Меркел: „Иран провоцира!„
13 јануари 2006
„Иран провоцира, ги мина црвените линии и има едноставно работи што се неприфатливи„ – порача Меркел вчера вечер по пристигањето во Вашингтон на прва официјална посета на САД од доаѓањето на функцијата.
За време на заедничката средба на околу 200 американски и германски политичари во Вашингтон, Ангела Меркел порача дека мора да се најде начин како да му се покаже на Иран оти не смее да ја провоцира меѓународната заедница. Таа посочи дека меѓународната заедница мора да изнајде што е можно поширока основа за заедничко дејствување околу овој спор и ја поздрави препораката на тројцата европски министри за надворешни работи случајот со атомската програма на Иран да се изнесе пред Советот за безбедност на ОН.
Што се однесува до американско-германските односи, таа се изјасни за отворен и искрен дијалог околу сите отворени прашања, како што е на пример борбата против тероризмот. Меркел оцени дека обете страни се наоѓаат во процес на учење и дека би било страшно само ако некоја од нив би го отфрлила дијалогот околу различните проценки. Таа во одговорите на прашања од присутните гости ги повтори задршките кон подолгорочното постоење на спорниот американски затвор во Гвантанамо. Но, што се однесува општо до германско-американските односи, таа порача дека обете страни мораат да најдат сила да почнат нова фаза:
„Очекувам посета во пријателска, партнерска и отворена атмосфера. Секако дека станува збор и за интензивно запознавање, бидејќи со американскиот претседател до сега сум се сретнала само еднаш и тоа на кратко„ – појасни Меркел уште пред пристигањето во Вашингтон.
Денеска на дневниот ред на нејзината посета на САД се наоѓа токму посетата на Белата куќа и првата официјална средба со Џорџ Буш.