Маршал-Трамповиот план | Информации и анализи за Балкан | DW | 10.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Маршал-Трамповиот план

Во најдобар случај, иницијативата на Трамп ќе биде прифатена како Маршалов план за богатите - минус Труманови јајца за сиромашните. Пишува Арсим Зеколи.

Што се договори и што ќе произлезе од Самитот на Коклиците во Вашингтон? Во седмицата по петочната историска дневна политика на кабинетот Трамп, речиси нема јавен лик во регионот кој не се обиде да даде одговор на поставените прашања. Понудените анализи беа со распон од еднострани, фаталистички, еуфорични до најчесто проникливи. Но со обѕир кон сериозноста на актерите и договореното, сепак сите беа пресериозни за севкупниот контекст во кој се случуваше драмолетката во Белата куќа.

Настрана протоколарно-административните недоречености на Договорот, кој е своевиден куриозитет во меѓународните односи, неговата форма е сепак површински позитивистичка, но со суштинска празнотија. Во смисла што составувачите се фокусирале врз нудење на посакуваното во рамките на можното, по принципот - за секој по нешто согласно приоритетите на домашната политичка сцена. Но скраја надворешнополитичките премрежија поврзани со признавањето од Израел и разместувањето на амбасадите, во документот има само еден солидно одржлив момент на статешка политика, општ консензус и константа: ангажманот на DFC (U.S. International Development Finance Corporation) со седиште во Белград, $60 милијарди буџет и полн куфер добри намери.

Во основа, DFC е старо-нов субјект изграден врз темелите на трите надворешнополитички развојни инструменти на САД, т.е. агенциитеOverseas Private Investment Corporation (OPIC), Development Credit Authority (DCA) и USAID. Етаблирањето на DFC е резултат на т.н.BUILD Act, усвоен со силна бипартиска поддршка во Конгресот на САД и потпишан од претседателот Трамп во октомври 2018 година. Бипартиската поддршка подразбира дека тежината и активностите на DFC ќе остане независна од евентуалните промени во Белата куќа, како битен фактор на американската надворешна политика. Предвидените активности на DFC во однос на Србија и Косово се досега најамбициозниот проект на новата агенција, споредено со тековните глобални (Ковид19) и регионални (Африка и Пацифик) иницијативи. Она што е дискутабилно во проектираните транспортно-инфраструктурни активности на DFC во однос на Србија и Косово е што средствата за тие проекти се веќе обезбедени од страна на ЕУ и ЕБРД и во рамките на проектот на ЕУ „Orient/East-Med Corridor”. Одговорот од Брисел на тоа прашање ќе придонесе за разјаснување на дилемата дали станува збор за координиран пристап на САД и ЕУ кон процесот на помирување во регионот, или пак за обид за китење со туѓи пари и труд. 

Други колумни од авторот:

Кој го елиминира Прибе?

Булдожери и sидари

Иако клучниот мотив за ангажманот на DFC е желбата на САД за парирање на кинеската „Belt & Road“ иницијатива и ширењето на кинеските инвестиции во регионот, критичниот предизвик на американската стратегија доаѓа од неповолните искуства со големите финансиски институции во земјите со ниски приходи, каде се изложени на остра конкуренција на инвестиции со помал обем, но поголема пробивност и импакт врз локалното население. Вториот проблем со DFC се однесува на критериумите во доверување на финансиите согласно реалните потреби и побарувања. Примерот на доделување 765 милиони долари инвестиција на DFC во aмериканската компанија Kodak, по директен налог на Трамп, веќе има отворено дебати за кредибилитетот и авторитетот на самата институција и нејзината независност од надворешни влијанија и можни злупотреби.

Копирање на претходни „мировни процеси”

Ставањето на акцентот врз економијата во процесот на организирање, одржување и пропагирање на средбата во Вашингтон е секако очекуван и позитивен пристап во однос на релаксирањето на односите помеѓу Србија и Косово. И сето тоа би било во ред, доколку токму тој момент на „фаворизирање на економијата како решение за политиката” не послужи како непријатно – и прилично аматерско – потсетување за сличностите во пристапот со т. н. Осло Усогласување (Oslo Accords) од 1993. помеѓу ПЛО (Арафат) и Израел (Јицак Рабин) со посредство на Бил Клинтон. Севкупниот пристап, структура и дух на Вашингтонскиот договор, базиран врз економската соработка, неминовно ја подвлекува сличноста со Декларацијата на Принципите од Осло како замислен прв чекор во петгодишниот период во кој требаше да се постигне финалниот договор за севкупното израелско-палестинско прашање. Кој никогаш не се случи. Таквата сличност упатува на дилема дали самиот координатор на состанокот, Ричард Гренел, се воздржал од конципирање и понуда на автентични на природата на Српско-Косовскиот спор, адкеватни и применливи формули и се определил за провидно аматерско копирање на претходни „мировни процеси”, завршени со непријатни дебакли на американската надворешна политика и катастрофични последици по засегнатите страни. Прашањето е битно колку за судбината на процесите во регионот, толку и за самата Европска Унија и нејзината сегашна сведеност на нема и импотентна улога, идентична на она на Норвешка во случајот со Осло Акордите.

