Малошенгенска унија, мало сутра! | Северна Македонија | DW | 15.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Малошенгенска унија, мало сутра!

Нѐ пакуваат во слична унија и нѐ релегираат на маргините на Европската унија. Белград е важен, Тирана нешто помалку, Скопје е речиси небитно. Колумна на Ивор Мицковски.

По загубениот датум, Заев се изгуби дополнително, па сфати дека единствениот спас пред избори му е да деклинира кон политиките на својот претходник. Но, повеќе од сите преземени политики од Груевски - дали е тоа неговата даночна политика, буџетската политика за поткуп на гласачи пред избори, амнестијата на режимот, криминалот, корупцијата и контролата на правосудството, или навестувањата дека сакале да го ограничат правото на протест – тоа што најмногу ме загрижува во промената на парадигмите и политиките на оваа власт е логиката зад учеството во новоформираната мини-Шенген унија.

Економски гледано, малошенгенската унија е ужас за малите земји. Ние немаме како да се натпреваруваме со економски тигар на Балканот како што е Србија. Тоа не можеме ни со Тирана, камоли со Белград. Свесни ли сме колкав одлив на работна сила, на веќе и онака нашиот девастиран пазар на труд, би се случил доколку се воспостави споменатата слобода на движење на луѓе и стока? Ние фактички би ги антиципирале негативните ефекти од ЕУ, без ЕУ, со на грб најавторитативниот режим на Балканот и во Европа, односно Србија на Вучиќ.

Црна Гора која најдобро и најдолго памети што значи српскиот економски и политички притисок врз главата, мудро одби да не дозволи влез за тројанскиот коњ на Белград, таа малошенгенска унија. Србија ќе стане новата Русија на црногорското приморје, купувајќи битни економски ресурси, а за недвижнини да не зборуваме.

Зарем никој тука не ја гледа политичката позадина на целата малошенгенска шема?! Хрониката на настаните, последователноста по разочараноста со датумот, изјавите на Вучиќ како ги предупредил Заев и Рама за датумот, па сега ги кани во топлата прегратка на Белград, зарем никој тука не ја гледа поврзаноста?! Потоа Вучиќ ќе си дозволи да се самопрогласи за портпарол на Скопје и Тирана пред Макрон, каде пиејќи Армањак од 1914-та, односно постар од нашите две држави, ќе ни најави дека избоксувал поддршка во Париз и дека покрај него и неговото водство нѐ чека светла иднина. Никому не му текна да го потсети Вучиќ дека имавме претседател на државата во Франција кој ја застапува Македонија.

Невозможно е Париз да не стои зад овој план, како Западниот Балкан да се врзе во група и неговата судбина во иднина да се решава ан блок. Зарем не видовме колкава штета ни направи фактот што за датумот за преговори бевме веќе врзани со Тирана, сакаме ли да влеземе во уште поголемиот Гордиев јазол со Белград?! И ме чудат прашањата кој стои зад се ова. Ме чуди како никој не гледа дека поддршката за Белград доаѓа од Франција, и веќе, како што ми наликува, и од омекнат Берлин, додека учеството на Рама јасно говори дека зад овој проект стојат и Американците, или, во најмала рака, не се противат. Нѐ пакуваат во слична унија, и нѐ релегираат на маргините на Европската унија. Белград е важен, Тирана нешто помалку, Скопје е речиси небитно, Ш буква во треторазредната лига која можеби за деценија или две би влегла заедно во ЕУ. Скопје ја заврши својата мисија, сега може да се врати на сопствената историска нерелеватност. И повторно, тука главен би бил Белград, во очигледно новата ЕУ со концентрични кругови, (да го почекаме нон пејперот) каде Западниот Балкан разбирливо би бил во последниот круг, резервиран за оние без право на глас или учество во главните одлуки и политики.

Помеѓу најкриминалната и најавтократската држава на Балканот

По потпишувањето на историските договори со Грција и Бугарија, најмалку што очекувавме беше дека нашите евроинтегративни процеси ќе се развиваат преку Атина и Софија, а не дека ќе заглавиме во калта и преку балканштината ќе го трасираме патот заедно со Тирана и Белград. Завршивме онаму каде очигледно ни е местото, се вративме на старите патишта, приклештени во менгемето помеѓу најкриминалната и најавтократската држава на Балканот. Поради краткорочните и себични интереси на владејачката партија, исто како и за патетичните реакции околу датумот, емотивното и брзоплето распишување на избори, така и со влезот во малошенгенската унија, покажавме недостаток на карактер и визија. Покажавме подготвеност разочараноста од недобивањето на датум да ја покриеме со брзоплети потези, дека се продаваме за ситно, дека наместо европски реформи попрво би глумеле балканско унијатство, дека наместо сами да го истераме потешкиот пат, би се задоволиле со групни утешителни награди.

