Мигрантската криза ја потопи обединета Европа | Свет | DW | 06.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мигрантската криза ја потопи обединета Европа

Малку кој веќе не разбира дека пред короновирусот- кому не му е гајле за суверенизмот, национализмот или патриотизмот- како и пред бегалската криза, проблемот е заеднички и само заеднички може да се реши.

Отварањето на мигрантската рута која од Турција води кон Европа, преку вода и преку копно, каде неизбежно поминува и низ Македонија, се потврдува како најефикасното оружје за уценување на ЕУ и делумно на НАТО, во плановите на Ердоган да ги вовлече и да ја продолжи својата приватна војна во Сирија. Новата бегалска криза настанува после разгорувањето и влошувањето на конфликтот околу Идлиб, на северот од Сирија, каде Турција директно се судира со силите на претседателот Асад, во голема мера потпомогнати од Русија. По големите човечки загуби на теренот, како последица на ескалацијата на судирите, и фактот дека нови милион бегалци се на пат кон Турција, Ердоган одлучува да ги отвори границите кон ЕУ, со двојна цел: одново да ги примора европјаните да се фатат за новчаникот и да му платат за задржување на бегалците, и уште поважно, да се обиде да ги втурне Европа и НАТО во воениот судир кој самиот допринесе да стане бесконечен и се покомплициран.

Тука нема да се бавам со воените аспекти на оваа трагична војна и криза која трае речиси цела деценија, туку со последиците кои од неа произлегуваат по Европа и нејзината иднина.

Во средата претседателите на Европската Комисија, Европскиот Парламент и Европскиот Совет – Урсула Вон Дер Лејен, Давиде Сасоли и Шарл Мишел ја посетија копнената граница на Грција со Турција, во напор заедно со Мицотакис на лице место да ја констатираат драматичната состојба и да изразат солидарност кон Грција.

Вон Дер Лејен се заблагодари до грчката конзервативна влада што се издигнала како штит на Европа и потврди дека заедничката линија на ЕУ во однос на мигрантската криза нема да се промени. Одговорноста ќе се префрлува и понатаму на Ердоган за влошувањето на состојбите на турско-грчката граница, како последица на бесконечната војна во Сирија. Европа преку Лејен ја потврди трагичната тавтологија која ја слушаме со години и која се има претворено во политичка флоскула: „Оваа граница не е само Грчка, таа е граница на Европа“.

Гледај видео 01:38

Сѐ повеќе бегалци на границата, сѐ поголеми тензии

Ваквите зборови додека казнени експедиции на неонацистичката Златна Зора водат лов на бегалци или претепуваат новинари и преставници на НВО, додека грчката крајбрежна служба пука врз гумењаците и ги тепа бегалците без никакво воздржување, додека се повеќе крвави траги остануваат на бодликавите жици, всушност говорат дека Европа по втор пат во 5 години, го експериментира својот најголем неуспех во последните неколку децении.

Кризата која почна во 2015-та година, и која Европа мислеше дека ја реши потпишувајќи договор со Ердоган да задржи на свое тло речиси 3,5 милиони бегалци, за што пак доби 6 милијарди евра од Европската Комисија, сега ја покажува сета политичка кратковидност и хуманитарна катастрофа која можеше да биде избегната или барем делумно стопирана со заедничка европска миграциска политика.

Повеќе на темата:

-Како Анкара и Атина ги злоупотребуваат бегалците

-На која карта игра Ердоган со бегалците?

-ЕУ цврсто застана зад Грција во справувањето со мигрантите

Но, Европа уште тогаш реши да ја сокрие главата во песок, да се залажува дека Ердоган ќе остане верен на договореното, дека парите го купуваат мирот, дека домашните деструктивци и суверенисти ќе исчезнат ако бегалците престанат да тропаат на Европската врата.

Наместо сите тие заблуди, следува следното жестоко освестување. Испаѓа дека Европа овие 5 години му плаќаше на Ердоган за потоа да биде ставена во ситуација да биде уценувана од него. Ердоган всушност два пати заработи од договорот со ЕУ: од економски аспект и од стратешки аспект. Ердоган поседува милионска „човечка бомба“ која може да ја детонира кога и да посака. Европа пак два пати загуби: уценувана е за свои пари, и како второ загуби драгоцено време кое можеше да го искористи доколу разработеше политички мудра и хуманитарно одговорна политика на прераспределба на бегалците низ земјите од ЕУ.

