Маљковиќ: Иднината е во регионалните лиги | Панорама | DW | 27.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Маљковиќ: Иднината е во регионалните лиги

Божидар Маљковиќ од пред неполн месец е избран за претседател на Олимпискиот комитет на Србија. Во интервју за ДВ говори за перспективите, регионалните лиги, кошарката и Југопластика. Златко Калински разговараше со него

Цел живот тренерката беше неговата работна униформа, сега е заменета со „смокинг“ и со сосема ново работно милје?

„Тешка е оваа трансформација. Бев навикнат и да спијам во тренерки. Јас сум еден од оние класични тренери од типот на Александар Николиќ и Ранко Жеравица, кои не се менаџери туку само тренери. Насочени тренери, занаетчии...Но, настана еден сплет на околности...кога три спортски сојузи на Србија, фудбалскиот, кошаркарскиот и атлетскиот ме предложија за оваа функција без да ме прашаат и одеднаш се најдов „сам на ливадата“, а зад мене беше цела армија, која почна да ме турка.

Огромно е спортското искуство што го има. Со какви идеи и приоритети Маљковиќ влезе во новата работа?

„Српскиот спорт го гледам на специфичен начин. Сакам што е можно повеќе да го афирмираме женскиот спорт. На последната Олимпијада во Рио половина од српските медали беа во женска конкуренција. Втората задача е кревање на таканаречените „мали спортови“, боксот кој има традиција, имаме одлични млади репрезентативци и во џудо, кревање тегови. Тоа се потенцијални медалисти. А, мојата обврска е за спортистите да обезбедам врвни услови за работа, да 'трчам по пари' низ Белград, низ Србија, низ светот за да обезбедам подобри финансиски услови. Да создадеме база, да имаме систем на работа. Во шега велам: 'чудата се создаваат, чудата не се случуваат'“!

Преку регионалните лиги до подобар квалитет

Како Маљковиќ гледа на натамошната спортска соработка меѓу земјите од регионот?

„Гледате дека некогашните клубови-гиганти во кошарката од овој регион се пред згаснување. Истото се случува и во другите спортови. Јас бев еден од заговорниците на Јадранската лига во кошарка и таа опстојува. Според мене најдоцна по две години ќе биде формирана и фудбалска регионална лига. Засега има противења од некои навивачи, но не од сите. Затоа со нив треба да се разговара, да им се објасни. Јас постојано се залагам за здружување, бидејќи спортот е за да ги зближи луѓето. Гледаме дека српски тимови играат кошарка во Задар, Сплиќани гостуваат во Белград...и нема проблеми. Мислам дека проблемите ги прави политиката. Екстреми има, но нашата 'света должност' е тие екстреми да ги спречуваме.“

Македонија одушеви во Литванија, Европа блиску до НБА

Кошарката е неодминливата тема. Маљковиќ вели:

„Пред да ми поставите прашање, сакам да се вратам на 2011-та, на настапот на Македонија на Европското првенство во Литванија. Македонската репрезентација ми остави многу силен впечаток. Играше одлична кошарка, онаа здрава кошарка каква што мора да се игра, играње умно, со добро водење од клупата.“

Flash-Galerie Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen (dapd)

Македонија во 2011 ми остави многу силен впечаток, вели Маљковиќ

Какви се размислувањата на Маљковиќ за Евролигата во кошарка, дали новиот модел применет во изминатата сезона е нов чекор кон можна европска верзија на НБА лигата?

„Мислам дека во моментов сите се стремат кон тоа, Евролигата да биде копија на НБА лигата. Но, ако се работи на тоа, тогаш треба да се прифатат сите елементи на НБА лигата, се комплетно, па дури и судењето. Барселона беше против ваквиот модел. Мои колеги со кои разговарам велат дека овој модел е многу тежок. Играчите имаат малку време за одмор. Што се однесува до завршниот турнир, тој е нешто специјално. На моите играчи секогаш им велев дека е тоа турнир на кој секој секого може да победи.“

Во тек е доигрувањето во НБА лигата. Благодарни ли се некакви споредби?

„НБА лигата мене ми е многу досадна во текот на сезоната. Секоја екипа има по неколку мега-ѕвезди, а другите играчи се со доста скромни квалитети. Но, со почетокот на  доигрувањето започнува да се игра вистинската кошарка,со борба за секоја топка...и тоа е многу интересно да се гледа. Според технологијата на работење, европската кошарка е многу блиску до американската, а тоа значи дека помалку се тренира, а повеќе се игра."

Југопластика во срцето

Маљковиќ две европски титули освои со Југопластика, а по една со францускиот Лимож и грчкиот Панатинаикос. Дали најголема „вредност“ имаат титулите со клубот од Сплит, освоени без скапи странски кошаркари?

„Така е! Сакам да го цитирам славниот Дино Менегин, кој изјави дека Југопластика е негов идеал, да се освои Европа без странци.Секој човек има свое животно дело, а моето беше Југопластика. Триумфот со Лимож беше најголемото изненадување, но Сплит ми остана во срцето. Титула освоена со клуб од мојата земја, тим кој јас го формирав, а новинарите го прогласија за најдобриот кој се појавил во Европа."

Маљковиќ со задоволство истакнува дека контактите со Кукоч, Раѓа, Павичевиќ, Сретеновиќ, Перасовиќ, Савиќ, Ивановиќ... ги одржува. Во тоа друштво беше и Петар Наумоски.

USA NBA Basketball - Cleveland Cavaliers vs. Golden State Warriors - LeBron James (Getty Images/R. Martinez)

Регуларниот дел НБА сезоната е здодевен, смета српскиот тренер

„Ова првпат го кажувам. Јас го доведов Наумоски во Сплит и му реков: Пеце ова е шампионски тим, на твојата позиција ќе играат поискусните Сретеновиќ и Павичевиќ, ти оваа сезона нема да играш,а ќе тренираш дневно по 8 часови.Следната година ќе биде твоја, ќе играш во првата петорка. Прифаќаш ли? Одговорот беше: Да! Денеска ниту еден играч тоа не би  прифатил да тренира, а да не игра. Ние сите видовме дека ќе стане голем играч. Тренираше крвнички, а после секој тренинг остануваше во салата и играше „еден на еден“ против Кукоч, Раѓа...со многу успех. Кога си заминував во Барселона, на последниот состанок на кој беа Шолман,Тврдиќ, Сканси, Мацура им оставив во „аманет“ да го задржат Наумоски, а да се ослободат од Сретеновиќ или Павичевиќ. Шолман, роден загрепчанец , ме праша што е тоа „аманет“... и се смеевме. Го задржаа, а во следните десет години, Наумоски беше еден од најдобрите плејмејкери во Европа.“

Без репрезентативен медал

Божидар Маљковиќ е без одличје на репрезентативно ниво, бидејќи, никогаш не стана селектор на југословенската или српската репрезентација. Две години ја водеше селекцијата на Словенија. Смета дека тоа не влијае врз неговиот тренерски опус. Но, неговата ќерка Марина, како селекторка на женскиот тим на Србија има златен медал од последното Европско првенство и бронзен од ОИ во Рио. Има ли мал удел нејзиниот татко, барем со совет?

„Не сум бил на ниту еден нејзин трениг, од возбуда дури ни преку ТВ не можам да гледам одделни нејзини важни натпревари. Тоа е чисто нејзино дело. Впрочем таа наскоро ќе дојде во Скопје на семинар, па прашајте ја!“, со насмевка вели Божидар Маљковиќ завршувајќи го интервјуто за Дојче веле.

Реклама