Меркел во приватна аудиенција кај папата Франциско
18 мај 2013Германската канцеларка Ангела Меркел денеска беше примена на аудиенција од поглаварот на Римокатоличката црква Франциско.
На средбата во приватната библиотека на папата во Ватикан, која траела околу 45 минути, Меркел и папата Франциско разговарале за прашања поврзани со верата, глобализацијата и улогата на Европа во светот.
По средбата Меркел изјави дека регулирањето на пазарите е главна цел, а функцијата на економијата е да им служи на луѓето.
Папата Франциско неодамна ја осуди „тиранијата“ на пазарите и побара финансиски реформи, проследени од поголема помош за сиромашните. Тој истакна дека „парите треба да им служат на луѓето, а не да ги раководат“.
„Разговорот со папата е признание за Германија“, нагласи Меркел, додавајќи дека тој може да им се доближи на луѓето со прости и трогателни зборови. Според германската канцеларка, папата Франциско јасно ставил до знаење дека Европа му е потребна на светот.
Ова беше втора средба на канцеларката и папата Франциско. На 19 март Меркел присуствуваше на свечената миса по повод стапувањето на Франциско на должноста, при што лично му го честиташе изборот за наследник на папата Бенедикт Шеснаесетти. Таа уште тогаш го поканила папата да ја посети Германија.