Машката трка за наследник на Меркел | Информации и анализи за Германија | DW | 16.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Машката трка за наследник на Меркел

Во 1994 година тројца мажи од Западна Германија во исто време ја започнаа кариерата во Бундестагот. Сега се противници во борбата за првото место во ЦДУ. Поглед наназад како дојдоа до тоа што се денес.

Политика - тоа се биографии. Политичките кариери имаат свои кулминации и падови. Повеќе од десет месеци тројца политичари се стремат кон тоа да станат претседател на најважната владејачка партија ЦДУ. Армин Лашет (59), Фридрих Мерц (65) и Норберт Ретген (55), тројца мажи, тројца правници, тројца католици, тројца од Северна Рајна Вестфалија. 

На сојузните избори во 1994 тројцата станаа пратеници во германскиот Бундестаг. Истовремено, но не заедно. Ретген имаше 29 години, Лашет 33, Мерц 39. Сите тројца студирале во Бон, но во различно време. Мерц од 1989 до 1994 бил член на Европскиот парламент и имал први пратенички искуства.

Силна генерација

Тие беа тројца од вкупно 64 нови пратеници на Унијата. 58 од ЦДУ (меѓу кои осум жени), шест од ЦСУ (од кои една жена). Тоа беше невообичаено силна генерација - многумина од нив станаа сојузни министри, државни секретари, генерални секретари на ЦДУ или шефови на парламентарната фракција: двајца и денес се сојузни министри, Петер Алтмајер (за економија) и Герд Милер (за развој). Четворица други во минатото беа дел од кабинетот на Меркел.  

Deutschland Friedrich Merz 1992

Фридрих Мерц

Оној што кон средината на 90-тите во Бон се кандидирал за пратеничко место морал да се навикне на ритуалите од пратеничкиот живот. Многу повеќе пратеници во тоа време отколку денес доаѓале од своите матични места специјално само за седниците. Квартот околу Бундестагот и Бундесратот наликувале на „град во градот”. 

Речиси еден месец по изборите, на 15 ноември 1994, тројцата станаа дел од тесното мнозинство на коалицијата од Унијата и Либералите, од која произлезе петтиот мандат на Хелмут Кол како канцелар. Тоа беше едно од многуте гласања на кои пратеникот Фридрих Мерц на листите фигурираше веднаш зад Ангела Меркел. 

Почетници кои паѓаат в очи

Лашет, Мерц и Ретген стартуваа од задните редови, меѓутоа за брзо време се сменија нештата. Уште првите обраќања на тројцата го привлекоа вниманието. Тие не читаа зборови од хартија, туку беа сигурни во она што го зборуваат и уште од почеток дозволуваа да бидат прекинати со спонтани прашања. 

Повеќе на темата:

Избор на шеф на ЦДУ – кој ќе влезе во „чевлите на Меркел“?

Почнува борбата за наследник на Ангела Меркел

Партијата на Меркел ја преживеа битката, но војната не е завршена

ЦДУ со Меркел - ЦДУ по Меркел

Мерц, веќе со парламентарно искуство, на почетокот на 1995 веќе два пати ја имаше искористено шансата за време на пратенички прашања во Бундестагот да дојде до збор. Кога на 16 февруари 1995 во европолитичка дебата за прв пат одржа говор, на Социјалдемократите им префрли дека „го напуштаат големиот консензус на големите партии” во Германија и се заложи за „заедничка надворешна и безбедносна политика” на Европската унија. 

Ретген полн елан“

Еден ден подоцна, речиси десет години помладиот Ретген го одржа својот прв говор. На крајот потпретседателот на парламентот Буркард Хирш од Либералите, му честиташе „срдечно“ за првиот говор во Бундестагот, кој бил „полн елан“. А, во парламентарната фракција беше јасно - од сега па натаму еден надарен говорник ќе „игра за првиот тим”. Многу години подоцна кога при дебати ускокнуваше на помош на канцеларката го доби прекарот „омилениот на мајка“. Сѐ до 2012. Тогаш Ретген падна во немилост кај Меркел во кавгата за загубените покраински избори во Северна Рајна Вестфалија.  

Deutschland Norbert Röttgen 1999

Норберт Ретген

Во првите шест месеци од првата година Мерц веќе четири, а Ретген три пати беше говорник. И тогаш и сега, тоа е невообичаено за новајлии. Но, зборувајќи за Европа и економијата (Мерц) и правната и внатрешната политика (Ретген) тие ги третираа клучните политички прашања. Лашет, воспитуван во духот на црквата, на почетокот се посвети на развојната политика за која ретко се дебатира во парламентот. Тој го одржа првиот свој говор во парламентот дури во септември 1995, а сепак се појавува како прв од тројцата во официјалниот протокол на Бундестагот уште во средината на декември 1994 година. Социјалдемократката Едит Ниехуис тогаш зборувала во дебата за семејната политика и се заложила за идно „министерство за семејство“. Во протоколот стои: „Аплауз од Социјалдемократите и од пратеникот Армин Лашет од ЦДУ/ЦСУ“. Невообичаено. Младите парламентарци морале допрва да научат да не ракоплескаат на политичките противници, дури и ако постои поклопување со ставовите. 

Кружок од политички бунтовници

Зад кулисите на парламентот помладите Лашет и Ретген од една страна и нешто постариот Мерц, се движеа во различна насока. Никој од тројцата немаше изгледи да напредува во политичката кариера во парламентарната група во последните години од владеењето на Кол обележани од стагнација. Но, двајцата „рајнлендери“ со истомисленици брзо имаа обиди за помодерен курс на Унијата. 

Deutschland Armin Laschet 2005

Армин Лашет

Од една страна кружок кој се залага за реформа на законот за државјанство со можност за имиграција, со што ги вознемирија постарите конзервативните сили во пратеничката група. Од друга страна почетен, повеќегодишен политички флерт меѓу помладите пратеници на ЦДУ со врвните луѓе од Зелените, познат и како „пица-врска“. Секогаш вклучени: и Ретген и Лашет.

Двајцата добија значајна поддршка од пратеникот на ЦДУ Петер Хинце, кој беше избран во Бундестагот во 1990. Овој мајстор на вмрежување ги интегрираше двајцата во таканаречената „млада група“ напарламентарната група. Верна на канцеларот, но истовремено по малку бунтовна, со повремени вечери и долги разговори со Хелмут Кол, понекогаш дел од делегациите за посета во странство меѓу кои и на прием кај тогашниот претседател Бил Клинтон во Белата куќа или во Кремљ. Петер Хинце го измисли терминот „Преторијанска гарда“ за луѓето кои го поплочија патот за Меркел и беа нејзини придружници. 

Фридрих Мерц никогаш не им припаѓал на следбениците на Хинце. Оваа сабота тој ќе се соочи со неговите колеги од парламентарната фракција на изборите за претседател на ЦДУ.

Реклама