Меркел- жената со челични нерви | Свет | DW | 13.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел- жената со челични нерви

Германската канцеларка се обидува да им удоволи на критичарите во нејзината партија- барем малку. Меркел планира да остане лидер на ЦДУ, а шансите дека ќе успее се големи, смета Јенс Турау.

Во неделата, по серијата случувања без преседан во германската политика претходните денови, канцеларката Ангела Меркел имаше изненадувачки настап на вториот канал на јавниот сервис ЦДФ. Меркел тукушто постигна коалициски договор со социјалдемократите (СПД) во кој нејзините демохристијани (ЦДУ) се откажаа од сите клучни позиции во владата- освен канцеларската, се разбира.

Министерствата за надворешни работи и финансии ќе бидат раководени од кадри на СПД, иако ЦДУ беше јасен победник на изборите во септември. Ова е спектакуларно постигнување на СПД, но тоа не ја спаси партијата од јавен внатрешен крах. Не се задоволни ниту членовите на ЦДУ. Преговарачката умешност на Меркел беше критикувана со ретко виден интензитет во партијата која досега покажуваше речиси некритична лојалност кон канцеларката.

Меркел го призна тоа во неделата. Рече дека отстапките за да се направи влада биле болни („и за мене“).
„Минавме 12 часа во разговор за распределбата на министерствата“, рече таа. Потоа, ја отфрли дебатата во нејзината партија, исто како и шпекулациите за тоа кој би можел да ја наследи, најавувајќи дека ќе остане канцелар во следните четири години и нема намера да се повлече од лидерската функција во партијата.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау

C'est la vie

Меркел знае дека младите, особено десничарските настроените како Јенс Шпан и Јулија Клокнер гласно бараат нови идеи и јасни конзервативни определби, откако политиката на канцеларката изминатите години повеќе наликуваше како да е подготвена од СПД. Канцеларката сега вели дека е подготвена да ги вклучи тие млади и гласни членови во владата. Фактот дека Клокнер, заменик-национален лидер на ЦДУ, има добри шанси да стане министер за земјоделство се споменуваше и досега. Отстапката беше поздравена со гласно одобрување од Младата Унија- подмладокот на ЦДУ. Ете толку брзо може Меркел да ги привлече луѓето на своја страна. Со други зборови: таа се уште има огромна моќ.

А СПД, која е тешко погодена од катастрофалните избори и внатрешните превирања, е толку длабоко поделена па и требаа големи отстапки за воопшто да влезе во коалицијата. Па Меркел даваше сѐ што можеше- па дури и повеќе. „C'est la vie“, гласи нејзиниот стоички израз на лицето. Жената има челични нерви.

Ангела Меркел тоа го покажа стотици пати. Секако, постои ризик дека смиреноста и студениот реализам на канцеларката се претерани. Но нема да бидам изненаден доколку методот на Меркел повторно функционира. И за СПД беше болно одобрувањето на големата коалиција. Сега, сите се малку потсмирени. Меркел директно им удоволи на своите критичари, а во замена, ќе остане лидер на ЦДУ и германски канцелар уште четири години. Да си признаеме. Не е сјајно, но е многу подобро од нови избори.

 

DW.COM

Реклама