Мигрантите сега жртви и на лажни вести | Информации и анализи за Балкан | DW | 15.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Мигрантите сега жртви и на лажни вести

Мигрантската криза и натаму е топ тема во БиХ. Но сѐ поголем е проблемот со лажни вести за нив кои се шират со брзина на светлината на социјалните мрежи, предизвикувајќи паника, страв, но и омраза кон мигрантите.

„Киднапирани девојки во Посушје“, „Силувана девојка во Мостар“, „Нападнати девојки во Мостар“, „Мигранти ставиле нешто во пијалоците на девојки во клуб“ - се само некои од вестите кои во последно време кружат на социјалните мрежи, предизвикувајќи страв и омраза кон мигрантите кои често се гледаат во овој град.

Полицијата демантираше сѐ, со тврдење дека станува збор за измислици и апел со населението да не наседнува. „Нема никакви киднапирања. 'Случајот' е решен и го измислија девојки под влијание на алкохол“, ја смируваат јавноста од Полициската управа во Посушје.

Никој не ги проверува лажните вести

Развојот на современите комуникациски технологии, пред сѐ социјалните мрежи, овозможуваат и неверојатна леснотија во протокот на информации. Меѓу нив има и такви на кои е тешко да им се одреди веродостојноста, но и испраќачот и неговите цели. Тоа не е случај само во Босна и Херцеговина, туку и во сите други земји кои непосредно или посредно се поврзани со проблемот на мигрантите.

Меѓутоа, додека никој не се занимава со проблемот на ширење лажни вести и дезинформации за миграните во БиХ каде што е актуелна т.н. мигрантска рута, истражувачкиот тим на француската организација France24 Observers веќе подолго време ги анализира и истражува лажните вести за мигрантите кои се појавуваат низ Европа и светот. Досега забележале речиси 170 примери на лажни вести кои се поткрепени со фотографии од друг случај. Овие „вести“, поради својата сензационалност и плодното, читачко, тло многу брзо станаа вирални.

Меѓу последните во оваа низа е и случајот од Оточиќ во Хрватска, а тоа е воедно и прв случај каде полицијата поднесе прекршочна пријава поради ширење лажни вести против еден маж кој измисли дека го нападнале мигранти, а лажната снимка ја испрати на една новинарка. Во БиХ сѐ уште никој не е казнет поради ширење лажни вести иако за тоа постојат законски основи. Нада Далипагиќ, адвокатка од Мостар, за ДВ вели оти за тоа се можни и затворски казни до 3 години.

Создавање негативна перцепција за мигрантите

Професорот на безбедносни студии од Факултетот Унион во Мостар, Санди Диздаревиќ смета дека ширењето на лажни весто сериозно може да ја загрози безбедноста на социјалниот аспект.

Тој нагласува дека во „последните неколку месеци, низ одделни медиуми и на социјалните мрежи се пренесуваат дезинформации, кои надлежните не ги регистрираат“. „Лажните информации можат и да влијаат на безбедноста, на начин што влијаат врз јавното мислење, и се создава перцепција кај граѓаните за мигрантите како „негативни“ човечки суштества. Со креирање на ставот кај одредено јавно мислење може да се предизвика спротивен ефект, а тоа е дека локалните жители, кога ќе забележат мигранти, можат негативно да делуваат, што е апсолутно недозволиво“, го коментира овој феномен Диздаревиќ за ДВ.

Но, додека благодарејќи на лажните вести стануваат проблем број еден, Азра Моралиќ, координаторка и активист на Меѓународниот форум за солидарност Еммасу, која веќе 7 месеци живее и им помага на мигрантите на терен во Велика Кладуша, сведочи за целосно поинакви факти.

Таа смета оти медиумите се најголеми виновници за искривената слика за мигрантите, а која потоа останатите ја преземаат како пример за ширење лажни вести по пат на социјалните мрежи. Околу медиумското известување за мигрантската криза критична е и Борка Рудиќ, главна секретарка на Здружението новинари на БиХ. „Уште во мај, кога во БиХ е забележан поголем бран мигранти, посочивме на фер и конкретно известување во медиумите, но забележувам и ксенофобични изјави од одделни политички функционери кои шират непријателство кон мигрантите. Генерално, медиумите во значителен број не придонесуваат за поконкретно решавање на мигрантската криза, што се одразува и на ставовите на одреден број граѓани“, заклучува Рудиќ.

Психолошка дијагноза - за сите неволји е виновен некој друг

Меѓутоа, додека низ целиот текст се зборува за мигрантите како за жртви на лажни вести, можеби на крајот би било добро да се осврнеме и на оние кои таквите „fake news“ со своите статуси ги објавуваат и делат, промовирајќи нетрпеливост и омраза, но и на оние кои таквите информации ги прифаќаат „здраво за готово“.

За нив психологот Марко Ромиќ, специјалист за трауматска психологија во Домот на здравје во Мостар, вели: „Во нашето поднебје е создадена 'традиција' според која за сите неволји, на лично или колективно ниво, секогаш е виновен некој друг. Тоа е животна филозофија на неприфаќање на лична одговорност за сопствениот живот, односно наше неприфаќање одговорност како колективитет за проблемите со кои се соочуваме.“

Овој психолог натаму појаснува дека на вакви непроверени и лажни вести најлесно се навлекуваат оние кои, често, не се прифаќаат ни самите себеси такви какви што се, па затоа тешко можат да прифатат и кого било друг.

„Тука мислам на луѓето кои не успеале да изградат сопствена личност на начин и во мерка во која добро би се чувствувале во сопствената кожа. Таквите луѓе не можат да се идентификуваат со своите достигнувања, често се неостварени и фрустрирани, па лесно можат да паднат во замка на идентификување со нешто што им се наметнува. На тој начин стануваат важни во своите очи“, заклучува тој.

Реклама