Што ќе произлезе, затоа, од Договорот во Вашингтон? Чудни се патиштата дипломатски во оваа ера на „новиот тренд на надворешна политика на Трамп”, како што Гренел се обиде да ја промовира улогата на Трамп. Посакуваното од Договорот е очекувано и јасно видливо – желбата за приведување на Србија не кон, туку во НАТО, како заеднички именител на пристапот на САД и ЕУ, и нивните земји членки во регионот. Сместувањето на DFC во Белград, толерирањето на неказнивоста во однос на старо-новите режими во Србија, заташкување на критиките од соседите, замижувањето пред вмешувањата во внатрешните работи на Црна Гора, Косово, Босна, Македонија, побратимувањата со Кина - тоа е сето составен дел од пристапот кој не цели единствено кон дистанцирање на Србија од Русија и Кина, туку и нејзино јасно, недвосмислено и историски финално приклонување кон трансатлантската оска. Постигнувањето на таа цел подразбира соодветна реадаптација на соседните земји, согласно интересите на сојузниците, до постигнувањето на посакуваниот епилог. Што веќе и се демонстрира во пресвртот на американската политика во однос на црковните прашања на Црна Гора, Косово и Македонија и улогата на СПЦ како последна – иако веќе ослабена - линија на отпор кон неминовното.

Проблемот е во деталите

Во тој пристап, навидум се’ наликува на уредно средена сцена, со коректно поставени актери во очекувањето на наведениот финален акт. Но, како и се’ друго на Балканот и во западните планови, проблемот лежи во деталите. На домашен план, првиот очекуван ефект на Договорот ќе биде понатамошната антагонистичка сегментизација на Србија, парадоксално спроведена според истите рецепти кои официјален Белград ги има користено кон нивните соседни земји. Што подразбира внатрешно економско раслојување предизвикано од доминацијата на германски, турски и руски инвестиции врз средната класа, за разлика од макроекономските проекти на регионално поврзување од кои бенефитот ќе биде вперен кон присвојување и контрола на елитните касти. Напуштањето на присвоената пропагандна оска на надворешната политика на Србија како единствена земја-наследник на духот на неутралноста и неврзаноста ќе стави крај на менталитетот на „супериористичка посебност” во регионални рамки (но и многу пошироко), отворајќи простор за последната и најболна табу-точка на рекалибрација на етничката компонента на постимперијалната традиција и политичка култура на Србија.        

Што се однесува до пристапот на САД како булдожер и ЕУ како носител на дарови, секако би било упатно да се потсетиме за искуствата со понуди дадени во задоцнет момент. Регионот, подеднакво како и Србија, се’ уште се сеќава на оптимизмот на бананите на Анте Марковиќ и понудите за членство на СФРЈ во ЕЕЗ како инцентив за спречување на распадот. Договорот, ваков како што е претставен, не нуди преголема причина за верба во неговата ефективност во смисла на решавање на вистинските, реални проблеми на граѓаните. Напротив, самиот пристап е само Трамповско надополнување на логиката на супер силата кон проблемите како чекан врз шајки, надополнето со шоу бизнис односот на Гренел како српска варијанта на актерот Мајк од мензата во Бучим во 1990-те. 

Моментумот е речиси сосема изгубен

Најзагадочниот проблем на Договорот е неговата недефинираност дали цели да создаде нова реалност, или пак да се прилагоди кон евроинтегративниот процес? Каков и да е одговорот, се чини дека е задоцнет и половичен, не по вина на Договорот, туку како последица на пропуштените можности и истрошени надежи. Проектираните цели на составувачите - Србија во НАТО, превенција на источни влијанија, засилена регионална соработка – се веќе под сериозен предизвик во самиот регион, почнувајќи од неисполнетите економски очекувања на граѓаните од веќе постоечките земји членки на НАТО, ерозијата на западната кохезија и лицемерниот став на САД и ЕУ кон Кина и Русија според формулата „прави што ти велам, не прави како што правам” и легитимизацијата на регионалните национализми како составен дел на западните политики кон регионот. Настрана скепсата на народите во Балканот за судбината на ЕУ интеграциите по заминувањето на Меркел, настрана непознаницата за исходот од претседателските избори во САД, дури и во најоптимистичка форма, Договорот тешко дека ќе успее да се наметне како убедливо продолжение и потврда на процесот на интегрирање во изумирање. Моментумот е речиси сосема изгубен, расчеречен помеѓу евро-балканската разочараност од проширувањето и американската стратегија на градење регионални пактови од Балтикот, преку Балканот па се’ до Босфорот, преку фаворизирање и протежирање на послушни елити и колонијален клиентелизам. Во најдобар случај, иницијативата на Трамп ќе биде прифатена како Маршалов план за богатите. Минус Труманови јајца за сиромашните.     

Реклама