Сметам дека веќе е банално да се објаснува колку одговорноста на неколку недисциплинирани европски автократски држави придонесоа за отсуството на заеднички европски договор, и колку дополнителната појава на нови автократски настроени и суверенистички сили низ Европа е всушност последица од бегалската криза.

Сега и покрај моралната поддршка од ЕУ за Грција, мораме да стравуваме дека на веќе ретроградна Унгарија и Полска, Италија која едвај политички се одржува без власт на национал-суверенистите, демократската деклинација која секојдневно ја гледаме во Германија или Франција, дека и Атина може да забега кон се поголем национализам и клаустрофобија. Нешто, што би имало последици и по нашата земја.

Грција суштински е оставена сама. Не е случајно ова насилство што го гледаме врз бегалците, како и фактот дека Грција ги суспендираше новите барања за азил, нешто што е спротивно на меѓународното право. Новата влада на Мицотакис веќе почна да ја заострува својата миграциона политика, опасно прилижувајќи се и прегрнувајќи ја линијата на Орбан. Постои и друг аспект, а тоа е дека во договорот со Турција, не е само Анкара која не остана доследна. Една од точките беше и заложбата на ЕУ од 2016-та година да почне да ги редистрибуира и апсорбира преку 160-те илјади бегалци веќе заробени во Грција. Во 4 години ЕУ зема само 21 илјада, што само го потврдува ставот на Атина дека е оставена сама на себе.

Уште еден пак грчки и европски проблем, е што Грција е оставена сама и во судирот со својот вечен непријател Турција. Од силните тензии во Егејот, договорот меѓу Турција и Либија за територијалните води (каде испаѓа дека Крит не постои) Грција е оштетена од турските енергетски истражувања под заштита на нивните воени бродови. Сега судирот продолжува и се влошува со бегалците. Со други зборови, Европа својата пропаст ја забележува на грчкото копно, на Лезбос, во Егејот.

Европската трагедија лежи во постојаното бегање од трајни политички решенија и нови заеднички политики. Во овие 5 години можеше да се реформира апсурдниот и перверзен Договор од Даблин според кој товарот за бегалците паѓа секогаш врз земјата каде е направен прием или првиот влез. Не може во рамки на ЕУ да се одржува слична географска нееднаквост, каде земји како Италија, Шпанија и Грција, секогаш би биле оставени на својата судбина.

Можеше да се работи на заедничка европска позиција околу конфликтите во Сирија и Либија, можеа да се зголемуваат наместо да се кратат националните и европските фондови за бегалци и за хуманитарна помош. Но, највеќе од се можеа да се активираат веќе донесените и никогаш применети планови за соочување со неочекуван пораст на бегалци, и можеби најважно, конечно да се воспостават хуманитарни коридори кон ЕУ за прераспределба на бегалците.

Проценките се дека трошоците за еден бегалец од моментот кога би влегол во програма за прераспределба во бегалските кампови до првите фази на инклузија се некаде околу 10 илјади евра. Од шесте милијарди дадени на Турција, ако ги поделиме на 10 илјади, испаѓа дека со иста економска инвестиција Европа можела да спаси 600 илјади бегалци. Говориме да ги спаси како луѓе и самата да си помогне, бидејќи повеќе нема земја во ЕУ на која не и требаат овие луѓе. Сега на прашањето, а што правиме со уште речиси 3 милиони бегалци - прашањето тогаш треба да се претвори во одговор дека за решавање на проблемот требаат повеќе пари, но и дека ако имаш заедничка европска политика, тогаш ќе можеш да влијаеш и на конфликтот во Сирија, па и сите оние актери кои профитираат од тој конфликт, како Турција, Русија, Иран, Саудиска Арабија, Израел, и тие да си понесат дел од товарот.

Во секој случај, секоја заедничка европска политика - наместо да се дозволи да биде блокирана од една Полска или Унгарија, без никаква казна за нив, или од која и да е друга национална себичност - ќе беше далеку поисплатлива, и економски и стратешки и геополитички. Доколку Европа реално преземеше нешто во овие 5 години, можеби ќе платеше повеќе од економски аспект, но ќе си дадеше нова политичка и стратешка смисла на своето постоење, нова витална линфа, каде заедно со проширувањето на Македонија и Албанија, ќе создадеше слика дека расте и се развива, дека е сила сама по себе, а не распарчена банда од држави, внатрешно и надворешно уценувана. Наместо тоа Европа се сведе на наемник кој плаќа кирија за затворска, речиси логорска енклава во рамките на турската држава, што придонесува таа држава дополнително да се деспотизира и милитаризира.

