Меј бара предвремени избори во Велика Британија | Свет | DW | 18.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меј бара предвремени избори во Велика Британија

Британската премиерка Тереза Меј ги повика граѓаните на предвремени парламентарни избори на 8 јуни. Таа се надева дека со тоа ќе обезбеди поголема поддршка за Брегзит во парламентот.

Шефицата на британската влада Тереза Меј потребата од предвремени избори ја образложи со неопходноста од поголемо единство околу темата Брегзит во парламентот. „Од Брегзит нема отстапување“, рече Меј во своето обраќање во Лондон.

Таа ја повика опозицијата да даде согласност за нови избори и одлуката да им ја препушти на избирачите. За предвремените избори парламентот во Лондон би требало да донесе одлука веќе утре. За да бидат распишани избори неопходно е двотретинско мнозинство.

Конзервативната политичарка досега категорично отфрлаше можност за нови избори. Меј постојано мораше да се брани од обвинувањата дека нема мандат. Таа беше избрана на функцијата од страна на својата партија во јули 2016 година, откако нејзиниот претходник Дејвид Камерон се повлече по референдумот за Брегзит на 23 јуни 2016-та.

Редовни избори во Велика Британија, инаку, би се одржале во 2020 година. Најновите истражувања на јавното мислење укажуваат на тоа дека конзервативците на Меј имаат значителна предност пред опозициската Лабуристичка партија.

Меј поднесе барање за излегување на Велика Британија од ЕУ на крајот на минатиот месец. Одлуката за предвремени парламентарни избори би можела да го одолговлече почетокот на преговорите за Брегзит. Според Лисабонскиот договор, британската влада има рок од две години за преговори за излегување од ЕУ. Тој рок истекува во март 2019 година.

DW.COM

Реклама