Миланските палми им пречат на десничарите | Свет | DW | 20.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Миланските палми им пречат на десничарите

За разлика од палмите во Скопје кои смрзнуваат, во Милано тие деновиве „горат“. Неодамна посадените палми во близина на Миланската катедрала беа запалени по одржувањето на националистички протест.

Противењето на италијанските десничари-националисти кон странците повеќе не се однесува само на луѓето, туку истото важи и за дрвјата.

Палмите, кои инаку не потекнуваат од Италија, беа засадени во близина на познатата катедрала во Милано. Палмите беа запалени во ноќта по одржувањето на саботните протести организирани од антиимигрантското движење „Северна Лига" и радикалното десничарско движење „Каза паунд".

Движењето „Каза паунд" на својот Твитер- профил објави дека палмите се потсмев за италијанската култура. За време на протестот, демонстрантите веејеа италијански знамиња и голем транспарент на кој беше напишано дека се врши „африканизација“ на историскиот плоштад.

Познат инженер по хортикултура за дневниот весник Ла република напиша еднострана критика во која проектот за садење на палми го опиша како „неоготска глупост" која се движи по „границите на кичот".

Претседателот на „Северна Лига" се соочи со жестоки реакции откако на Твитер напиша дека на сцената недостигале „песок, камили и нелегални мигранти кои ќе се чувствуваат како дома“, на што еден од неговите поддржувачи реплицираше дека за навистина да се чувствуваат како дома, над познатата катедрала недостига уште да се подигнат минариња.

Палмините дрвја беа засадени во четвртокот во близина на готската катедрала Дуомо во Милано, изградена во 14-ти век.

Критичарите велат дека проблемот не е само во палмите - растенија што не потекнуваат од Италија - туку и во тоа што тие се спонзорирани од Старбакс.

Садењето на палмите во близина на готската катедрала е дел од проект кој го организира градот во вид на јавно-приватна иницијатива за периодично дополнување на зеленилото во градот.

Старбакс доаѓа

Американскиот ланец на кафетерии се согласи да го спонзорира проектот во пресрет на влегувањето на италијанскиот пазар на кој што доминира мрежа од независни кафе барови и кафулиња.

Иако палмите не потекнуваат од Италија, тие се честа глетка во Рим, на ривиерата, а сега и во Милано.

Палмите беа користени од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини како симбол на краткотрајната африканска империја на Италија. Новозасадените палми се отпорни на студено време и се очекува да ги преживеат италијанските зими.

Italien Mailand Protest gegen neu gepflanzte Palmen (Getty Images/AFP/G. Cacace)

Најмалку три палми пред плоштадот Дуомо во Милано беа запалени.

Архитектот Марко Беј кој победи на јавниот конкурс за уредување на просторот изјави дека не е целосно изненаден од контроверзноста која ја предизвикаа палмите „затоа што во Милано не е лесно да се види нешто ново“.

Тој ги отфрли критиките дека палмите не припаѓаат во градот, потенцирајќи дека низ градот веќе има стотици. Навистина, некои палми во Италија се постари и од самата држава – тие биле донесени на полуостровот од аристократите уште на почетокот на 18-от век.

„Идејата ја добив гледајќи го просторот“, изјави Беј, додавајќи дека дрвјата потсетуваат на столбовите на тремовите кои го опкружуваат плоштадот и куполите на катедралата Дуомо. „Сакав растенија кои создаваат архитектура и сценографија“.

Сепак, не се сите критични кон новиот изглед. Марио Говерна, сопственик на барот кој се наоѓа спроти палмите изјави дека продажбите се зголемиле за 25% затоа што многумина доаѓаат да видат за што станува збор.

(АФП/АП)

Реклама