„Малиот Вишеград“ се бори за пари од ЕУ | Свет | DW | 12.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Малиот Вишеград“ се бори за пари од ЕУ

Во Варшава, Будимпешта, Прага и Братислава владеат млади и прогресивни градоначалници. Тие сакаат да склучат неформален сојуз за да се борат за принципите на правна држава и доделување пари од ЕУ.

Јасната победа на Рафал Тржасковски на локалните избори во Варшава во ноември ланската година беше тежок удар за владејачката десноконзервативна партија Право и правда, ПиС. Кандидатот на либералната граѓанска платформа победи уште во првиот круг и стана градоначалник на главниот полски град, Варшава. Тоа беше бламажа за кандидатот поддржуван од ПиС. Сличен беше исходот на изборите во Будимпешта во октомври оваа година, каде опозицискиот политичар Гергели Карашони го победи кандидатот на речиси семоќната партија Фидес на чело со Виктор Орбан. 

Карашони, по преземањето на должноста градоначалник на Будимпешта, првиот меѓународен телефонски разговор го направил со градоначалникот на Варшава, Тржасковски. Притоа се родила идејата за „Пакт на слободните градови“, слична форма на соработка како на државите од т.н. Вишеградска група- Полска, Унгарија, Чешка и Словачка. Во Прага и Братислава од неодамна на функција се исто така млади и прогресивни градоначалници, кои имаат слична визија за модерни европски градови: толерантни, отворени и обѕирни кон природната средина. Она што ги поврзува е и напнатиот однос кон државните власти кои се лево- или деснопопулистички.

Директни средства од Брисел

„Популизмот присутен во многу земји нѐ наведе на соработка. Овој пакт од една страна е симбол, што во политиката не е неважно, но станува збор и за конкретни решенија кои сакаме да ги спроведеме“, вели Рафал Тржасковски во разговор за Дојче веле. Овие четири главни града сакаат заеднички во Брисел да се залагаат за доделување пари од Европската унија директно до главните градови, настрана од централните влади на земјите. „Разговарав околу тоа во Брисел со Европската комисија, со водечки политичари, тоа може да се спроведе“, вели градоначалникот на Варшава.

Polen | Rafal Trzaskowski, Bürgermeister von Warschau (picture-alliance/NurPhoto/B. Zawrzel)

Рафал Тржасковски: Овој пакт од една страна е симбол

Тржасковски остро ја напаѓа партијата ПиС кога е во прашање комуналната самоуправа во Полска. Вели дека кон него се постапува како кон непријател. „На оваа влада не ѐ се допаѓа ништо што е на некој начин независно. Почна со мерки против правосудството и јавната управа, сега сме ние нејзина цел.“ Градоначалникот на Варшава наведува конкретни негативни последици за својот град: „Ние добиваме сѐ помалку пари од даноците, а ни се наметнуваат сѐ поголеми трошоци, на пример за реформа на образованието. Освен тоа, се настојува да се ограничат нашите можности за спроведување сопствена политика.“ 

Повеќе: 

Орбан ја загуби Будимпешта

Полска: Владејачката партија победи на регионалните избори

Вишеградска група - Источен блок кој не е блок

Пресуда на Европскиот суд против Полска

На владите на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка сигурно нема да им се допадне желбата на нивните главни градови, заобиколувајќи ја централната власт, да дојдат до пари од ЕУ. Но, таквата иницијатива не е лоша, вели Тржасковски. „Најдобро претставништво во Европскиот парламент е претставништвото на Баварија. Регионите и градовите во ЕУ се борат за сопствени интереси, отсекогаш било така и така и ќе остане. Тоа не е против државата, туку дополнување.“

Мал Вишеград“

Но, кај „Пактот на слободни главни градови“ не станува збор само за пари. Градоначалниците на Варшава, Будимпешта, Прага и Братислава сакаат да разменуваат искуства и да одредуваат приоритети во поглед на заштитата на природната околина, технологијата на паметно управување во градот (smart-city), но и да се залагаат за одредени вредности како толеранција, принципи на правната држава или слобода на мислење.

Ungarn Opposition vor Sieg bei Bürgermeisterwahl in Budapest | Gergely Karacsony (Reuters/B. Szabo)

Опозицискиот политичар Гергели Карашони го победи кандидатот на Фидес

Посебно Полска и Унгарија во последниве години во тој поглед беа на удар на критики од Европската комисија. Против овие две земји се во тек постапки според Членот 7, зашто Брисел им префрла кршење на принципите на владеење на правото. 

Минатиот петок градоначалниците од овие четири града се состанаа во Берлин. На маргините на прославата на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, разговараа за иницијативата „Пакт на слободните главни градови“ или „мал Вишеград“, како противтежа на активностите на Вишеградската група во која главен збор водат Виктор Орбан и Јарослав Качински. Сојузот на овие градови уште е само идеја, допрва се подготвува заедничка декларација. „Но, работите стануваат сѐ поконкретни“, вели Тржасковски.

DW.COM

Реклама