Место пратеници на море - море од пратеници во парламентот? | Северна Македонија | DW | 28.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Место пратеници на море - море од пратеници во парламентот?

Пратеникот и лидер на ДС, Павле Трајанов, објаснува зошто пратениците и министрите не треба да одат на одмор, колкав е застојот во реформските процеси и - кој отпад треба да се истражи и исчисти!

Мобилизација за стабилизација. Накусо, ова е пораката што произлегува од предлогот на Демократскиот сојуз (ДС) - пратениците и министрите во текот на јули и август да работат наместо да одат на одмор. Според ДС, целта е тој период да се искористи за подготовка и носење на закони за непречена работа на компаниите, подготовки за враќање на учениците и студентите на училиштата и факултетите и спроведување на реформи неопходни за имплементација на стандардите на Европската унија.

Лидерот на партијата Павле Трајанов за ДВ објаснува во кои сфери најмногу се одразил застојот во реформските процеси.

„Долго време Македонија е во очекување да ги започне преговорите со ЕУ. Ветото од Бугарија, пандемијата, како и честите блокади на работата на парламентот, придонесоа за застој на реформските процеси во многу области, посебно во судскиот систем, администрацијата и кадровската реорганизација на службите за безбедност. Сите овие состојби имаа и негативни рефлексии врз бизнисот, голем број на граѓани останаа без работа или со намалени приходи, процесот на образование се одвиваше онлајн со огромни проблеми, доцни имунизацијата на населението... Сметам дека е потребна стабилизација на државата во целина, сѐ со цел најавената глобална економска и финансиска криза да ја дочекаме многу поподготвени. Согласно со Деловникот за работа во август пратениците користат годишен одмор, но сугерирам јули и август да бидат работни“, објаснува лидерот на ДС.

Pavle Trajanov

Усогласеност и утврдени приоритети

Со оглед дека се уште не е разговарано за овој предлог, неизвесно е дали пратениците ќе се согласат да се откажат од одморот, иако според учинокот може да се заклучи дека тие повеќе се одморале, отколку што работеле. Причините за тоа се и објективни, и субјективни. Мандатот на овој собраниски состав во старт започна во поинакви услови поради ковид - пандемијата, поради што пратениците ја преселија работата од салата за пленарни седници „Македонија“ - во салата „Голема купола“. Според податоците од публикацијата „Мојот пратеник“, од август лани кога се конституираше Собранието па до крајот на 2020 година, од 25 работни седници завршени биле само 8, а незавршени 17. Тој тренд продолжи и годинава, па сосема е извесно дека и податоците за периодот јануари-јуни 2021 година нема да бидат подобри.

Повеќе:

-Собрание на респиратор

-Џафери за ДВ: Ни во воена состојба пратениците не се ограничени во движењето!

-Пирова победа во битката за спас на економијата

Отсуството на пратеници од мнозинството поради изолација или лекување од Ковид-19, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го користеше за да не придонесе во обезбедувањето кворум за работа на парламентот. Но работата на парламентот честопати беше закочена и поради блокирањето на закони со илјадници амандмани. Сепак, Трајанов смета дека вината не треба да се става само на контото на пратениците.

„Поради доцнење на донесувањето на некои закони поврзани со здравствената криза и економските мерки, главно критиката беше префрлана врз Парламентот. Сигурен сум дека пратениците би работеле без застој доколку Владата достави Акциски план со приоритети за кои пратениците треба да расправат и ги усвојат“, вели лидерот на ДС.

За тоа да се случи, според него, неопходно е дефинирање на преоритетите, усогласување со опозицијата, но и нејзина конструктивност.

„Парламентот својот дигнитет може да го гради само со ефикасност, дебата и работа во интерес на граѓаните и државата. Опозицијата мора да покаже конструктивност кога се носат ‘непопуларни’ законски решенија. Пупулизамот носи кратокорочни политички поени, но мора да се води сметка за долгорочните, за стратешките и национални интереси. Некои законски проекти, платформа за ‘црвените национални линии’, пописот, изборните правила.., треба да се усогласуваат и со опозицијата. Тоа е гаранција за функционален и ефикасен парламент“, дециден е Трајанов.

Но, извесно е дека и наредниот период ќе помине во знакот на блокади. Први на удар се измените на Законот за животна средина, со кои Владата воведува еколошка такса од околу 3,5 денари по литар гориво, зависно од загадувањето што тие го носат. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека станува збор за „кризен данок“, со кој власта сака да ги покрие непродуктивните трошења преку наметнување нов трошок за граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира ова на секој можен начин во Собранието, користејќи ги сите демократски начини и алатки. Ова не смее да помине“, најави партискиот портпарол Димче Арсовски.

Битка против криминалот

Демократскиот сојуз вчера соопшти и дека смета оти „летниот период треба да се искористи за изградба на заокружен и ефикасен систем за борба против тешките облици на криминал и високата корупција, борба против урбаната мафија и мафијата која и натаму остварува високи профити со продажба на канцерогени нафтени деривати, како и депонирање на опасен отпад".

Депонирањето на опасен отпад беше прилично актуелна тема минатата година, кога беа и донесени законски измени со кој се забрани увоз на отпад како енергенс. Го прашавме Трајанов - дали ДС има некакви нови сознанија, штом партијата го спомнува таквиот отпад?

„Во февруари 2020 година, Демократскиот сојуз укажа на неколку проблеми: увозот на опасен отпад како енергенс и депонирање на опасен отпад, увоз на канцерогоно масло, сомнежи за депонирање на радиоактивен отпад. Не бевме разбрани, а имаше и реакции од приватна компанија и државни институции, но во изминатиот месец се потврдија нашите сознанија. Се уште истражуваме и се обидуваме да добиеме потврда околу можно депонирање на радиоактивен отпад,но засега немаме сигурни податоци“, вели тој.

Потсетува дека после ланската реакција на ДС, но и на други партии и медиуми, парламентот донесе законски измени со кој се забрани увоз на отпад како енергенс.

„Но сега повторно се носат законски решенија за можен увоз на ваков вид отпад. Тоа е доволен сигнал за аларм, но и доказ дека со отпадот управува меѓународна и влијателна мафија која остварува високи профити. Увозот на канцерогени и друг вид на опасни нафтени деривати покажа дека нашите институции ги контролирале само документите, а не и товарот. Треба ли да отвориме расправа и за тоа што некои земји од ЕУ старите патнички и товарни возила кои загадуваа ги продават - читај депонираат- во Македонија“, реагира пратеникот и лидер на ДС, Павле Трајанов.