Меркел контра брборењето на Трамп | Свет | DW | 23.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел контра брборењето на Трамп

Додека американскиот претседател на Светскиот економски форум повторно „излезе од редот“, канцеларката во Берлин одржа огнено пледоаје за повеќе мултилатерализам. Дајте повеќе од тоа, бара Марсел Фирстенау.

Доналд Трамп во вторникот ја користеше големата бина во Швајцарија, Ангела Меркел пак една мала бина во Берлин. Егоманот од Вашингтон на Светскиот економски форум во Давос зборуваше за себе, самоуверената од Берлин зборуваше за значењето на геополитичкиот дијалог. Многу повеќе медиумско внимание му беше посветено на американскиот претседател, кој им се подбива на заштитниците на климата и ги нарекува „пророци на пропаста“. Во меѓувреме, истиот ден, канцеларката во берлинската Американска академија, предупреди до опасноста да се падне во „нова биполарност“.

Ниту едното ниту другото не е ништо ново - на една страна во себе вљубениот создавач на врева, на друга - замислената опоменувачка. Да, пораките и тонот на двајцата се доволно познати. Сепак, благотворно е кога сѐ уште најважната политичарка во светот му се спротивставува на најмоќниот маж на светот. Во времиња на гласни луѓе меѓу премиерите и претседателите, благотворни зборови на влијателни, свесни за одговорноста луѓе како Ангела Меркел се поважни од кога и да е досега.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon (DW )

Марсел Фирстенау

Нема студена војна со Кина

Германската премиерка пледира „со она што го имаме како резултат и искуства од мултилатерализмот, да вклучиме и земји како Кина, или барем еднакво да ги третираме“. Во моментов американскиот претседател е занесен со својата политика која се потпира на конфронтација: „Америка расне и цути и да - Америка повторно победува како никогаш досега.“ Ако се направи споредба со инаку грубата реторика на Трамп, ова звучи речиси дури поетски. А, сепак, тоа е само една поинаква верзија на неговата догма: „Америка на прво место.“

Ангела Меркел, наспроти тоа, успева лесно да потсети на минатите времиња на глобален источно-западен конфликт и да направи паралела со денешното време. Тогаш светот беше немирно место, денес е исто така. Но, актуелното заедничко живеење на оваа планета е поопасно и позагрозено од кога и да е досега.

Никој не може сам да излезе на крај со војните, конфликтите и климатската криза. Дали Трамп тоа го има сфатено? По три години на фунцијата оправдани се сомнежите во такво нешто. Неговото брборење во Давос е повеќе индиција дека не научил ништо. Напротив, тој зборува за Европа, но неговата целна група е на другата страна на Атлантикот. Човекот стреми кон тоа да биде реизбран на функцијата претседател на САД.

Меркел работи на своето наследство, Трамп води кампања

Контрастот со Ангела Меркел не може да биде поголем. Нејзината ера завршува најдоцна во 2021 година. Таа исклучи можност за натамошна кандидатура. Говори како тој во Американската академија се веќе дел од нејзиното политичко наследство. Се работи за наследството на една жена која израснала во источногерманската диктатура и која од 2005 година управува со судбината на повторно обединетатата Германија - национално и интернационално.

Од вторникот таа е носител и на наградата „Хенри Кисинџер“, наречена по поранешниот американски министер за надворешни работи по потекло од Германија. Меркел ја доби наградата за своето политичко животно дело. Во својот говор на благодарност на почетокот рече: „Можеби е тоа една од работите која денес ни е најмногу потребна - задржување на способноста за разговор.“ Има право. А во право е и кога вели: „Порано имавме свет на студена војна, во кој малку, но сепак некако се разговараше еден со друг.“ Денес луѓе како Трамп зборуваат пред сѐ за себе, без да се интересираат за ставовите на другите. Колку повеќе има луѓе кои со стил му се спротивставуваат нему и нему сличните, толку подобро.

DW.COM

Реклама