Меѓуетничките односи во пост-соживотот | Северна Македонија | DW | 04.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Меѓуетничките односи во пост-соживотот

Леснотијата за констатирање и осуда на корупцијата како феномен кај нас е бесмислена фискултура на бесполезноста се додека не ја разбереме ендемската генеза на нејзината вкоренетост. Пишува Арсим Зеколи

За некои беше малку порано, за други (вклучително и за авторот на овие редови) зачетокот на хаваријата на меѓуетничките односи се случи на 14 јуни 2020 година по иницијатива на етно-македонскиот државен врв и опозиција, парирано со одбивањето на албанскиот државен врв, без опозицијата. Календарски различно, но содржински споделен е заклучокот кај Албанците дека минатото лето се случи колапсот на лажниот концепт на “едно сенешто”. И означи навраќање кон етничките оски на домашната политичка сцена. Со мала фуснота, сепак, за импактот на моно-етничките дуети врз непријатната еволуција на македонско-бугарскиот „идентитетски” спор. Но за тоа, во друга пригода. 

Она што изостана во оценките за изборните резултати, а е од огромно значење за понатамошните односи во земјата, е што победата на ДУИ не предизвика само нервоза и разочараност кај македонските партии и медиуми. Имено, ефектот на предизборните и изборните кампањи е демонстративно повлечената линија помеѓу досегашните меѓу-етнички односи базирани врз емоционалност и сегашната нова реалност на меѓу-етнички односи базирани врз рационалност. Ислужениот и компромитиран концепт на соживотот доби аперкат на изборите 2016 година, кроше на претседателските избори 2018 година и нокаут на изборите 2020 година. Обидите на македонските партии и дел од меѓународната заедница да го продолжат и одржат во живот стариот, наследен концепт на емоционалност уште повеќе ја подвлекуваше битноста и неопходноста на новиот концепт, наметнат и практициран од страна на ДУИ низ студената рационалност на коалицирање.

Месијанското чедо на Западот

Што е впрочем сосема логичен, еволутивен происход на односите во рамките на една земја. Отоманскиот колонијален Раја концепт беше заменет со диктаторското едноумие на братство- единство, заменето со меѓуетничка толеранција во време на југо-војните, надградено и проширено со груевистичкиот техно-менаџеризам на меѓу-етнички односи и капитализирано со клиент-профитерскиот соживот на утилитарниот заевизам и токенистичкиот мукизам. Лабораториските академци и ПР агенции ќе измислат некој нов термин, соодветен на новата реалност на Северна Македонија која веќе полека избива на површина. Обидите на македонските медиуми да ја наметнат темата на „федерализацијата” (во очајно очекување да добијат барем едно „ф” реципрочно спомнување од албанска страна) се само надворешни демонстрации на внатрешната свест дека нештата се имаат неповратно изменето. Делумно поради внатрешните односи и не помалку поради надворешните придонеси. 

-претходни колумни: Владеење на правото за владеење

Првиот наведен момент е битен за разбирањето и анализирањето на односите помеѓу Македонците и Албанците денес и согледување на втората нова карактеристика на тие односи. За разлика од минатите автентично-домашни, историски, наследени траектории на односи и судири, сегашните тензии се во добар дел надворешно индуцирани, комплицирани и компромитирани. Делумно како резултат на пристапот на дел од европските национални дипломатии, делумно од кусогледото инсистирање врз стратегијата за пресликување на американските експерименти врз историски мемории, и воглавно како последица на новите договорни решенија за одглавување на Македонија од статус квото. Надворешното фаворизирањето на Заев како месијанско чедо на иднината на сметка на потценување или игнорирање на улогата на Албанците во неговиот подем кон тронот и конструктивноста кон Македонците по однос на идентитетските прашања, беше болно, задоцнето, но добредојдено освестување на Албанците. Кои навреме разбраа дека супремацистичката ментала за „газди и домаќини” не е прерогатив само на системскиот национализам. Туку е и вкоренет и во дел од “цивилизациските” предрасуди на западните дипломатии проектирани врз земјата. Поради што, Албанците беа принудени да отклонот од источните импонирања на религијата врз нацијата го надградат и прошират и со повнимателна, покритична и дискретно одбијна дистанца кон обидите на западните просветители за наметнување разни фобични светоназори камуфлирани под плаштот на „цивилизациски стандарди и вредности”. 

