Меркел предупредува од корона-мутациите | Информации и анализи за Германија | DW | 11.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Меркел предупредува од корона-мутациите

Германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот го бранеше повторното продолжување на локдаунот. АфД и' префрла на владата дека со тоа го крши законот. Либералите сметаат дека парламентот не е доволно вклучен.

Германската канцеларка Ангела Меркел го бранеше повторното продолжување на локдаунот до 7 март. Во Германија никогаш немало вакви ограничувања на слободата, но рестрикциите се сепак донесени во согласност со демократските начела, рече Меркел во нејзиното обраќање во Бундестагот.

„Многу реална закана“

Меркел е задоволна од развојот на ситуацијата и бројот на заразени. „Има тренд на намалување,“ рече канцеларката. Истовремено ја посочи опасноста која демне поради мутациите на вирусот. Во Германија засега се регистрирани една британска, јужноафриканска и бразилска мутација. Тие се многу поагресивни и полесно преносливи од досегашните форми. Експертите се сигурни дека е само прашање на време кога мутациите ќе надвладеат над оригиналната форма на вирусот. Ова е една „многу реална закана“, рече Меркел. Мутациите се една од причините зошто сојузните и покраинските власти решија олабавувањата да не го врзуваат на конкретен датум, туку да се водат според инциденцијата. „Вирусот не се ориентира по датуми.“

Инциденцијата сега е 64

Меркел посочи дека таканаречената седумдневна инциденција е 64,2 (претходно беше 68) и е во опаѓање. Вредноста се пресметува според бројот на заразени на 100.000 лица во рок од една недела. За почетокот на март, според Меркел, се очекува таа да падне на 50. Тогаш ќе може да се зборува за олабавувања на мерките и понатамошни чекори на отворање.

Редуцирање контакти, работа од дома

Канцеларката повторно, по којзнае кој пат, ја нагласи важноста личните контакти да се намалат на минимум. Треба да се избегнуваат и приватни патувања, вклучително и посети кај роднини. Меркел уште еднаш апелираше до работодавачите онаму каде што е возможно да се работи од дома.

Зборуваше и за големо потфрлање во начинот на кој минатата есен се справувале со пандемијата. Летото 2020 во Германија повторно беше возможно да се води колку толку нормален живот. „Но, потоа не бевме доволно претпазливи и не реагиравме доволно брзо“, призна Меркел. Политиката не успеа доволно брзо да го затвори јавниот живот за да се спречи раст на бројот на заразени. Бројките експлодираа како „последица на колебливото дејствување“.

Многу повеќе од 60.000 починати

Во тој контекст канцеларката потсети на сите што починале со или од корона вирусот. „Тие мртви, а тоа се далеку повеќе од 60.000 лица, се наши мајки, татковци, деца, роднини, пријатели кои не можевме да ги спасиме”, рече Меркел и нагласи: „Тагата за нив и сочувството со нивните блиски секогаш нѐ водат кога носиме одлуки во пандемијата. Тоа им го должиме.”

Како прв говорник шефицата на пратеничката група на АфД, Алис Вајдел, остро ја критикуваше владината политика. Едно „друштво” повторно се договорило за масовен упад во животот на луѓето, смета таа.

Bundestag Alice Weidel

Алис Вајдел, АфД

На владата и' префрли дека делува противуставно и спомена колатерални штети од немерливи размери. Вајдел ја праша владината коалиција дали сака државата да ја доведе до нивото на земја во развој. Шефицата на АфД оцени дека граѓаните се чувствувале потценети и изиграни.

Шефот на Социјалдемократите, Ролф Мицених, смета дека новите заклучоци се оптоварување, но продолжувањето на локдаунот било „соодветно, неопходно и од издржани причини”.  Во обраќање пред пратениците сепак побара перспектива кога ќе може да има олабавувања. Тоа мора да се случи со помош на „разбирливи критериуми”, бара Мицених, кој посочи и дека апсолутна вистина во ваква егзистенцијална криза, не постои.

Bundestag Rolf Mützenich

Ролф Мицених, СПД

Бундестагот недоволно вклучен во одлуките

Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, рече дека „со оглед на големата исцрпеност во општеството” заклучоците се разочарувачки. „Многу луѓе очекуваа повеќе од свежо потстрижување”, рече тој во Бундестагот, алудирајќи на отворањето на фризерските салони на први март.

Гледај видео 02:30

Фризерите на раб на очај

Линднер на владата повторно и' префрли дека недоволно го вклучува парламентот во носењето на одлуките. За плановите на владата уште во вторникот се пишуваше во медиумите.

И шефот на Левицата, Дитмар Барш, критикуваше дека Бундестагот повторно бил информиран дури откако биле донесени заклучоците. На владата и' префрли дека не набавила доволен број вакцини.

Зелените бараат јасна перспектива

Шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, бара појасна перспектива за натамошното постапување во пандемијата. Покрај тоа, бара поголемо внимание да се обрне на децата и младинците, кои според неа не би требало да се остават со месеци дома без образовната компонента.

Deutschland Bundestag

Катрин Геринг-Екарт, Сојуз 90/Зелени

Политичарката од Зелените ги критикуваше и постапките на владата во однос на субвенционирањето на бизнисите. „Субвенциите се огромен неуспех на владата”, рече и додаде: „Дајте си поттик и помогнете им на луѓето навистина.”