Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик за ЕУ | Свет | DW | 06.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик за ЕУ

Германија е против споделување на долгот со другите земји-членки на ЕУ, но ќе поддржи користење на механизмот за кризни ситуации вреден 400 милијарди евра. Меркел вели дека не е време за олеснување на ограничувањата.

Пандемијата на коронавирусот е најголемиот предизвик со кој било кога се соочила ЕУ, а земјите-членки мора да покажат поголема солидарност за Унијата да излезе посилна од економската криза, порача германската канцеларка Ангела Меркел.
Германија и Холандија се цел на критики од Италија и Шпанија- двете најтешко погодени земји од пандемијата- затоа што одбиваат да прифатат издавање на заеднички обврзници на еврозоната со кои би се намалило влијанието на кризата врз економијата. Меркел уште еднаш го повтори одбивањето да се споделува долгот во еврозоната со другите земји, но рече дека го поддржува користењето на специјалниот фонд на ЕУ за кризни ситуации за да им се помогне на земјите кои се најтешко погодени од кризата.
„Според мене ЕУ е соочена со најголемиот тест од нејзиното основање“, изјави Меркел на прес-конференција. „Имаме голем здравствен предизвик кој влијае врз сите земји-членки, без оглед на разликите. Тоа е симетричен шок“.

Гледај видео 01:21

Борбата против Ковид-19 во германските болници

Потенцирајќи дека и Германија ќе бида ослабена доколку ЕУ не покажува доволно солидарност со своите најтешко погодени членки, Меркел рече дека „мораме да покажеме дека сме подготвени да ја браниме Европа, и да ја зајакнеме“.
Германија исто така ќе поддржи и пост-кризни стимулативни програми во еврозоната и во цела ЕУ, и е подготвена да даде придонес во тоа. 

- повеќе: Како функционира чадорот за спас ЕСМ? 

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц вели дека фондот за финансиска помош на ЕУ, Европскиот механизам за стабилност, кој располага со околу 400 милијарди евра, ги има потребни инструменти за намалување на економскиот удар на пандемијата и дека најтешко погодените земји треба да добијат пристап до него.

Пандемијата ќе трае до 2021 година

Меркел денеска порача дека ограничувањата на слободното движење и затворените стопански објекти кои се во сила од 22 март, ќе останат во сила најмалку до 19 април и оцени дека е прерано за олеснување на мерките.
Според документ на германската влада кој го објавува агенцијата Ројтерс, се планира фазно враќање во нормалниот живот откако ќе завршат мерките за ограничување. Во нив се предвидува и задолжително носење маски во јавност, ограничување на собири и брзо пронаоѓање на инфекциските синџири.

- повеќе: Борбата против Ковид-19 во германските болници

Со планот кој го планира владата ќе биде можно да се следат над 80% од луѓето со кои една заразена личност била во контакт во рок од 24 часа од дијагнозата. Заразените и оние со кои тие имале контакт ќе бидат ставани во карантин, или дома или во хотели. Документот предвидува дека пандемијата ќе трае до 2021 година.
Но, во меѓувреме, ќе биде дозволено повторно отворање на продавниците, како и училиштата во некои региони, иако стриктните мерки за социјално дистанцирање ќе останат во сила. Стриктните гранични контроли ќе бидат релаксирани, но големите настани, собири и приватни забави ќе останат забранети.
Во моментот кога ќе има на располагање заштитни маски, ќе биде задолжително тие да се носат во возови и автобуси, како и во фабрики и јавни објекти.

DW.COM

Реклама