Ендемската корупција

Третиот аспект на новите односи помеѓу Албанците и Македонците произлегува од рационалноста и се однесува на концептуалните разлики на поимањето на доброто владеење, корупцијата и отчетноста (т.е. нивното отсуство). Пред речиси десет години, на почетокот на мојата колумнистичка серија, во првата или втората анализа објавена на македонски јазик укажав дека е илузорно да се очекува одржливо решение за меѓу-етничките односи помеѓу две заедници со длабоки и непремостливи интра-етнички односи. Очекувано, за жал, таа оценка беше интерпретирана во типично поетско-филозофски и емотивно-манипулативни конотации. Но без суштински увид во причините за длабоките социјални шизми кои ги диктираат таквите односи. И задираат во најболниот момент на сегашноста – ендемската корупција. 

-претходни колумни: Десницата и одмаздата на „петкашите”

Леснотијата за констатирање и осуда на корупцијата како феномен кај нас е бесмислена фискултура на бесполезноста се додека не ја разбереме ендемската генеза на нејзината вкоренетост. Доколку се осврнеме кон таа генеза на ендемноста, ќе увидиме две различни култури на култивирање и толерирање на корупцијата, диктирани од наследените општествени поставености на двете заедници. Ендемската корупција кај Македонците е диктирана како наследство од контролата врз системот во кој имаат доминирано со децении. Додека пак ендемската корупција кај Албанците е диктирана од претприемништвото како наследство стекнато во време на исклученоста од системот. Кај Македонците, таа ендемска системска корупција е подлогата за сеопштата логика на цинична, аморалната легалистичност лишена од легитимитет. Кај Албанците, ендемската претприемничката предодредба е подлогата за пазарната мито-базирана логика лишена од скрупули и обременета со лицемерие. Две сосема паралелни, взаемно условени различни генези, споени во деструктивна финална ефективност, две наличја на ист криминализиран менталитет. Од кои, траги-комично, очекуваме решение за корупцијата.

Фигуративно кажано, македонската системска корупција е пресликана во ликот на комунистичките референтки со заносно огромни бландирани фризури контрастирани од урнебесно црвени кармини, заседнати зад масивни маси и вокабуларен аргументариум на „мора по закон, не е ова село, социјализам градиме, како така”. Во современието наследени од модерните биро-девојчиња со свилени шалови врз деколт-длабоки свилени кошули, твид-пантолончиња, тенки усни под остри носиња и отровни реинтерпретации од стилот „вака ли во Европа, мора да се почитуваат закони, држава од пепел дигаме”. 

-претходни колумни: Како Албанците ја открија реал-политиката и го ослободија Али

Од другата страна на масивната маса, некогаш стоеше средовечниот, неизбричен, во работнички СМБ капути и „борово” обувки средовечен Албанец, со тивок глас „мора нешто да се работи, госпоѓа, пара да се сврти” искажана молба за добивање дозвола за отварање пекара. Со молбата во една рака и масивна „Опера” бомбоњера (филувана со грст „црвени”) во друга. Неговиот наследник денес, виси над масата со раскопчана „гучи” бела кошула над урнебесно претесни пантолони за силуетно докажување, клуч од “ауди”, отровно арогантна поза, рефрен „а бе дај да свртиме бизнис, пара да тече, остај Европа-мевропа” и троа потивко “ќе пренесам во огранок да ти свршат работа.” Во тој еволуиран флерт од ендемска кон органска корупција, лежи нашата сива иднина.

Кеширање на емоциите

Тоа е новата рационалност на меѓу-етничките односи. Која наместо кон разрешница, веќе плови кон уште поматните води на неказнивост, диктирана од македонскиот премин кон приватниот мито-пазар на корупцијата и албанското прелевање кон системската логика на корупцијата. Платените владини оптимисти во тоа ќе препознаат урамниловно приближување. Платените опозициони песимисти ќе констатираат губење на стекната посебност. Неплатените невработени ќе препознаат мотив повеќе за иселување. Зависноста на двете страни – македонски и албански – од контрола на двете ендемски наследени и ендемски еволуирани корупциски шеми и култури ја обесмислува надежта дека промената може да дојде од оние кои таквата промена ја подразбираат како сопствена апокалипса и кијамет.

И двете страни, таа загроза ја препознаа во поддемот на гневот и пизмата на средната класа на крајот на владеењето на груевизмот. Следствено, некаде антагонистички споени, другде конструктивно скарани, со здружени сили ја обесмислија наративата на социјалната правда како единствената можна спона на соживот кој ќе подразбира долгорочна промена со смисла и суштина. Доцна освестените странци и наивните домородци со каење бараат враќање на таа социјална спона помеѓу двете заедници. За жал, таа е веќе минато, свршено време. Рационалните ги кешираа емоциите.