Меркел се спаси со бегство во тврдината Европа | Свет | DW | 03.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел се спаси со бегство во тврдината Европа

По една недостојна криза, Меркел може да ја спаси својата влада со заложба за бегалска политика на изолација. Нејзината досегашна политика на отвореност е минато, оценува Инес Пол.

Изминатите две недели беа повеќе од судбински денови на една канцеларка. Тие беа огорчена борба за генералниот правец на европската бегалска политика. И, победија оние сили кои се залагаат за изолација. Оние политичари кои во иднина сакаат да ги спречат луѓето воопшто да тргнат на патот опасен по живот преку Седоземното Море - со засилена гранична контрола, но и со кампови во Северна Африка. Таму бегалците би требало да чекаат во иднина, сѐ додека не се утврди дали се посакувани во Европа, односно дали имаат право на азил или се потребни како работна сила. И во рамките на Европа во иднина треба да се постапува многу поостро. Бегалците, според теоријата, во иднина би требало да бидат сместувани брзо во центри или кампови, случаите да бидат брзо разгледувани и непосакуваните посетители исто така брзо да бидат повторно враќани назад.

Внатрегермански примитивен театар

Големи планови кои Ангела Меркел ги договори со своите европски колеги минатата недела и со кои се збогува од својата досегашна политика на отворени граници. Планови со кои нејзиниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер на крајот сепак беше натеран да попушти, со што заврши тажниот внатрегермански примитивен театар од претходните денови. Тоа засега значи спас за владата на Германија од распад.

Тоа е добра вест, не само за Германија, туку и за Европа. Зашто, само популистичките хушкачи имаат интерес најголемата економија во Европа во оваа фаза на општа несигурност да биде втурната во владина криза со неизвесен исход. Стабилизаторската сила на земјата е од преголема важност. Тоа е и една од причините зошто на Меркел ѝ успеа толку бргу да постави на нозе еврпски самит, на кој ќе биде постигната согласност за основите на новата европска миграциска политика. Европа знае колкава е важноста на Ангела Меркел во вакви времиња.

Ines Pohl Kommentarbild App (DW/P. Böll)

Инес Пол, главна уредничка на ДВ

Нема вистинско решение

Со тоа е ставен крај на акутната криза, но не е најден вистински одговор на предизвиците, тука никој не треба да си создава погрешни претстави. Зашто, во која северноафриканска земја би требало да се изградат прифатни кампови? Досегашните реакции се главно негативни.

Со кои држави воопшто е можно да се почне соработка, ако предуслов е барем минимум почитување на човековите права? И, кој треба да ги снабдува бегалците кои ќе бидат спречени да го продолжат својот пат? Најновите слики од Алжир покажуваат што може да се случи: илјадници луѓе се испратени во пустината, меѓу нив и деца и бремени жени, кои на температура од речиси 50 степени во сенка умираат од топлина, жед, глад. Либан сега прима повеќе бегалци отколку цела Европа заедно. И тоа е дел од вистината за европската политика на изолација.

Повеќе прашања од одговори

И во рамките на Европа во моментов има повеќе прашања отколку одговори. И тука е нејасно во која земја би требало да бидат изградени кампови. Кои влади на крајот се навистина подготвени да ги растоварат Грција и Италија, државите со најголеми надворешни граници и согласно со тоа - најголем број бегалци. Ваков брз договор меѓу двете партии од Унијата беше можен само поради тоа што сѐ остана недефинирано до крај. Единственото што брзо може да се спроведе е зајакнување на заштитата на границите - настапуваат лукративни времиња за Европската агенција за заштита на границите и крајбрежјето, Фронтекс, како и за фирмите кои произведуваат и поставуваат огради.

Ангела Меркел се бори за човечка бегалска политика веќе три години. Притоа правеше и грешки. Комуникацијата често беше лоша, имаше грешки во мајсторлакот. Но сега атмосферата во сопствената земја, новото партиско милје, односите во Европа, и не како последно - нејзиниот владин партнер ЦСУ, ја натераа на политика на нова острина.

Притоа, нејзиното едноставно убедување дека мора да им се помогне на оние на кои им е потребна помош, веројатно воопшто не е променето. Сега таа треба да работи не само на изградба на нови огради, туку со забрзано темпо на пристојни закони за доселување, на нови партнерства со Африка и уште појасно отколку досега - на поддршка на силите во тие земји кои се борат луѓето да останат дома.

Огради и гранични контролни пуктови можеби на момент ќе ги спасат европските влади, но тие не се трајно решение.

DW.COM

Реклама