Меркел и Путин ќе ја „пеглаат“ дипломатската криза | Свет | DW | 07.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел и Путин ќе ја „пеглаат“ дипломатската криза

Поради сомнеж за вмешаност на Русија во убиството на еден Грузиец во Берлин, Германија протера двајца руски дипломати. Најнови сознанија- осомничениот убиец веројатно е член на Федералната безбедносна служба на Русија.

Германската канцеларка Ангела Меркел идната недела ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, потврди вчера владин портпарол во Берлин. Се претпоставува дека тема ќе биде и убиството на грузискиот активист Зелимкан Кангошвили, кое е во фокусот на актуелната дипломатска напнатост меѓу двете земји. Средбата ќе се одржи во Париз, непосредно пред конференцијата за Украина, организирана од францускиот претседател Емануел Макрон.

Канцеларката планира и билатерален разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Пораст на германско-руските  тензии

За време на самитот на НАТО изминатата недела Меркел ја критикуваше Москва во врска со убиството на 40-годишниот Грузиец. Кангошвили беше убиен на 23. август годинава од страна на еден велосипедист од непосредна близина, среде бел ден во парк во Берлин. 

Кангошвили по потекло е Чеченец и се борел против Русија во Втората чеченска војна, а бил поврзан и со грузиската воена тајна служба.

Оваа недела германското Сојузно обвинителство ја презеде истрагата околу убиството на Кангошвили, со оглед дека располага со почетни доволно индиции дека зад него стојат државни структури од Русија или Чеченија.

Москва огорчена од протерувањето дипломати

Германското министерство за надворешни работи во средата протера двајца руски дипломати, а Меркел изјави дека одлуката е донесена врз основа на недоволната соработка на Русија во расветлување на убиството.

Mord an Georgier in Berlin (picture-alliance/dpa/C. Soeder)

Кангошвили беше убиен среде бел ден во Берлин

Вчера шефот на кабинетот на Меркел, Хелге Браун изрази загриженост од жестоката реакција на Москва на протерувањето. Претходно руската амбасада во Германија ги отфрли обвинувањата за учество во убиството и се закани со консеквенци. Сепак, Браун за магазинот „Шпигел" дополни: „Протерувањето руски дипломати го сметаме за исклучително итен сигнал до Русите за да ни помогнат во истрагата околу идентитетот и личното опкружување на осомничениот убиец. Со оглед на повеќемесечното игнорирање на овие барања, немам разбирање за револтираноста на Русија и нејзините размислувања околу контрамерки".

Осомничениот Русин молчи во притвор

Осомничениот убиец на Кангошвили беше уапсен при обидот да побегне од Берлин. 49-годишниот маж со руско државјанство во 2013 година учествувал и во убиството на еден руски претприемач и засега се брани со молчење.

Германското Министерство за надворешни работи потенцира дека Кремљ, без оглед на инсистирањето од високи по ранг германски функционери, нерадо соработува во истрагата.

Повеќе: 

Со убиството во Берлин, Русија го тестира Западот

Германија протера руски дипломати поради убиство во Берлин

Зад убиството на Чеченец во Берлин стои руска тајна служба?

Според вчера објавен извештај на веб страницата за истражувачко новинарство Bellingcat, осомничениот убиец веројатно бил член на специјална единица на руската Федерална безбедносна служба (ФСБ). Најдени се докази за неговото регрутирање како убиец –со оглед на неговата конфронтираност со повеќе обвиненија, тој прифатил соработка, а за возврат извршено е бришење на обвиненијата против него, што наводно е вообичаена метода за врбување на извршители на екстратерориторијални атентати.

 

DW.COM

Реклама