Малошенгенската унија не наликува на ништо друго, туку на нов европски проект за стабилократија, каде фиксот остануваат Вучиќ и Рама, додека новата варијабила, односно замената за Груевски, е Заев. Влегуваме во унија со земја која барем три големи европски држави сметаат дека не е подготвена за преговори со ЕУ, и со земја која нема намера да се приклучи кон НАТО, која штотуку влезе во Евроазиската економска унија, и која не покажува знаци дека има намера да го реши проблемот со Косово, ниту пак да престане во својата дестабилизациска улога во Босна. Да не зборуваме за трката во вооружување која ја има со Хрватска, инаку НАТО и ЕУ членка. Вистинска политичка, економска и стратешка катастрофа на Скопје. 

Но, тука нешто друго е уште поважно.

Ја заборавивме ли улогата на Вучиќ и неговите служби во одржувањето на режимот на Груевски? Заборавивме ли на нивната вмешаност и улогата на Живаљевиќ во настаните од Собранието на 27-ми април. Заборавивме ли на „македонското сценарио“ за кое Вучиќ и неговите медиумски перјаници „вриштеа и пиштеа“ цели 2 години? Заборави ли Заев со кои епитети беше почестен од Белград, дека беше „шиптарски платеник“, „усташ", „агент на ЦИА“, па дури и „нарко-дилер“. Или пак за дипломатскиот судир, кога Белград го повлече персоналот од српската амбасада во Скопје и обвини за разузнавачки акции и прислушување на Србија. Или пак уште пострашната верзија на Информер, каде излезе нарачаната вест дека Македонците го прислушувале Вучиќ! Неверојатно е што с< Заев е способен да проголта за да остане на власт.

Нова стабилократија?

Очигледно дека кога Вучиќ во мај 2017-та стана претседатал, а Заев премиер, патиштата на овие двајца луѓе, се вкрстиле и повеќе од само симболично. Македонија и Заев со своите српски советници за Белград прво важеа како поддржувачи на српската опозиција, па потоа подготвувачи на државен удар во Србија, за денеска, чудно, да не се повеќе никаков проблем и да станат основа за подобра регионална соработка. Дали можеби од самиот старт станувало збор за итри српски инсталации во македонската влада, и дали излеговме будали да се турнеме повторно во прегратките на Белград?! Или сега, кога Европа не нѐ сака на главната врата, кога за интеграциите се бараат нови модалитети и методологии, и кога никој не сака ново тресење на бродот од правец на Балканот, со европска дозвола ќе се прави нова стабилократија, каде ќе преживеат старите автократи, ќе им се додадат понекои нови, на кои ќе им се дозволи ситна соработка со Русија и Кина, одобрена и под патронажа на Париз и Берлин?!

Ме чуди само американската молчеливост, или ми се потврдува дека веќе имале план Б претставен уште при посетата на Помпео, потврден за време на посетата на Палмер. Тоа што ме чуди, и што допрва ќе го видиме, е зошто овојпат демонстрираат различен пристап кон Скопје, од оној кон другите два клучни бастиони на американската моќ на Балканот, Подгорица и Приштина. Во овие три земји не е пресудна ни германската, ни руската, туку американската политика, и фактот дека Скопје е предаден помеѓу Тирана и Белград, би требало да нѐ загрижува. Можеби доаѓа за наплата онаа проповедничка изјава на Хојт Ји, дека земјите на Балканот само глумат реформи и посветеност кон ЕУ. Или пак можеби ни зборуваат преку новиот косовски премиер Албин Курти, ама никој не слуша. Како и да е, ако некој ни го мерел паметот околу малошенгенската унија, богами има што да измери. Дури и Американците да оставиле да видат кој како ќе изигра, Подгорица и Приштина одбраа поинаку, додека Скопје се залета. Останува најверојатната проценка, а таа е дека веќе не сме особено битни.

Постои уште еден аспект, а тоа е зошто земја како Македонија која собори режим со пенкало, ослободи заробена држава, денеска би влегувала во економски сојуз со земја која е отворена автократија и бележи сериозен демократски дефицит. Каде одиме ние со земји кои забрануваат слобода на говор и слобода на медиуми или воопшто земји кои имаат проблеми со спроведување на демократските вредности? Кон ЕУ ли ќе напредуваме заедно со вакви земји?! Или можеби признаваме дека не сме така сјајни како што се претставуваме и дека можеби сме прочитани од повеќе страни за криминалот, корупцијата и неспроведените реформи, а не само од Франција.

