Медицина базирана на докази, избори базирани на компромис | Северна Македонија | DW | 27.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Медицина базирана на докази, избори базирани на компромис

Засега нема потврда на неофицијалните најави дека партиите може да се најдат на „половина пат“ околу изборниот датум: не во јуни, не во август, туку во јули.

Од денеска не важи посебениот режим на движење (полицискиот час), од утре ќе започнат со работа угостителските објекти, од средината на јуни најверојатно ќе се отворат градинките... По вчерашната одлука на Владата за укинување на рестриктивните мерки, премиерот Спасовски најави „преоѓање во нова фаза, нова нормалност на нашето живеење и ново секојдневие“. Во таа нова фаза на ред ќе дојде и разговор за датумот избори

„Преку обезбедена епидемиолошка контрола, преку строги протоколи за новата нормалност и преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може да зборуваме и за сите вообичаени активности, како што се и закажаните избори", најави премиерот.

„На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на функционирањето на државата. На македонските граѓани им треба функционално Собрание. Датумот на изборите е детерминиран со Уредбата со законска сила, која има важење до завршувањето на вонредната состојба. Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба, за 22 дена треба да се одржат избори. Тоа е фактичка состојба. Затоа изборите треба да се реализираат во првиот можен рок. Мораме да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во оној момент кога ќе има најмногу створени услови", рече Спасовски.

Во очекување на партиски консензус

Кој е првиот можен рок со најмногу создадени услови? Колку партии -толку можни одговори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни за избори во август или септември, иако нејзиниот партиски лидер во еден период го спомнуваше и јули. Засега нема најава за лидерска средба, до која би дошло доколку лидерите на парламентарните партии покажат подготвеност за компромис. Нема потврда ниту на неофицијалните најави дека партиите може да се најдат на „половина пат“ околу изборниот датум: не во јуни, не во август, туку во јули. Според неофицијални информации, владејачката СДСМ веќе оставила простор за договор за 28-ми јуни или не подоцна од 5-ти јули.

Вонредната состојба истекува на 30-ти мај, што значи дека изборните рокови ќе продолжат веднаш да течат, а изборите ќе треба да се одржат на 21-ви јуни. Бидејќи тој датум не е прифатлив за сите, партиските лидери во следните три дена до истекот на вонредната состојба треба да постигнат консензус за друг изборен датум. Премиерот Спасовски вчера потсети дека иборите не се поврзани со вонредната состојба, туку дека со Уредбата со законска сила се стопираат изборните дејства додека трае вонредната состојба. Тој не ја исклучи можноста Владата да побара продолжување на вонредната состојба, но не заради временско бај-пасирање до изборниот датум, туку заради потребата да се носат неоходните мерки.

„Ако побараме продолжување на вонредната состојба, тоа ќе биде исклучително за донесување на преостанатите мерки за справување со последиците од корона-кризата. Веќе се прават анализи за тоа и се разговара со Комисијата за заразни болести и други надлежни институции. Сепак, на крајот, прво на претседателот на државата е да одлучи дали ќе донесе уште една одлука за утврдување вонредна состојба, доколку Владата одлучи да го побара тоа“, одговори премиерот на новинарско прашање.

Бројката на заразени под контрола

Во пресрет на овие прашања, во јавноста има поделени реакции околу укинувањето на рестриктивните мерки. Дел ги поддржуваат, дел од граѓаните стравуваат дека укинувањето на мерките може да донесе нови ризици за здравјето. Надлежните велат дека сите проценки се направени од стручни лица, односно се раководат од медицина базирана на докази.

Бројката на новозаразени на крајот од мај ја припишуваат на непочитувања на рестриктивните мерки во претходната фаза, а со тоа на создавање „џебови“ во веќе познати кластери, кои се под контрола на здравствените власти.

Одлуката за укинување на рестриктивните мерки дојде точно три месеци откако на 26-ти февруари беше дијагностициран првиот случај на заболен со коронавирус во земјава: пациентка која допатува од Италија.

На 22-ри март, денот кога Владата за првпат воведе ограничување на движењето од 21 часот навечер до 6 наутро, беа потврдени 29 нови заболени. Најголемиот број случаи на новозаболени беа евидентирани во месец април: на 5-ти април имаше 72 новозаболени, на 12- ти април  68, а на 16-ти април рекордни 107 нови случаи.

 

Реклама