Мас: Луѓето мора да можат да се потпрат на нашите ветувања | Свет | DW | 24.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мас: Луѓето мора да можат да се потпрат на нашите ветувања

Германија и натаму ќе се залага за решение, оценува министерот за надворешни работи Хајко Мас зборувајќи за бугарско-македонскиот спор и преговорите за ЕУ. Мас за ДВ прави биланс на германското претседателство со Унијата

ДВ: Успех на германското претседателство со ЕУ, без сомневање, е што и покрај сите разлики, беа договорени новата финансиска рамка и корона-помошта од милијарди евра. Но, кога се работи за вакцината против корона многу Европејци се прашуваат зошто траеше толку долго и имаат чувство дека треба да застанат назад во редот. Конечно, секој неискористен ден значи ризикување човечки животи. Го прифаќате ли ризикот?

Хајко Мас: Станува збор за двете работи - брзина и внимателност. За да се надмине пандемијата, во 2021 година мора да ја ставиме вакцината на располагање насекаде. И, ќе има различни вакцини со различни својства, тоа важи и за транспортот и складирањето. Покраините направија регионални центри за вакцинирање, каде што ќе се доставуваат вакцините. И, на 27 декември ќе можеме да почнеме со вакцинирање, прво во домовите за стари лица, со вакцинирање на луѓето над 80 години и одреден медицински персонал.

Како министер за надворешни работи, важна ми е уште една работа - се залагаме за тоа вакцината против корона да стане јавно добро ширум светот. Сите во светот треба да имаат на располагање сигурна вакцина, која може да се плати. Ваква цел, меѓу другото, си зацрта меѓународната алијанса за вакцини Ковакс. Германија пристапи во Ковакс и ја поттикнува нејзината работа со значителни средства.

Новиот ЕУ-буџет и Фондот за помош беа можни само затоа што Европската унија попушти околу темата правна држава. Не жалите ли што договорениот механизам за владеење на правото ќе го продолжи поткопувањето на поделбата на власта во Полска и Унгарија со месеци, ако не и години? Што направи германското претседателство за ЕУ во иднина да биде поспособна за дејствување, а не подложна на уцени?

Без согласноста околу финансискиот пакет за короната, Европа на 1 јануари ќе влезеше во прилично немирни води. Луѓето и претпријатијата коишто се тешко погодени од короната имаат потреба од поддршка која ќе дојде брзо. Беше важно да се бориме за тоа. Дополнително, го имаме инструментот владеење на правото. Тоа е остар меч кој не треба да се минимизира. И покрај отпорот од Полска и Унгарија, не го чепнавме ова правило.

Брегзит - со или без договор - ја потресува ЕУ. Дали во текот на претседателството со ЕУ имавте чувство, токму во делот на преговорите за владеење на правото, дека наскоро би можеле да следуваат и други „егзити“? Дали можеби еден помал круг земји членки не треба да се усогласи околу засилена интеграција, за да обезбеди преживување на ЕУ?

Напротив, со дебатата за Брегзит во речиси сите земји членки повторно се зголеми генералната определба за ЕУ, така е и во Германија. Мислам дека многу луѓе во еден момент почнаа да ги сметаат предностите на ЕУ како нешто што се подразбира само по себе, затоа што не знаеја за нешто поинаку. Брегзит уште еднаш ни ги доведе предностите пред очи: слободно патување, слободна трговија, и шанса да се живее, работи или студира онаму во Европа, каде што се сака. Никаде во ЕУ во моментов не гледам мнозинство кое би сакало да се откаже од такво нешто.

Но, се разбира, од Брегзитот мора да извлечеме заклучоци. Во ЕУ веќе постои можност група на држави членки да воведе заеднички правила, без притоа учество да имаат другите земји, тоа е т.н. „засилена соработка“. Но, поважно е во националната политика, кога нешто оди во погрешна насока, да не го ставаме Брисел постојано на мета. И, мораме поискрено и поразбирливо да објасниме како носиме одлуки во Брисел. Таму, имено, секогаш на маса седат сите земји членки.

Се' повеќе земји сакаат и да се приклучат во Европската унија. Но, разговорите за приклучување со Северна Македонија и Албанија се во застој, исто како и визната либерализација за Косовците - двете работи беа цел на германското претседателство. На Балканот се зборува за „потфрлање на Германците“. Како сакате да ја спасите веродостојноста на ЕУ во регионот?

Ние сме последните кои кочат кога станува збор за оваа тема. Во суштина, кога се работи за блокадата, станува збор за билатералните односи на Бугарија и Северна Македонија. Ние, како претседателство со Советот на ЕУ, вложивме многу напор во обидот да се дојде до решение. За жал, без успех. Нашите партнери на Западен Балкан направија огромен напредок во последните години, особено Северна Македонија. Луѓето таму својата иднина ја гледаат во ЕУ.Затоа мора да можат да се потпрат на нашите ветувања, во спротивно ќе го завртат грбот. ЕУ-перспективата е важен стимул за политички реформи и реформи во делот на правната држава, кои се и во наш интерес. Ние и натаму ќе се залагаме за решениево оваа смисла, и по крајот на нашето претседателство со ЕУ.

Имаше и надежи дека германското претседателство ќе го унапреди дијалогот помеѓу Грција и Турција во источното Средоземје. Тоа досега не успеа. Дали Германија потфрли како посредник?

Веќе има ЕУ-санкции, кои на Европскиот совет во декември беа уште еднаш проширени. Овие санкции се насочени целно кон лица и фирми кои учествуваат во илегалните дупчења за наоѓање гас. Турција сега мора да направи веродостојни чекори за деескалација. Видовме сигнали за тоа од турска страна во последните недели и месеци, но, за жал, постојано имаше и нови, целни провокации. Таа игра мора да престане. Тогаш на маса повторно ќе има позитивна агенда во нашите односи.

Германското претседателство како своја цел ги има испишано со големи букви човековите права. Истовремено, има стремеж за вносен инвестициски договор со Кина. Дали тоа лично не Ви пречи?

Кога станува збор за преговорите за инвестициски договор помеѓу ЕУ и Кина, се работи пред се' за создавање фер услови во делот на пристап до пазарот. Сакаме германските и европските компании да имаат рамнправен пристап до кинескиот пазар, тоа не смее да биде еднонасочна улица. Тука станува збор и за заштита на правата на работниците и стандарди на одржливост. Тоа за нас се предуслови за договор. Освен тоа, и натаму многу јасно и на сите нивоа со Кина редовно ја отвораме темата за повреди на човековите права.

*Прашањата на ДВ беа одговорени по писмен пат

Реклама