Меркел од Грција бара согласност за Договорот од Преспа | Македонија | DW | 10.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меркел од Грција бара согласност за Договорот од Преспа

Германската канцеларка го пофали решителниот став на грчкиот премиер за Македонија, а на опозицијата и’ порача дека за прашања од големо национално значење треба да се бара заедничка позиција со владата.

Германската канцеларка Ангела Меркел вечерва во Атина упати повик до политчките сили во Грција да му дадат зелено светло на договорот помеѓу Скопје и Атина за решавање на спорот за името. Подвлекувајќи дека „не се меша во внатрешните работи“ на Грција, таа укажа дека Договорот од Преспа е од полза на цела Европа.

„Многу сум му благодарна на Алексис Ципрас што презеде иницијатива за да бара решение со премиерот Зоран Заев за еден многу, многу тежок проблем, имено - прашањето за името на соседната земја, и да постапува храбро. Тоа е проект за кој секој знаеше дека нема едноставно решение.“

Повеќе:Ризичното патување на Меркел во Грција

Според Меркел, името Северна Македонија создава јасност и отвора можност за земјата „да стане дел од европската заедница и дел од НАТО“.

„Можам само да кажам дека сметам оти чекорот што го направи Алексис Ципрас како грчки премиер е решавачки чекор од кој ќе профитираат не само Грција и Северна Македонија, туку и цела Европа и нашите заеднички вредности“, рече Меркел, која изрази и благодарност што Грција се ангажира во Берлинскиот процес, кој има за цел да ги зајакне односите на Балканот и да се подобри она „што ни е од интерес на сите нам“.

На прашањето дали со Меркел има, како што тврди опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис, „дил“ Ципрас да се согласи на договор за прашањето на името, а за возврат да не мора да ги крати пензиите, германската канцеларка одговори:

„Се разбира, нема никаква врска помеѓу активностите во случајот на името и договорот со Македонија и некои економски реформи. Тоа не смее да се прави и се чудам што воопшто мора да се зборува за тоа.“

Griechenland, Athen: Staatsbesuch Angela Merkel (Reuters/C. Baltas)

Германската канцеларка Меркел и грчкиот премиер Ципрас на прес-конференцијата во Атина

Дел од експертите во Грција пред посетата на германската канцеларка оценија дека таа на утрешната средба со лидерот на опозициската Неа Деморкатија, Киријакос Мицотакис, ќе интервенира и ќе изврши притисок тој, ако веќе не дава согласност за Договорот од Преспа, тогаш барем да се согласи со прием на Македонија во НАТО.

Повеќе:  Меркел ќе интервенира кај Мицотакис за договорот со Македонија

На вечерашната прес-конференција во Атина, Ангела Меркел, околу претстојните разговори со Мицотакис рече:

„Се разбира дека има различни ставови. Нема да се мешам во внатрешните грчки планови на различните партии. Меѓутоа, ќе се залагам за ставање крај на спорот за името. Не ја преценувам својата улога. За ова нема првпат да разговарам со господин Мицотакис. Но, верувам и цврсто сум уверена дека тоа е за добро на Грција, за добро на идната Северна Македонија, за добро на стабилноста на Западниот Балкан и за добро на ЕУ. Во тоа сум длабоко уверена. Има едно добро правило: опозицијата мора да ја критикува владата, така е насекаде низ светот во демократиите, но за прашања од многу големо национално значење треба да се прават обиди за наоѓање заедничка позиција. Ќе се залагам за тоа, но не негувам големи илузии што се однесува до ставовите. Тие сигурно нема да се променат со посетата на една германска канцеларка.“

Средбата со Мицотакис е на агендата утре, а германската канцеларка во текот на утрешниот ден ќе разговара и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и ќе има средби со претставници на грчката економија, наука и култура. 

DW.COM

Реклама