Меркел ќе интервенира кај Мицотакис за договорот со Македонија | Северна Македонија | DW | 10.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Меркел ќе интервенира кај Мицотакис за договорот со Македонија

Германската канцеларка Ангела Меркел е во дводневна посета на Грција. На агендата - економските реформи и спорот за името со Македонија.

Должничката криза ги оптовари односите помеѓу Германија и Грција. Алексис Ципрас во јануари 2015 година, уште во улога на опозициски политичар, грмеше против „диктатот за штедење од Берлин“, додека германските владини претставници зборуваа за можно излегување на Грците од еврозоната. Оттогаш се променија повеќе работи. Ципрас во улога на премиер за рекордно време доживеа пресврт и стана реалист, спроведе голем број мерки за штедење и беше кооперативен при справувањето со бегалската криза на југот на Европа.

Затоа, посетата на Ангела Меркел на Атина се остварува во добри предуслови, оценува Јоргос Цогопулос, доцент за меѓународни односи на Универзитетот Тракија. „Оваа посета сигнализира поддршка од Берлин за спроведување на економските реформи во Грција“, вели Цогопулос за ДВ. Како што се чини, канцеларката во Ципрас гледа политичар кој извлекол поука од своите грешки.

Во 2015 година Ципрас „мораше да прифати компромис кој беше понижувачки“, вели Тасос Папас, политички новинар и колумнист во весникот „Ефиремида тон Синтактон": „Но, со текот на времето тој можеше делумно и да им се спротивставува на кредиторите.“ Папас како пример го наведува потегот на премиерот за повлекување на одлуката донесена по совет на ММФ за кратење на пензиите во 2019. И најавата на Ципрас за зголемување на минималната плата и за повторно воведување на тарифни преговори се чини наидува на одобрување. Заклучокот на новинарот Папас гласи: и кредиторите веќе не застапуваат „чиста“ политика на штедење.

Повеќе: Меркел: Решение на спорот за името е историска шанса

Возбуда околу Македонија

Според Папас, за Меркел сега е многу поважен од економските реформи е компромисот околу Македонија.

Минатата недела заменикот портпарол на германската влада Мартина Фиц во Берлин рече дека владата го поздравува договорот (за името, н.з.). Парламентот во Атина би морал да даде согласност за договорот. Тоа значи дека од 300 пратеници во парламентот „за“ би требало да гласаат 151. Меѓутоа, владеачката Сириза има само 145 пратенички места и не може сама да го истурка договорот. Деснопопулистичката партија АНЕЛ, која му е јуниор партнер на Ципрас и обезбедувач на мнозинство гласови, го отфрла постигнатиот компромис за името и тврди дека доколку е неопходно ќе ја напушти владата. Што сега?

EU Gipfel in Brüssel Angela Merkel mit Alexis Tsipras (picture-alliance/abaca/D. Aydemir)

За Меркел сега е многу поважен од економските реформи е компромисот околу Македонија, смета новинарот Папас (фото: германската канцеларка и грчкиот премиер Ципрас во Брисел, 10.03.2017)

Политичкиот новинар Тасос Папас е уверен дека Ципрас сепак ќе го обезбеди неопходното мнозинство и тоа со помош на помалите партии. За Папас е многу поважна реакцијата на конзервативниот опозициски лидер Киријакос Мицотакис, кој досега отфрла компромис околу Македонија. „Чудно, кога ќе се погледне Европската народна партија, значи семејството на конзервативни партии во Европа, таму има само две партии кои отфрлаат компромис, имено - Нова Демократија во Атина и ВМРО во Скопје“, вели атинскиот аналитичар за ДВ. На забелешката дека сепак се работи за две директно погодени земји, Папас одговара дека Ангела Меркел тука ќе интервенира: „Мицотакис нема да го промени ставот за спорот за името, но канцеларката веројатно ќе изврши неопходен притисок за тој барем да се согласи со прием на соседната земја во НАТО“, смета Папас.

Повеќе:

Скопје и Атина влегуваат во финишот за „Преспа“

Што ветил Мицотакис за договорот со Македонија?

Политикологот Цогопулос зборува за „позитивен договор“ и подвлекува дека не мислел оти Грција навистина ќе успее да постигне промена на името на соседот. Во духот на едно вистинско компромисно решение, консеквентно е и другата страна да добие нешто, имено - признавање на македонски јазик и идентитет, вели тој. За Цогопулос, судирот со конзервативната опозиција во Атина е од теоретска природа: „И покрај отфрлањето кое го сигнализираше Мицотакис, нему не му останува ништо друго освен да го почитува договорот, доколку Ципрас го истурка во парламентот“, смета аналитичарот. Според него, јасно е дека канцеларката во Атина ќе се залага за договор кој, според нејзе, придонесува за стабилност на Балканот.

DW-Interview Kyriakos Mitsotakis, Oppositionsführer Griechenland (DW/D. Papamitsos)

Мицотакис нема да го промени ставот за Македонија, сметаат аналитичарите

Атмосферата е добра

Последната посета на Меркел на Грција беше во 2014 година и се чини како оттогаш да мина вечност. Во зенитот на должничката криза тогашниот премиер и домаќин Самарас се погрижи за нагласено пријателски пречек, па сепак се чинеше дека се лути, поради тоа што канцеларката, која политички му е блиска, му ги отфрли финансиско-политичките специјални желби. Левичарскиот политичар Ципрас - во тоа време сѐ уште во опозиција - ја обвини Меркел дека дошла во Атина само за да „му даде поддршка на корумпираниот систем“. Синдикатите повикаа на протести, па дури и новинарите од државната телевизија ЕРТ излегоа на штрајк.

Денес домаќините се во најдобро расположение. Ангела Меркел ноќва ќе остане во Атина и си зема време за посета на германско училиште во главниот град на Грција, кое од 2011 година има признание како „Извонредно германско училиште во странство“. Според медиумски извештаи, Ципрас и Меркел имаат намера и заедно да јадат риба на пристаништето во Пиреја, директно на море, онака како што тоа прилега кога се пречекуваат радо видени гости.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама