Матис во Скопје: Поддршка за Македонија, порака за Русија | Северна Македонија | DW | 17.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Матис во Скопје: Поддршка за Македонија, порака за Русија

Во пресрет на посетата на американскиот секретар за одбрана, медиуми објавија наводи за руска пропаганда во Македонија пред рефрендумот. Во Грција, пак, како дел од руската мрежа го вбројуваат и раководството на „Актор“

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис утрово пристигна во официјална посета на Македонија. На Меѓународниот аеродром Скопје беше пречекен од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, со која во почетокот на мај годинава имаше средба во Вашингтон. Првиот човек на Пентагон замина на средба со премиерот Заев и со министерката, по која е предвидена заедничка изјава за медиумите. Една недела претходно Матис најави дека ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

„Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ“, изјави Матис, истакнувајќи дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија.

„Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија. Секогаш се прилагодува на конкретната ситуација“, рече тој.

Како што јави „Вашингтон пост“, Матис уште за време на летот до Скопје пред присутните новинари изјавил дека „нема сомнение оти Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името.

„Тие префрлија пари, а исто така, спроведуваат кампањи за пошироко влијание“, изјавил Матис.

Средства за борба против руска пропаганда

Во предвечерјето на неговата посетата на Македонија, и портпаролот на Пентагон, Ерик Пеон, за „Њујорк Тајмс“ изјави дека американскиот секретар за одбрана ќе ги повика македонските граѓани да гласаат на референдумот и, исто така, ќе ги истакне петте милиони долари што ги обезбедува САД годишно за безбедносна поддршка.

„Русија се обидува да ги убеди Македонците дека Западот ќе ги напушти, дека Русија е стабилното влијание во регионот. Тоа едноставно не е вистина. Промената на името и влегувањето на земјата во Алијансата ќе го намали влијанието на Москва. Зачленувањето на Македонија во НАТО е еден од најлошите кошмари на Русија“, изјави Пеон.

Повеќе:

-Долгата рака на Москва во Македонија

-Грчко-македонскиот договор и фијаското на Кремљ на Балканот

-„Тројанските коњи“ на Договорот Скопје-Атина, се врв на ледениот брег!

„Њујорк тајмс“ пишува дека Москва прави големи напори за неуспех на референдумот на кој на 30-ти септември Македонците треба да се изјаснат дали прифаќаат влез на земјата во ЕУ и НАТО. Според весникот, главна цел на пропагандната кампања која се одвива по македонските социјални мрежи и по медиуми е спречување на ширењето на НАТО. Весникот наведува дека американскиот Конгрес на почетокот на 2017 година одвоил 8 милиони долари буџетски средства за борба против руската пропаганда во Македонија, но парите се уште не се искористени.

„Средствата за борба против руската пропаганда во Македонија беа задржани цела година и допрва треба да бидат ефективно распределени“, изјавил за весникот анонимен извор.

И „Актор“ ставал руски „асфалт“?

Со наближувањето на денот на плебисцитерното изјаснување, се множат и наводи за руски обиди за влијание врз рефрендумот. ТВ „Аласт -М“ повикувајќи се на безбедносни извори објави дека руски службеници „се движат“ низ Македонија. Според телевизијата, во текот на јули имало рекорден број на влегувања на руски и украински државјани во Македонија - околу 5.400 Руси и 6.000 Украинци биле  влегле во Македонија без временска одредница. Иако поголемиот број од нив се претставиле како туристи, голем процент биле дојдени за политички, културни, верски активности, за учество на конгреси, обуки или семинари, како и за трговија и соработки од разни области.

„Во извештајот кој го обезбеди Алсат-М, Одделот за анализи и истражување при УБК дава вознемирувачки податоци. Во него се вели дека главно по 2016 година, организирани групи воглавно поранешни агенти на руската КГБ, извршувале политички и верски активности во Македонија, а не се запоставувала ниту пропагандата“, објави телевизијата.

На крајот на јули, грчкиот портал „Иефимерида“ објави дека „високи претставници на грчката компанија 'Актор' се вмешани во руската шпионска мрежа во Грција“. Според извори на порталот, Димитри Коутрас, еден од директорите на градежната компанија, бил близок до руски организации, а користел средства од руски фондови. Наводно, тој  бил во директни релации со новоформираниот грчки огранок на руската организација „Кралска православно-палестинска унија“. Повикувајќи се на информации од грчките безбедносни служби, порталот објави дека менаџерот и сопственик на дел од „Актор“, планирал со руски пари да ја преземе компанијата и преку инвестирање во инфраструктурни проекти да го прошири руското влијание во Грција.

Токму за оваа компанија која ја градеше автопатската делница Демир Капија - Смоквица, СЈО отвори истрага заради сомнение дека се извршени злоупотреби и  испрани над 30 милиони евра. За други „активности“ на врвот на „Актор“ македонската јавност засега нема сознанија. 

Неутрализирање на руското влијание

Нсогласувањето на Москва со ширењето на НАТО на Балканот не е новост. Ведран Џихиќ, еден од водечките австриски експери за Југоисточна Европа и Балканот, научен соработник во австрискиот Институт за меѓународна политика и на универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, за бугарски „Стандард“ ја коментира ситуцијата во Македонија пред референдумот, и перспективите што тој ги отвора.

„Во однос на НАТО, чекорот е сосема јасен. Нема сомненија за ова прашање. Напорите на САД беа и се насочени првенствено кон забрзано зачленување на Македонија во НАТО. По зачленувањето на Црна Гора, целта е јакнење на позициите на САД во регионот и неутрализирање на руското влијание во овој дел на Балканот“, вели Џихиќ.

Тој се надева дека референдумот ќе биде успешен.

„Кога ги oценувам сите фактори, сметам дека гласањето ќе биде позитивно, поголемиот дел од населението ќе гласа за одобрување на Договорот. Но, големото прашање, големите надежи кои ги негуваат луѓето, е дали општеството ќе може да се ослободи од неплодните чепкања околу нацијата, и да се соочи со предизвиците за изградбата на правна држава, зајакнување на институциите, создавање транспарентност и отвореност во владата“, вели австрискиот аналитичар. 

За НАТО-преспективите денеска ќе се говори во Скопје. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе учествува на панел-дискусијата „Дебатираме за НАТО“, во организација на Инфо-центарот за евро-атлантски интеграции, со поддршка на македонското МНР и Амбасадата на Кралството Холандија. Во дебатата ќе учествуваат  и поранешниот министер за надворешни работи на Република Бугарија, Соломон Паси, холандскиот амбасадор во Македонија Вилем Ваутер Пломп, претседателот на Евроатлантскиот Совет на Македонија, Исмет Рамадани, Никола Тодоров, адвокат и поранешен вицепремиер и министер за здравство, како и претставникот од НАТО-Инфо Центарот во Црна Гора, Драган Копривница. Целта на настанот е преку интерактивен пристап да се поттикне аргументирана дебата за предностите на членството на земјата во НАТО. На настанот е предвидено да учествуваат и други меѓународни и домашни експерти.

 

DW.COM

Реклама