Меѓусебни обвинувања за експлозиите во Алепо | Свет | DW | 16.01.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меѓусебни обвинувања за експлозиите во Алепо

По двете експлозии на Универзитетот во сирискиот град Алепо, владата и бунтовниците се обвинуваат меѓусебно. „Форин полиси“ објавува: Сириската армија најверојатно употребила хемиско оружје во Хомс.

Властите и активистите соопштија бројка од над 80 загинати во експлозиите во Алепо, а многу луѓе се ранети, некои од нив се во критична состојба. Очевидци сведочат дека од двете експлозии биле уништени зградите на факултетите за уметност и за архитектура. Во становите околу Универзитетот се сместени студенти и бегалци. Видео снимки прикажуваат расплакани млади луѓе во паника како трчаат меѓу урнатините. Универзитетот во Алепо повторно беше отворен за зимскиот семестар и покрај борбите, а се наоѓа во кварт контролиран од сириската армија, додека во другите околу уште од летоска контролата ја имаат бунтовниците.

Причините за експлозиите не се познати. Опозицијата тврди дека тие се дело на сириската авијација. Државната новинска агенција САНА, напротив, ги обвинува „терористичките групи“, термин кој власта го употребува за вооружените противници на шефот на државата, Башар ал-Асад. САНА јавува дека бунтовниците истрелале ракети врз Универзитетот.

Форин полиси“: Сириската армија најверојатно употребила хемиско оружје во Хомс

Генералниот конзулат на САД во Истанбул го информира Стејт департментот, дека сириските власти веројатно искористиле хемиско оружје против бунтовниците во Хомс во декември, објави „Форин полиси“ на својата интернет-страница. Списанието се повикува на доверлив документ потпишан од генералниот конзул Скот Фредерик Килнер, испратен минатата недела од Конзулатот до Стејт департментот. Според „Форин полиси“ дипломатите од Конзулатот покренале истрага по повод наводите дека на 23 декември сириската армија употребила отровен гас. Со истрагата биле опфатени невладините активисти, лекари и бегалци, како и поранешниот генерал од сириската армија Мустафа Шеик, за кој се тврди, дека директно бил поврзан со сириската програма за создавање оружје за масовно уништување.

„Не можеме целосно да гарантираме дека тврдењата одговараат на вистината. Но, сириските контакти собраа убедувачки докази, дека на 23 декември во Хомс било употребено хемиско оружје“, изјави неименуван претставник на американската администрација за „Форин полиси“.

Портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Томи Вајтер, изјави дека тврдењата изнесени во медиумите за користење на хемиско оружје во Сирија не одговараат на информацијата што ја имаат за сириската програма за хемиско оружје.

„Ако режимот на Асад направи трагична грешка да употреби хемиско оружје или не ги исполни обврските да ја гарантира безбедноста на тоа оружје, ќе биде побарана одговорност“, посочи Вејтер.