Понатаму, не треба да заборавиме дека врз Албанија, и особено врз Србија, паѓаат силни сомнежи околу знаењето и најверојатно некакво помагање при бегството на Груевски во Будимпешта. Во најмала рака, не ни помогнаа во истрагата и откривање на одговорностите. Тешко дека со вакви лицемерни соседи ќе го поврзуваме и зајакнуваме регионот. Или пак можеби покажаа како добро знаат да придвижат слободна стока и луѓе сѐ до Европската Унија.

Други колумни од авторот:

Eвропа и Македонија се изгубија во датумот

Еден циничен Макрон и пропуштен датум не се крај

Конечно ме загрижува една последна работа. Како можеме да правиме економска унија која би ги „аболирала“ границите во регион каде една држава не е призната од сите соседи, и околу која веќе подолго време се заговара размена на територии. Во таа смисла не ми е логична поддршката на проект од кој најголема полза би имала Србија, нешто што значително би ја зголемила нејзината политичка и економска моќ и тежина во регионот, а со тоа и во некои идни преговори околу Косово. Втора работа што тука ми е мошне индикативна, е што двајцата најзагреани за балканскиот Шенген се токму оние кои најгласно поддржуваа идеи за размена на територии, односно Рама и Вучиќ, додека од западните земји Франција не беше против идејата. За нашиот државен интерес и гледано од аспект на нашата мултиетничка реалност, оваа унија и нејзините заговорници се подеднакво проблематични. И тука нема да заборавам да потсетам дека Вучиќ директно му замери на Заев дека го бранел косовското поставување на тарифите, исто како што во минатото го обвинуваше Заев дека гласал за влезот на Приштина во Унеско, иако таквото гласање првично се случи во 2015-та, за време на владеењето на Груевски. Но, види чудо, тогаш тоа не му пречеше на српскиот претседател.

Со други зборови тешко ми е за прифаќање ова враќање на груевистичката димензија во нашата надворешна политика, како што е очајно тешко истата да се гледа на домашен план.

Мало сутра живот за сите

Ќе ги наведам само накратко. Овој воен буџет за народен поткуп пред избори наликува на дело на Груевски и Ставрески. Најголемите протести на СДСМ некогаш се направија со блокирање и на помалку ужасен буџет од ова. Власта ја продолжува и влошува најлошата политика на Груевски, а тоа е пред избори да поткупува пензионери, нереално да зголемуваат плати и пензии, да се расфрлаат со субвенции. Проектиран буџет околу 4 милијарди, кога истите што сега се на власт го критикуваа Груевски за буџет од 3 милијарди. Па приказната беше дека годишно крадел по 500 милиони, и наместо да не крадат и другиве, тие го зголемија за уште 500 милиони.

Сега што е идејата, да се краде милијарда, да се краде милијарда и пол или две?! Ова го зборуваме за власт која не успеа да реализира ниту 30 проценти од капиталните инвестиции, која 2,3 милијарди ќе потроши на социјални трансфери, и која планира само 1,6 милиони евра за борба против загадувањето. Ова е груевизам пар екселанс.

Неразбирливо е како поминал на седница на Влада предлог законот за ограничување на правото на протест. Влада, односно политичка гарнитура која готовански дојде на власт со три години протести при кулминација на крахот на режимот, сака да намалува права на протест. Степенот на хипокризија е неверојатен, уште поневеројатно е дека глумат како го слушале народот, па демек го повлекле законот. Не им е првпат ваквото однесување, но овојпат безобразно си ги издадоа автократските тенденции, кои живеат во многу други не толку нормативни полиња. Вакво нешто не му текнало ни на Груевски.

Изградбата на СК2014-та непрекинато продолжува, амнестијата на режимот не запира. Груевски кај го пуштија да побегне, каде нема одговорни, уште му застаруваат случаите.

Ветуваа дека ќе нема предвремени, сепак одлучија да ги има. Тераат изборна кампања веќе месец дена на 6 месеци пред изборите. Си поделија со ВМРО годишно по 5 милиони евра од буџет. Се гради со истото лудачко темпо, се уништува секој јавен простор.

Што повеќе да се каже, кога е преочигледно, деклинацијата кон груевизмот со човечки лик е преочигледна. Имитирањето на режимот, спроведувањето на нивните политики и проекти незапирливо тече.

Мали шенген, мало морген ЕУ, мало сутра живот за сите.

DW.COM

Реклама