Меркел вакцинирана против коронавирусот | Информации и анализи за Германија | DW | 16.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Меркел вакцинирана против коронавирусот

Германската канцеларка Ангела Меркел беше вакцинирана во Берлин. Таа денеска ја прими првата доза на вакцината на АстраЗенека. Го стори тоа тивко и мирно, но испрати силна порака.

„Им благодарам на сите кои се ангажираат во кампањата за вакцинација, и на сите кои се вакцинираат“, изјавила канцеларката, како што пренесе најзиниот портпарол Штефен Зајберт.

Без фотографија и со неколку редови текст на Твитер: за разлика од многу светски политички лидери, германската канцеларка Ангела Меркел не направи голема врева околу вакцинирањето со вакцината на шведско-британскиот производител АстраЗенека.

66-годишната канцеларка вакцината ја примила во центарот за вакцинација на поранешниот аеродром во Берлин- Темпелхоф, каде во моментот исклучиво се вакцинира со контроверзната вакцина. Во моментов, таму може да се вакцинираат околу 3.000 луѓе на ден - а денеска меѓу нив беше и Ангела Меркел.

„Ќе се вакцинирам кога ќе дојдам на ред“

„Кога ќе дојдам на ред, ќе се вакцинирам, и со АстраЗенека.“ Канцеларката Меркел го повторуваше ова повеќепати во изминатите недели, знаејќи колку токму во Германија редоследот за вакцинирање е чувствителна тема. Политичарите во Германија, во секој случај, не навалуваат да се вакцинираат, дури иако немаат формални забелешки за вакцинирањето, како и канцеларката.

Штајнмајер - имам доверба во вакцините

„Имам доверба во секоја вакцина која е одобрена во Германија. Вакцинирањето е одлучувачки чекор за излез од пандемијата. Искористете ја можноста и придружете се“, апелираше германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмајер, во почетокот на април во едно соопштение.

Повеќе:

-Вакцинација: Дојде редот и за канцеларката?

-Се бараат казни за оние кои се туркаат за вакцина преку ред

-Меркел: Вакцинацијата ќе биде потребна со години

Премиерот на сојузната покраина Баден Виртемберг, 72-годишниот Винфрид Кречман, е еден од ретките германски политичари кој дозволи да го снимаат камерите кога се вакцинираше во март. И тој ја прими вакцината на АстраЗенека и брзо соопшти дека е уверен во сигурноста и ефикасноста на серумот.

АстраЗенека за постари од 60 години

Вакцината на шведско-британскиот производител АстраЗенека на почетокот беше дозволена само за лицата под 60 години, поради тоа што немаше доволно податоци за тоа како делува вакцината на постарите од 60 години. А, потоа почнаа да пристигаат загрижувачки извештаи за церебрална тромбоза во неколку случаи, првенствено кај млади жени.

Сега пак, АстраЗенека во Германија се дава на лицата над 60 години. Така што, сега со оваа вакцина можат да се вакцинираат цела низа водечки политичари од оваа старосна група. Во оваа смисла канцеларката даде сигнал дека, покрај сите несигурности, и натаму верува во оваа вакцина.

Помали скандали од локални политичари

Германските водечки политичари и натаму често се вакцинираат во тишина. Сигурно и поради тоа што знаат колку брзо можат да појават дебати за тоа дали го користат своето влијание и моќ да обезбедат неоправдани привилегии.

На почетокот на вакцинацијата во декември, навистина имаше вести оти одделни локални политичари ја заобиколиле процедурата и добиле вакцини. Градоначалникот на Хале во покраината Саксонија-Анхалт е суспендиран од функцијата кога се дозна дека се вакцинирал преку ред.

Гледај видео 02:41

САД: Вакцинација со „турбо“ брзина

Поголемо медиумско внимание во другите земји

Политичките моќници во другите земји настапуваат значително поофанзивно со сопственото вакцинирање, отколку што тоа го направи Меркел во Германија. Британскиот премиер, Борис Џонсон, во март се вакцинираше во присуство на бројни претставници на седмата сила. Џонсон минатата година беше заразен со Ковид-19 поради што беше лекуван и на оделението за интензивна нега. Кога се вакцинираше рече оти речиси ништо не почувствувал. „Беше многу добро и многу брзо“, изјави тој.

Актуелниот американски претседател, Џозеф Бајден, уште не беше на оваа функција кога во декември 2020 година пред камерите се вакцинираше во една болница во Делавер. Бајден ја прими вакцината против коронавирусот на германско-американскиот производител Бионтек/Фајзер. „Ова го правам да демонстрирам дека луѓето треба да се подготват, кога ќе биде достапна вакцината. Нема ништо поради што треба да постои загриженост“, изјави тогаш Бајден.