Меркел соочена со контраветер | Свет | DW | 26.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел соочена со контраветер

Меркел на изборите беше казнета. Загуби многу гласови во споредба со претходните избори. Демоскопите велат - поради бегалската политика. Тоа подгрева критика на нејзина сметка во земјата и светот. А, што прави Меркел?

„О, боже, колку пати сум ја чекал Меркел во животот!“ Во централата на ЦДУ во Берлин еден телевизиски новинар со оваа реченица им се приклучува на колегите кои се веќе таму. А, потоа, две минути порано од планираното, на говорницата настапува онаа на која се чека со нетрпение. Таа на изборите за Бундестагот победи, а сепак загуби! ЦДУ е повторно најсилна партија, но претрпе големи загуби. А и сензационалниот подем на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) ѝ се товари на ЦДУ. Меркел се обидува да објасни. Делува прибрано, речиси без мимика.

Направена е „трезвена анализа“ за миграциите на гласачите, за успехот на АфД. „Како унија носиме одговорност во владата веќе 12 години. Тоа е долг период и не е разбирливо само по себе дека по 12 години на власт повторно ќе ја добиеш довербата за составување влада“, го објаснува шефицата на ЦДУ изборниот дебакл. Вели дека чувствува малку поголема понизност пред избирачите.

„Дали чувствува лична вина?“, прашува странски новинар. Изборниот резултат е „поларизација и тоа е поврзано и со мене како личност, тоа е очигледно“, признава Меркел. Сепак, таа е уверена дека основните определби во делот на политиката кон бегалците, која според демоскопите е главна причина за многу дадени гласови од протест, се исправни. Во тоа верува и по изборите. Потоа на секунда замолчува, за да продолжи со поглед кон иднината. „Сега имаме јасен мандат за влада.“

Нејзината програма гласи - враќање на избирачите на десните популисти, и тоа со водење добра политика. Дури и ако составувањето влада биде тешко. „Секакво шпекулирање за некакви нови избори е непочитување на изборот на гласачите, во тоа сум длабоко убедена“, додава Меркел.

Deutschland Nach der Bundestagswahl Plakate Merkel und Schulz (picture-alliance/dpa/W. Kumm)

Светот на политиката во Германија е завртен на глава

Неколку минути пред настапот на Меркел доаѓа итната вест дека шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер, го доведува во прашање заедништвото во фракцијата со ЦДУ. Малку потоа стигнува демант на ваквата вест. Меркел таквите иритации ги турка под тепих. „Важно е Германија да добие стабилна, добра влада“, нагласува уште еднаш. Но, вакви работи во моментов е полесно да се кажат отколку да се реализираат. Евентуална Јамајка-коалиција од Унијата (ЦДУ/ЦСУ), ФДП и Зелените во моментов им предизвикува стомачни болки на сите четири партии.

Додека Меркел зборува, до израз доаѓа уште еден проблем. Над нејзе видео-бимот го покажува изборниот слоган: „Центар“. До денот на избори тоа беше линијата со која ЦДУ сакаше да остане најсилна: малку социјалдемократска, малку конзервативна, во рамнотежа кон десно и лево. Така Меркел ја гледа својата ЦДУ. Но, по изборната шлаканица за збор се јавуваат оние кои од ЦДУ сакаат повторно да направат десноконзервативна партија.

Десното крило наспроти прагматичарите

Меркел направи многи работи со кои го нервираше десното крило. Воведување минимална плата, пакетот мерки за спас на Грција и отворање на границите за бегалците. За пратеникот на ЦДУ и долгогодишен критичар на Меркел, Клаус-Пеер Вилш, чашата е преполна. За Дојчландфунк тој изјави дека рекордната загуба на гласови за ЦДУ се испорачаната сметка за нејзината бегалска политика.

Мора ли Меркел сега повторно да ја води партијата во насока десно, за да ѝ се спротивстави на АфД? Меркел во одговорот заобиколува: „Тоа би го кажала со поинакви зборови: дека онаму каде што се појавуваат проблеми, тие треба да се решаваат.“ Во меѓународни рамки таа добива пофалби, па и почести, токму за ваквиот прагматичен пристап. Шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер на Твитер напиша: „Нејзиното долгогодишно искуство е од непроценлива вредност за обликувањето на нашиот континент.“ За Меркел, жената од дела, слични позитивни зборови доаѓаат и од Париз.

Deutschland Bundestagswahl CDU Parteizentrale Merkel (Reuters/K. Pfaffenbach)

Колку централно треба да биде насочена ЦДУ? Во партијата повторно се разгоре дебата за ориентацијата

Сосема е поинаков случајот со сестринската партија ЦСУ: генералниот секретар на ЦСУ Андреас Шојер оцени дека е крајно време ЦДУ и ЦСУ мора да поведат „дебата за ориентацијата“. Во текот на коалиционите преговори ЦСУ сака да постави горна граница за број на примени бегалци, или во спротивно се заканува со заминување во опозиција. „Без горна граница, која така и ќе се вика - горна граница, нема зошто да се враќаме во Берлин“, рече баварскиот шеф на Младата Унија, Ханс Рајнхарт. Позиционирањето на Меркел во политичкиот центар дефинитивно не успеа. Сега не се води внатрепартиска расправија, туку се работи за животно опасна кавга за Унијата на отворена сцена. 

Во прилог на АфД

Излез на големата сцена бара и АфД, која бара поведување постапка против Меркел поради „прекршување на правото“. Врвната кандидатка на АфД, Алис Вајдел, вчера најави дека нејзината партија ќе побара основање парламентарна истражна комисија за таа цел. Според Вајдел, прекршување на правото е сторено со политиката за спас на еврото и одлуките во сферата на политиката кон бегалците. АфД сама нема да успее во намерата за истражна комисија, но нејзините намери покажуваат колку ранлива на домашна сцена стана канцеларката која е фалена во светски рамки.

Така е дури и во нејзината изборна единица. Таа таму го одбрани директниот мандат за Бундестагот со 44% освоени гласови, но во споредба со претходните избори тоа е цели 12% гласови помалку. Кандидатот на АфД во оваа изборна единица освои 19% гласови. „Ангела Меркел ги загуби изборите од АфД“, заклучува политикологот Клаус Легеви. Тој ѝ префлра на Меркел дека по отворањето на границите не успеала да ги принуди државите на ЕУ на солидарност. Тоа значеше вода на воденицата на критичарите на познатата речница на Меркел: „Ќе успееме!“. Наместо на изборите да им се обрати на младите и запоставените, канцеларката раскажуваше за задржување на сигурноста за постарите и оние на средна возраст“, вели експертот. „Таа клиентела беше формално натерана во насока на АфД.“

Меркел не делува како тоа да ја возбудува. Таа гледа кон она што следува. Веќе денеска има намера да го предложи својот близок соработник Фолкер Каудер за шеф на пратеничката група која ќе одржи прва седница. Старо-новата канцеларка делува замислено, но не и дефанзивно. Пред да замине од говорницата, едноставно заклучува: „Реков дека стојам на располагање четири години.“

DW.COM

Реклама