1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Марш на вистината“: Опозицијата бара предвремени избори

АТ/ миа/ макфакс12 јануари 2013

Под мотото „Отпор против режимските лаги", СДСМ и дел од опозициските партии денеска во Скопје организираа мирен протестен „Марш за вистината".

https://p.dw.com/p/17IxT
Фотографија: AFP/Getty Images

Опозицијата денеска го одржа „Маршот за вистината“, кој почна напладне пред платото спроти телевизијата Сител, продолжи пред Владата, Собранието на Македонија и заврши пред зградата на МРТВ.

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски се обрати пред објектот на националниот радиодифузен јавен сервис, со зборовите дека „црниот понеделник и случувањата од 24 декември во Собранието е најголемиот срам за Македонија“ и оти единствено решение за настаната криза се нови парламентарни избори. Протестот започна и заврши пред Сител и МРТВ, за кои нагласи, народот го информираат со лаги, правејќи со тоа криминал. „За ваквиот криминал во МРТВ ќе одговараат кога ќе падне оваа власт“, рече Црвенковски.

Branko Crvenkovski, SDSM Parteichef, Skopje, Mazedonien
Лидерот на СДСМ Бранко ЦрвенковскиФотографија: MAKFAX

Пред учесниците на маршот, меѓу другите, се обрати и лидерот на ВМРО-НП и поранешен премиер Љубчо Георгиевски, кој оцени дека слободата и демократијата се загрозени и дека принципите на ЕУ, кон која, како што рече, треба да се стремиме, се уништуваат.

Волерс бара надминување на ситуацијата

Американскиот амбасадор во Македонија побара власта и опозицијата да работат на надминувањето на ситуацијата.

Paul Wohlers
Амбасадорот Пол ВолерсФотографија: MIA

„Мислиме дека Собранието е местото за дебатирање на отворените прашања. Не мислиме дека бојкотот од било која партија е корисен. Тоа го велиме со години кога имало бојкоти од други партии, дека не е многу корисна тактика. Партиите треба да работат да изнајдат начин како да го надминат ова. Условите во Собранието треба да бидат отворени и транспарентни, партиите да имаат можност слободно да ги дискутираат прашањата. Мислам дека и опозицијата и власта треба да работат на надминување на ситуацијата“, рече амбасадорот Волерс и дополни дека САД ќе бидат вклучени во мониторирањето на престојните локални избори.