Меѓународен ден за борба против дрогата | Македонија | DW | 26.06.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меѓународен ден за борба против дрогата

Меѓународниот ден за борба против дроги годинава е под мотото „Глобална акција-здраво опкружување без дрога“. Метадонската терапија е една од најефикасните во лекувањето на зависниците. Во РМ таа се применува 15 години.

default

Во Македонија има околу 10 до 12 илјади проблематични корисници на дрога, односно лица кои инјектираат дроги. Речиси половината од нив се наоѓаат во Скопје. Ова се податоци од истражувањата на одделението за СИДА на Обединетите Нации и Институтот за јавно здравије на Република Македонија. Во моментов работат 12 специјализирани установи за метадонска терапија. За тоа колкава е бројката на корисници, зборува Влатко Деков, извршен директор на невладината организација ХОПС:

„90 отсто од луѓето кои што користат дроги со инјектирање, се главно луѓе кои користат опијати, не се влезени во третман во центрите за зависници. Тие луѓе се наоѓаат на улиците, едноставно купуваат хероин, кој од друга страна носи други ризици. Не се знае чистотата, голем е бројот на случаите со предозирање, постојано контактираат со дилери, коишто во исто време се занимаваат и со други криминални дејства. Така што широко е полето зошто дел од луѓето го злоупотребуваат метадонот.“

Да се дојде до метадон на црниот пазар не е тешко

Дали се злоупотребува метадонската терапија од самите корисници кои ја земаат од центрите? На кој начин таа се злоупотребува? Две лица кои имаат искуство со користење и на хероин и метадон и кои сакаа да останат анонимни, раскажуваат:

„Има повеќе начини да се дојде до метадонот на црниот пазар. Еден од најлесните начини е да се дојде до болницата каде што се им се дава метадон на регистрираните нарко-зависници, кои што примаат неделна доза и повеќето од нив го препродаваат метадонот. Многу е лесно да се дојде до нив, бидејки тие во понеделник се наоѓаат пред самата болница. И било кој да дојде, дури и дете од 12 години да им побара метадон, многу брзо ќе биде завршена работата.“

„Има два начина. Или од дилери кои што се заведени во центрите за рехабилитација, или од Тетово од аптека. Имам искуство и со двата начина. Бидејки се познаваме меѓу себе 90 отсто од зависниците, кога ми треба, во било кое време можам да се јавам кај било кој човек и да си набавам метадон од Тетово или метадон од зависник од центарот за рехабилитација.“

За некој да биде ставен на метадон треба да биде потврдено дека е зависен од хероин

За некој да биде ставен на метадон треба да биде потврдено дека е зависен од хероин

Поранешен раководител на центарот за лекување на зависност од дрога, во Кисела Вода во Скопје, е д- р Иван Тулевски. Тој зборува за искуствата при применувањето на метадонската терапија:

„За некој да биде ставен на метадон треба да биде потврдено дека е зависен од хероин, да не е помлад од 16 години, да даде согласност дека ќе се придржува до принципите на метадонската терапија, редовно да учествува во една програма за социо- и психотерапија, затоа што метадонската програма има задача лицата зависни од хероин да бидат поврзани со одредени здравствени центри за таму да добиваат и психо- и социотерапија и поддршка од тимот за решавање на прашања на живеење, на судски и семејни проблеми. Меѓутоа, кај нас тоа тече неконтролирано. Постојат некои листи во разни центри. Како тоа се дели зависи пред се‘ од ставовите на терапискиот тим. Нема законска регулатива и заради тоа постои можност метадонот од законска употреба да премине на илегалниот пазар и да се дели нелегално, незаконски. Се разбира дека тоа претставува голема опасност и тоа претставува начин за обезбедување пари за одредени дилери, бидејки постојат дилери на метадон кои го мешаат метадонот со вода и со други разни супстанци и овозможува интравенска примена на метадон што е многу опасна бидејки ако се прави со нечисти игли и шприцеви може да придонесе за појава на хепатитис Ц. Во Кисела Вода 70 отсто од лицата кои беа на метадон имаа Ц.“

Еден од соговорниците, корисници на дрога, тврди дека не е премногу тешко да се дојде до метадонот на црниот пазар, но цената која се плаќа при ваквата набавка повеќекратно се зголемува:

„Во Скопје постојат доктори, матични лекари кои за одредена цена од 50 до 100 денари издаваат рецепт со кој потоа се набавува метадон во аптеки во Тетово. Е сега, има еден апсурд. На самата кутија на метадонот постои цена која изнесува 120 денари, а тие го продаваат по цена од 600 или 700 денари. Имаше и аптеки кои во одреден период воопшто не ни бараа рецепт“.

Надлежните тврдат дека манипулациите се мали

Дали отсуството на неопходен број на социјални работници во центрите за рехабилитација на лицата што користат дроги, придонесува за една состојба со многу индицци за злоупотреба на метадонската терапија?

„Самиот факт дека во моментов има само еден социјален работник кој работи во болницата во Кисела Вода, зборува дека тој не може да ги покрие потребите на 300 пациенти кои во моментов се на третман во Кисела Вода. Мислам дека доколку сакаме да имаме ефикасни социјални работници кои ќе ја дадат својата услуга на клиентите, односно да бидат пациентите покриени со своите барања и потреби, во разрешување на нивните социјални проблеми, сигурно дека таа бројка треба да биде поголема“, вели Славица Шекуткоска, социјален работник во центарот за рехабилитација во Кисела Вода.

Метадон во аптеки по неколкукратна цена и без рецепт?

Метадон во аптеки по неколкукратна цена и без рецепт?

Директорот на бирото за лекови при Министерствпто за здравство Илчо Захариев вели дека редовно се прават контроли околу издавањето на метадонот и дека манипулациите се мали.

„Режимот на препишување и издавање на метадонот е на лекарски рецепт, и тоа на две рецепти, согласно одредбите од законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци и согласно правилникот за начинот на препишување и издавање на лекови на рецепт, каде е точно дефинирано колку метадон може да се препише. Ако некој лекар се дрзне на пациентот зависник, тој за мене е болен пациент, да му наплати за препишаниот рецепт, тоа е криминал. Ние досега немаме евидентирано таков случај дека некој лекар за средства и за пари препишува метадон на некој пациент. Од контролите кои ние ги правиме во аптеките сме констатирале дека честопати на еден пациент му се издаваат повеќе скатули на метадон во текот на денот. Такви случаи имавме во Велес и во Тетово. Во координација со МВР и со Јавното обвинителство тоа го санкционираме.“

Проблемот со дрогата е тема горлива, тешка, депресивна... Таква е и борбата против ова зло на модерното живеење, на чија превенција очигледно мора многу повеќе да се работи и да се инвестира.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска