Меркел – спасител на ЕУ или дел од проблемот? | Свет | DW | 10.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел – спасител на ЕУ или дел од проблемот?

Ангела Меркел сака уште еден мандат како канцелар на Германија. Дома има поддршка, а проевропските сили на континентот очекуваат таа да го запре трендот на дезинтеграција на ЕУ. Колумна на Зоран Јордановски.

Ѕвездите во моментов и` се наклонети на Ангела Меркел. Бегалската драма одамна стивна, договорот со Турција за бегалците (се` уште) функционира, германското стопанство е во добра форма, анкетите за поддршката за неа од избирачите повторно се солидни и во нагорен тренд. На домашната политичка сцена не е на повидок посериозен конкурент кој би можел да ја порази на изборите. Ваквата констелација секако и` го олесни донесувањето на решението за повторна кандидатура. Во моментов е во заветрина - зошто тогаш да не се кандидира? И јавноста, германската и европската, ја поддржа.

Но, медалот има и друга страна. Партиската база на нејзината Христијанско-демократска унија е незадоволна, оти во политиката на ЦДУ веќе не ги препознава традиционалните конзервативни вредности. Меркел ја сврти својата партија кон центарот, според некои дури и малку полево од него. Со тоа навлезе во теренот на социјалдемократите и освои гласови на дел од нивните избирачи, но го онерасположи сопственото избирачко јадро. Меркел деновиве директно го почувствува тој студен ветер в лице на партискиот конгрес во Есен: при реизборот за претседател на ЦДУ доби 7 проценти помалку гласови отколку пред две години, а спротивно на нејзината волја и залагања беше усвоено барање за укинување на можноста за двојно државјанство за млади со мигрантско потекло родени во Германија.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App

Зоран Јордановски

Заложник на сопствената мигрантска политика

Односот на Меркел по прашањето за бегалците, кое во еден момент се закани да и` ја запечати политичката кариера, сега е амбивалентен. Таа од една страна упорно опстојува на нејзиното охрабрувачко уверување „Ќе успееме", изречено во времето на кулминација на бегалскиот бран, како и на ставот дека нема да прифати горна граница за бројот на бегалци што можат да бидат примени во Германија во една година. Но, истовремено спроведува политика на нивно интензивирано враќање дури и во толку несигурни земји како Авганистан. Не смее да се превиди ни дека целата стратегија во однос на бегалците и` се сведува на договорот на ЕУ со Турција, постигнат токму на нејзина иницијатива. Со тој договор Меркел ја направи ЕУ неотпорна на уцени од страна на турскиот претседател Ердоган. Личната политичка зависност од спроведувањето на тој договор канцеларката ја плаќа со висока цена: за да не ги разгневи (и со тоа да го загрози договорот!), таа не смее јасно и гласно да ги осуди постапките на турските власти (апсења, прогони, отпуштање од работа на десетици илјади луѓе) по неуспешниот обид за државен удар, со што пак ја става под сериозно сомневање својата принципиелност и веродостојност. Евентуално ново актуелизирање на бегалската криза би и` се вратило како бумеранг и популарната „мути" („мама") преку ноќ може повторно да стане страшило на нацијата.

Како нејзина отстапка кон базата треба да се гледа и на изненадувачкото категорично изјаснување на Меркел за забрана на бурки во јавни институции. Идејата на тој потег е и да се сврти водата од воденицата на десно-радикалните политички сили во Германија. Но, во јавните телевизиски дебати е отворена дилемата дали не е токму досегашната мигрантска политика  на Меркел причина за јакнење на тие сили?! Отворено се стравува дека Алтернативата за Германија (АфД) може на парламентарните избори наредната есен да стане трета политичка сила во земјата. Таа во моментов на сојузно ниво има стабилна подршка од 12-13 проценти. Развојот на настаните во поширокото опкружување, а особено добрите изгледи на претседателските избори во Франција на Мари Ле Пен од Националниот фронт, партија сродна по идеологија со АфД, може да им даде дополнителен полет на германските десни популисти.

CDU Bundesparteitag nach Merkel Wiederwahl (Reuters/K. Pfaffenbach)

Ќе има ли Меркел доволно сила да ги менаџира сите кризи во ЕУ?

Бајрактар во борбата против дезинтеграција на ЕУ?

Борбата на Меркел против евроскептичната АфД има и поширок контекст: од неа се очекува да биде предводник против силите кои се за растурање на ЕУ, но и воопшто против трендот на национализам и изолационизам во светски рамки. Големо прашање е дали таа има сили за тоа? Прашање е и дали има шанси ЕУ, ваква каква што е, да ја преживее кризата во која запаѓа сѐ подлабоко? Во моментов ми се чини дека никој во ЕУ – дури ни од нејзините челници - не би ставил голем облог врз позитивен исход. Најречит пример се алармантните пораки што ги упати Жан-Клод Јункер, претседател на Комисијата на Унијата по повод 25-годишнината од договорот од Мастрихт. Под прашање е и самиот опстанок на поединечните земји-членки ако се разединат, предупреди тој, илустрирајќи го и со бројки опаѓањето на демографскиот, а постепено и на економскиот удел на Европа во глобални рамки.

Кризата на ЕУ не е од вчера, ниту започна со шокот од референдумот за Брегзит. Таа не започна ни со должничката и банкарската криза на Грција, Шпанија, Португалија и Ирска, со кризата на еврото. Неа не ја иницира ни неколкугодишниот, а посебно силен минатогодишен наплив на бегалци. Кризата не е резултат на опасностите што се закануваат по референдумот за реформи во Италија и оставката на премиерот Матео Ренци или од исходот на претседателските избори наредната година во Франција. Кризата не е резултат ни на подемот на десни и десно-радикални сили во земјите на ЕУ. Кризата е системска, вградена во генот на оваа ЕУ, која и денес повеќе функционира како Европска економска заедница (како што се нарекуваше во претходната развојна фаза), отколку како политичка унија. Факт е и дека со секое проширување се компликуваше функционирањето и процесот на донесување на решенија во ЕУ, дека со новите земји-членки таа стануваше се` похетерогена. Денес секој во ЕУ го гледа само својот посебен интерес и не прифаќа работи кои не се од негов, но се од општ интерес. Унија која функционира како рогови во вреќа. ЕУ нема сила да се реформира, ја немаше ни порано, а уште помалку сега, кога се се` посилни центрифугалните, дезинтегративни сили во неа. Челниците на Унијата и политичките лидери на европските држави – и Меркел меѓу нив - досега не најдоа вистински одговор на се` поизразитите и повоочливи слабости на ЕУ. Згора на ова, тие не го регистрираа навремено растечкото нерасположение на граѓаните насекаде во Унијата, нивната разочараност од политиката. А и ако го регистрираа, не покажаа ни волја, ниту идеи како да го слушнат гласот на граѓаните и нивните стравови и тоа да го вградат во своето дејствување. Веќе одамна нарушената кохезија на ЕУ натамошно ќе ја доразниша евентуалната промена на американската политика како во однос на Русија, така и во однос на НАТО. Европската политика ќе остане без почва под нозете. 

Една криза на ЕУ со вакви димензии Ангела Меркел не ќе може да менаџира. Таа ни досега не успеа да им се спротивстави на ваквите трендови, а уште помалку ќе може во иднина без подршка од силни партнери како Велика Британија - утре можеби и без италијанска и француска подршка. Значи, голема е и реална опасноста таа да ги изневери очекувањата. 

 

 

DW.COM

Реклама