Меѓу притвор во Србија и мачилиште во Турција | Свет | DW | 26.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меѓу притвор во Србија и мачилиште во Турција

Курдот Џевдет Ајаз беше незаконски затворен во Србија, тврдат неговите правни застапници. Тој во меѓувреме е израчен на Турција. Од курдската партија ПАК велат: тоа еиспраќање во мачилиште.

Чистките кои ги започна турскиот режим по дилетантскиот обид за пуч, до денес траат со несмален интензитет. Отпуштени од работа се стотици илјади луѓе, десетици илјади се притворени, за многумина се организирани монтирани процеси.  Но, политичките противници на Ердоган досега беа сигурни барем во европските држави,  кои по правило не израчуваат лица барани од Турција преку Интерпол. Што не е ни чудо, ако се знае влијанието кое турската власт го има врз правосудството, како и тортурата која владее во турските затвори, за што Дојче веле веќе известуваше.  

Дали Србија  го прекрши цивилизациското правило - да не им ги израчува бараните лица на вакви режими? И колку би го чинело тоа Џевдет Ајаз од источната турска провинција Муш, функционер на минорната Партија на слободата на Курдистан, ПАК?

Ајаз на крајот на минатата година е уапсен во Србија, каде потоа побарал азил. Основниот суд во Шабац трипати одлучуваше дека Курдот треба да биде израчен, но Апелациониот суд во Нови Сад ја поништуваше одлуката. Четвртиот пат, од некои причини, ја одобри.

Тоа се случи на 14. декември, по што српската министерка за правда Нела Кубуровиќ, која има конечен збор во вакви прашања, ја потпиша одлуката за екстрадиција. Сето тоа можеби би поминало под радарите, ако Министерството за правда не беше фатено во една очигледна нелогичност: имено, Комитетот на ОН против тортура, уште на 11. декември испратил писмо со барање Србија да не го израчува Ајаз. Во Министерството тврдат дека писмото не го добиле навреме, иако го имало во судските документи кои министерката морала да ги разгледа пред донесувањето одлука.

 

На Ајаз му се суди уште од 2001. година, од кога датира обвинението против него за членство во група која со терористички методи планира да делува против уставниот поредок. Меѓутоа, во Белградскиот центар за човекови права, каде имаат увид во целиот случај, објаснуваат дека дури 30 од 35 члена на наводната терористичка група денес се на слобода поради застареност на процесите. Петмина, пред правосилноста на пресудата во 2016. година побегнале во странство, а единствено Џевдет Ајаз е уапсен и тоа во Србија, по потерница од Интерпол. Во татковината во меѓувреме е осуден на петнаесет години затвор.

Повеќе на темата:
Турски политичар поврзан со боксерска банда во Германија

Солун - омилена дестинација за критичарите на Ердоган

Има ли решение за курдскиот конфликт?

„Стравуваме за неговиот живот“

„Мислам дека во Србија побегнал со помош на шверцери, како и многумина други бегалци“, вели за Дојче веле Мехмет Али, претставник на партијата ПАК за Европа, кој живее во Хамбург. ПАК е меѓу партиите кои во Турција се земени на заб, иако не е официјално забранета, објаснува тој, а обвиненијата против Ајаз ги нарекува „фантазии“ на турското обвинителство.   

Упатените во случајот велат дека целиот процес во Турција се темели на полициски извештаи и изјави на обвинетите дадени без присуство на адвокат. Во текот на 11 дена во затвор, Ајаз признал сѐ што му се става на товар, но во 2006. година пред Европскиот суд за човекови права е потврдено - признанието е дадено по мачења и притисоци. Основниот суд во Шабац меѓутоа тоа воопшто не го зел во предвид, иако и според српските закони, признанијата дадени под услови на мачење се сметаат за ништовни.

„Во последно време во Турција е многу лошо. Полицијата врши мачења и тепања. За Ајаз би било опасно ако го вратат во Турција. Загрижени сме за неговиот живот“, вели Мехмет Али.

Џевдет Ајаз се наоѓаше во Прифатилишттео за странци во Падинска скела, „прифатилиште“ само според името, а всушност нешто налик на притворска единица. Таму е префрлен без било каква пишана одлука, по една година помината во екстрадициски притвор. Српските власти  решија Ајаз оттаму да биде качен на авион и да заврши во турски затвор.

 

DW.COM

Реклама