Мерките попуштаат, но границите се уште тешко проодни | Северна Македонија | DW | 22.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мерките попуштаат, но границите се уште тешко проодни

Комисијата за заразни болести препорачува отворање на казина и автомат-клубови, но се уште нема одлука за обврската да се оди во самоизолација по влез во земјата. Здравствените работници се преморени, вели Филипче.

Министерот за здравство Венко Филипче не сака да прогнозира каков тек ќе земе епидемијата на коронавирусот во земјата, откако денешните бројки за првпат по неколку недели покажаа пад на бројот на новозаразени. Во изминатото деноноќие регистрирани се 90 нови случаи, од кои најголемиот дел- 36 повторно во Скопје, но направени се далеку помал број тестови -665 во однос на претходните денови- што е вообичаено за деновиве на викендот кога приватните лаборатории не тестираат.

„Бројот на новодијагностицирани во Скопје опаѓа, но како и повеќе пати претходно, со резерва ќе кажам дека ова така ќе продолжи, затоа што има повеќе фактори кои влијаат. Викендите со недели наназад прават промени. Битно е дека добро се прави следење на контактите“, вели министерот за здравство.

Филипче ги осудува големи прослави и собири, оценувајќи дека со тоа се загрозува здравјето на граѓаните, но се загрозуваат и здравствените работници кои се преморени.
„Персоналот е преморен. Не можеме да издржиме без помош од граѓаните и почитување на мерките од нивна страна", порача Филипче, додавајќи дека во болниците се уште има доволно слободни места за прием на пациенти. Се уште нема одлука за јавно објавување на имињата на оние граѓани кои одбиваат да примат решение за изолација или даваат погрешни податоци. Од последните 400 испратени решенија по пошта, се вратиле 30, по што Филипче вели дека ќе се почека со одлуката.
Денеска, на предлог на Комисијата за заразни болести, владата ќе одлучува за  ново попуштање на мерките кое ќе ги опфати казината, автомат-клубовите и апаратите во обложувалници, како и јавниот превоз во Тетово, а до крајот на неделава се очекува да се дозволи отворање и на теретани и фитнес-центри.
За укинување на мерката за државен карантин или самоизолација од 14 дена при влез во земјата, се уште нема одлука. На оваа тема ќе се разговара и утре, а Филипче смета дека е најдобро да се донесе одлука која ќе биде усогласена со сите земји од регионот.
Во изминатите 24 часа починале уште девет пациенти со што вкупниот број на жртви од коронавирусот од почетокот на епидемијата се искачи на 247 луѓе. Според Филипче, кај „огромен процент" од жртвите се работи за лица на постара возраст и со голем број претходни хронични здравствени состојби.

DW.COM

Реклама