Знаеме добро дека Европа е збир на интереси кои најчесто се спротивставени меѓу нејзините членки. Од таа причини Европа пати од ситуациите на несигурност. И кога различните интереси не им се јасни на сите, тогаш настанува уште поголем хаос.

И сега тоа го гледаме пред два глобални настани и две парализирачки кризи, оној со коронавирусот и овој со бегалците. И двете кризи во суштина се последица на неуспехот на националните држави да се соочат со проблеми кои спаѓаат под нивна национална компететност и суверенитет. И здравствените политики, како и миграциската политика и надворешните граници, се под суверенитет на националните држави. И сега тие национални држави, кај не можат сами да се соочат со проблемите под нивна надлежност, кај не наоѓаат заедничка политичка линија во рамки на ЕУ, кај пак претендираат на сувереност и национални политики.

Малку кој веќе не разбира дека пред короновирусот - на кој не му е гајле за суверенизмот, национализмот или патриотизмот - како и пред бегалската криза, проблемот е заеднички и само заеднички може да се реши.

Сега јасно е дека не е лесно да се најде баланс меѓу, пример, здравствената заштита, одбраната на економијата и слободата на движење или општествениот живот во заболените места. Исто е тешко да се каже каде е рамнотежата помеѓу заштитата на човековите права и националниот суверенитет. Се тоа се тешки прашања, но денес тоа што отсуствува е волјата воопшто да се дојде до некаков тежок одговор. Во исто време не можеме да кажеме дека не ни се има претворено во секојдневна нормалност да гледаме како стотици илјадници луѓе се мачат, се измачувани, како деца умираат за ништо, како светот околу нас, на границите од најразвиениот континент на планетата, се има претворено во состојба на заробеност и злостор.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

-Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот

-Примирје во Студената војна меѓу САД и Кина

Хуманитарните катастрофи не се само морални трагедии, тие се пред се политички неуспеси. Да не им се помага на бегалците кои го ризикуваат својот живот и умираат од глад и болести, не е само нечовечки, тоа е спротивно на правото и на нормите на кои сме се обврзале. Обединета Европа е изградена на тие правни столбови кои денеска самата ги руши.

Од политички страв кон националистите и суверенистите, Европа фактички е заробеник на една деструктивна идеологија, и потоа плаќа неверојатна цена, односно сите посебно ја плаќаат, затоа што отсуството на интеграции и европска координација околу кризите, потоа политички и економски им се удира од главите на сите земји засебно. Неколку суверенистички држави ја втурнаа Европа во криза која парализира, и која ако не се реши, ќе ги зарази сите, една по една. И денес гледаме и понатаму како се мисли дека решението е во границите, во градењето ѕидови, наместо во градењето заеднички политики на отвореност, интеграции и инклузија. Денес, давењето на ЕУ кај Лезбос е всушност давењето на Европа во потопот на своите национални држави.

Човек не може, а да не чувствува вина пред оваа хуманитарна катастрофа. Премногу слични трагедии сме преживеале ние луѓето од Балканот за еден човечки живот. Но, ми се буди и доза на цинизам кон политичката коректност и европската хипокризија кога ги гледам сликите од Лезбос или границата со Турција. Заклучокот ми е: светот вака не може да издржи!

Ваква димензија, ваква пропроција, ваква нехумана состојба на нееднаквост и нееднаков третман не може во иднина да произведат ништо друго освен очај, депресија и војни. Луѓето со краток здив и поглед стравуваат од бегалците како носители на болести, крадци на работа, ги гледаат како шпиони и терористи. Верувајте, тоа што сите ние го правиме, за во овие луѓе да се претворат, утре ќе биде многу, многу пострашно од нашите сегашни заблуди и стравови. 

Европа капитулираше и потона на секое поле - правно, економски, хуманитарно, политички и стратешки. Огромен подарок од Европа за националистите како Орбан, Салвини, Ле Пен или неонацистите од Златна Зора кои во меѓувреме ќе се иживуваат врз бегалците, без воопшто некој да почувствува индигнација, срам, бес или презир.

 

Реклама