Мајсторски положен првиот испит на Мундијалот | Теми | DW | 17.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Теми

Мајсторски положен првиот испит на Мундијалот

Германската репрезентација го почна настапот на СП во Бразил со резултат од соништата. Со 4:0 ја совлада Португалија, а наместо Кристијано Роналдо главна ѕвезда на мечот беше германскиот играч со дресот број 13.

Во 82. минута публиката на целиот стадион во Салвадор се крена на нозе. Стануваше збор за навивачи во германски, бразилски па дури и во португалски дресови - сите станаа и му плескаа на Томас Милер. Додека трикратниот стрелец полека го напушташе треенот низ стадионот одекнуваше неговото име во сите можни интерпретации. Станува збор за име кое во фудбалскиот свет по овој 16.06.2014. одекнува слично како што одекнуваше во 70-те години на минатиот век.

Споредбите со легендарниот Милер во фудбалска Германија се всушност недопустливи. Герд Милер, „бомбашот на нацијата“, голгетер кој држи рекорди во речиси сите категории и статистики, се смета за недопирлива големина, крал на сите германски напаѓачи. Но, сепак овојпат споредбата е соодветна, бидејќи Милер „џуниор“ е еден од големите мајстори на својот занает.

Томас Милер на врелото попладне во Салвадор едноставно беше незапирлив. Енергично ја пробиваше португалската одбрана, истрча многу километри, секогаш беше подготвен за додавање и што е најважно: секогаш беше онаму каде што треба да биде еден напаѓач. Милер на крајот постигна три гола. Тоа беше голем ден за него.

Лев ги замолче критичарите

Во Германија пред почетокот на турнирот многу се расправаше за репрезентацијата. Многу коментатори му приговараа на селекторот Јоахим Лев дека е неодговорно во Бразил да замине само со еден класичен напаѓач - и тоа со повозрасниот и согласно тоа подложен на повреди, Клозе. Вчерашниот натпревар, меѓутоа го потврдува она што Лев секогаш го повторуваше: дека тој има многу повеќе напаѓачи, зашто сите играчи од средниот ред се всушност напаѓачи.

Но, Германија стартуваше толку уверливо на СП во Бразил не само благодарение на Томас Милер. Новата одбранбена формација со Боатенг, Хумелс, Мертезакер и Хеведес се покажа како добар и сигурен избор. Својата основна задача да постави непробоен ѕид пред голманот Нојер, секој од нив ја извршуваше со целосен ангажман, а треба да се признае дека имаше и малку среќа во почетната фаза на португалската офанзива.

И, секако, благодарејќи на фантастичниот Филип Лам кој пред последниот ред на одбраната расчистуваше се’. Заедно со повторно напаѓачки настроениот Кедира, Лам беше токму она што Лев го планираше- линк меѓу компактната одбрана и нападот. А, нападот доследно ја спроведуваше во дело намерата на тренерот - да биде непредвидлив. Озил, Крос и Геце ги менуваа често позициите и така целно создаваа конфузија во редовите на Португалците.

И „Елф“ има свои слабости

А, инаку повеќе се очекуваше од четвртиот на светската ранг листа на ФИФА. „Светскиот првак во контри“, како што ја нарече Лев Португалија, само на почетокот на натпреварот делуваше опасно, подоцна исцрпено и веќе и пред црвениот картон за Пепе (во 37. минута) резигнирано. Поради црвениот картон Пепе не може да игра, а Контрао се повреди, на деморализираната Португалија ќе и’ биде тешко во наредните два натпревари против Гана и САД.

А, што е со Германците? Можат ли тие веќе да го слават влезот во осминафиналето? Не, ни одблизу, предупреди капитенот Лам веднаш по натпреварот: „Ова беше убава победа, но се’ уште не сме на целта“. Бидејќи одличниот резултат на премиерата фрли во втор план некои од слабостите на „Елф“ кои сепак можеа да се видат: реализацијата на шансите беше се’ освен оптимална, високите центаршутови од крило не наоѓаа никого во шеснаестникот да ги искористи, а Озил ниту овој пат не искористи ни дел од својот потенцијал. Сигурно Германија нема да продолжи вака лесно да поминува низ сите натпревари на турнирот, но оваа победа е основа врз која германскиот тренер може да продолжи да го гради успехот на „Елф“ во Бразил. Првиот тест е мајсторски положен.

Поврзана содржина