Меркел ги критикува несолидарните ЕУ-држави | Свет | DW | 29.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел ги критикува несолидарните ЕУ-држави

Германската канцеларка Меркел во интервју за АРД упати критики за несолидарноста на ЕУ-државите по прашањето на бегалците. Таа тивко ја критикуваше и Турција, а премолче по прашањето - дали ќе се кандидира уште еднаш?

Бегалска криза, криза на доверба во ЕУ, стрели од Минхен, а и големокоалициското владеење станува сѐ потешко - разбирливо, изборите за Бундестагот се на повидок, а ниту ЦДУ ниту СПД немаат кандидат за канцелар. Во интервјуто за првиот канал на германската телевизија (АРД) германската канцеларка и шефица на ЦДУ, Ангела Меркел, не сакаше да одговори на прашањето дали ќе се кандидира уште еднаш за функцијата канцелар на изборите во 2017 година. Тоа ќе го соопшти „кога ќе биде време“, одговори Меркел на прашањето за евентуална нова кандидатура. Истовремено, таа додаде дека никогаш не утврдила термин кога сака да се изјасни по ова прашање. Магазинот „Шпигел“ објави дека Меркел ќе чека до пролет, поради тоа што шефот на ЦСУ Хорст Зехофер сака на почетокот на 2017 година да објави дали неговата партија ќе ѝ даде поддршка на Меркел, која наредната година ќе наполни 12 години на функцијата канцелар. Во анкетите нејзиниот рејтинг е во опаѓање, но сѐ уште е на високо ниво. Во нејзината ЦДУ е и натаму суверена, но не и неспорна. Ако сака да добие уште една кандидатура, ќе мора да има поддршка од мнозинството во ЦДУ. Партискиот конгрес во декември ќе биде важен сигнал: ако се кандидира за шефовската позиција во партијата, тогаш сосема сигурно ќе биде уште еднаш и кандидат за канцелар.

„Ќе успееме“ како прогноза и охрабрување

Во интервјуто за АРД, канцеларката се разбира одговараше и на прашања за бегалците и нејзиното легендарно „Ќе успееме“. Меркел на својата реченица од пред една година гледа како на „прогноза и охрабрување“. „Оттогаш, секој ден беше исполнет со оваа задача“, подвлече таа. Па сепак, „има уште многу да се направи“. Во меѓувреме, коалициониот партнер на канцеларката, шефот на СПД Зигмар Габриел, за вториот канал на германската телевизија (ЗДФ) констатира дека „ќе успееме“ не е доволно и додава дека ЦДУ и ЦСУ блокирале во многу сфери од бегалската политика. Меркел не реагира на ваквото дистанцирање и вели дека нема да „зборува за тоа кој во кој дел имал повеќе сомнежи и забелешки“. Според нејзе, во текот на изминатите месеци се одвоени многу финансиски средства за бегалците и сторено е многу за да се подобри безбедноста во државата.

Deutschland Bundeskanzlerin Angela Merkel im ARD-Interview

германската канцеларка во т.н. летно интервју на АРД со Тина Хасел и Томас Бауман

Недостиг на солидарност во ЕУ

Имаше времиња кога Меркел своите патувања во странство ги користеше за да се опорави од постојаното ситничарење во внатрешната политика. Тоа време е одамна минато. Во текот на изминатата недела таа за три дена отпатува во четири европски метрополи и се сретна со десетина шефови на држави или влади. Таа е шефица на влада со најдолг стаж, таа владееше и во времето на финансиска, монетарна и економска криза. Сега сака да ја одржи Европа заедно, но нејзините претстави за солидарна Европа наидуваат на отпор пред сѐ во Источна Европа.

Функционира ли кризниот менаџмент на Меркел сѐ уште? Без брзање, опомена канцеларката, пред сѐ во однос на референдумот во Велика Британија. Наместо тоа, треба мирно да се размисли што останатите 27 членки на ЕУ треба да направат подобро. „Во Европа најдовме многу решенија во текот на изминатите години и мора уште да работиме на проблематичните прашања“, вели таа.

Едно од нив е распределбата на бегалците во рамки на Унијата. Меркел јасно ја критикува недоволната солидарност на другите ЕУ-држави. Некои од нив отфрлија генерално да примат бегалци муслимани. „Тоа не оди“, подвлекува Меркел и потсетува и на она што е постигнато, како мисијата на НАТО на Егејот и договорот со Турција за бегалците.

А, како е со турската демократија? „Не давам оценки, но сѐ уште укажуваме на дефицити“, вели Меркел. Според нејзе, важно е да се остане во дијалог со турската влада, „зашто ако не се разговара еден со друг, туку само еден за друг, тоа во дипломатијата најчесто не води кон добри резултати“. Сепак, Меркел избегна директно да ги спомне конкретните проблеми во Турција, како слободата на печатот или односот кон критичарите на власта, како и проблемите на курдското малцинство и воените акции на Турција во Сирија. Затоа пак, јасно нагласи дека таа е канцеларка и на луѓето со турско потекло во Германија и ги охрабри германските Турци да се ангажираат повеќе во општеството и државата. Во последно време во земјата се водат дискусии околу барањето на Меркел до граѓаните со турско потекло да покажат лојалност со Германија. Канцеларката во интервјуто потенцира дека нејзе ѝ е до тоа „конфликтите во Турција да не се пренесуваат во Германија“.

DW.COM

Реклама