучи дека кога се имаат повеќе работни места секогаш се работи за пари за преживување, нагласува Вебер. И други фактори придонесуваат за барање дополнителна работа. На пример, сѐ повеќе луѓе работат со скратено работно време на своето главно работно место за да имаат повеќе време за дополнителна работа. Така е на пример во сферата на негата.

„Нив не им е примарно до заработување на повеќе пари“, вели Јохана Книпел од Германскиот сојуз на негуватели (ДБфК). „Тие работат со скратено работно време затоа што оптоварувањето на работното место е преголемо. Некои велат: порадо ќе работам со скратено работно време и потоа дополнително ќе одам да чистам. Тоа е исто така напорно, но генерално ќе се чувствувам подобро.“ Значи, повеќе работни места за да се избегне големото оптоварување на главното работно место.

Други вработени, како Натали Дедерихс, имаат две работни места заради промена и затоа што втората дополнителна работа им лежи на срце. Дедерихс работи 32 часа неделно во сферата на т.н. домување со згрижување. Покрај тоа има мини-работа - околу шест ноќи во месецот е во заедницата на домување за луѓе со ментална попреченост или епилепсија. Дополнителната работа ја почнала уште во текот на студиите. „Во меѓувреме сум многу поврзана со своите колеги и жителите во таа заедница“, вели 31-годишната Дедерихс. Нејзе не ѝ е до пари, но, како што вели, „ми годи разликата помеѓу двете работи“.

Nathalie Dederichs (privat)

Натали Дедерихс работи на две места

Ретко која земја има толку „мини-џобери“ како Германија. „Ако се направи споредба на европско ниво, Германија е осамена на врвот“, нагласува Вебер. Дури и во САД бројот на „мини-џобери“ процентуално не е толку висок како во Германија.

Истражувачот на пазарот на труд гледа критички на големите даночни повластици кои ја прават мини-работата толку атрактивна. Лицата кои имаат повеќе работни места, на својата дополнителна работа не уплаќаат во пензискиот фонд. „Тоа не е многу одржливо“, вели Вебер. „И, дополнителната работа во најголемиот број од случаите не ви носи професионален напредок, кој ќе ви овозможи подобра интеграција на пазарот на работа.“

Повеќе: 

Многу работа, мала пензија: Германија дискутира за воведување минимална пензија

Новиот побрз пат до работа во Германија сѐ уште не е истапкан

Поголема слобода

Тоа не го бараат сите „мини-џобери“. Многумина бараат втора работа за да можат да си дозволат повеќе работи - одмор, посета на ресторан или хоби. Така е и со Мелани Н. од Бон. И таа работи со полно работно време во адвокаста канцеларија, а на викендите помага во дискотека.

Гледај видео 02:36

#DE_facto: Сѐ повеќе луѓе од Западен Балкан легално работат во Германија

Иако мини-работа не ѝ е неопходна за да преживее, тоа ѝ дава сигурност. „Добро е да знаеш дека можеш нешто и да оставиш настрана“, вели 31-годишната Мелани за ДВ. „Тоа ти овозможува финансиска слобода, да не мораш секое евро да го превртуваш двапати.“

Иако бројот на „мини-џобери“ се зголемува, Вебер укажува дека ако се земе предвид оти во Германија има околу 40 милиони работници, тоа „во никој случај не е феномен кој зафаќа голем број работници, но е нешто што постојано расте со текот на годините“.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама