Макрон останува претседател, протести во Франција | Свет | DW | 25.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Макрон останува претседател, протести во Франција

Актуелниот претседател Емануел Макрон останува претседател на Франција. Во повеќе француски градови имаше протести по изборите.

44-годишниот Емануел Макрон, според прелиминарните резултати од претседателските избори, освои 58,55% од гласовите, додека десничарската популистка Марин Ле Пен на своето изборно конто има 41,45% освоени гласови.

Разликата во освоените гласови сега е значително помала отколку на претседателските избори во 2017 година, кога Макрон ја победи Ле Пен со 66 отсто од гласовите. Оттука, победата на Макрон, како што оценуваат аналитичарите, може да се сфати всушност како пораз на Ле Пен. Многу партии и организации пред изборите упатија повик да се спречи победата на десничарската популистичка Ле Пен и да се гласа за Макрон. Многу Французи очигледно го следеа повикот - дури и ако всушност се незадоволни од политиката на Претседателот.

Frankreich Präsidentschaftswahl Macrons Siegesfeier in Paris

Емануел Макрон со сопругата Брижит пред приврзаниците собрани во близина на Ајфеловата кула, по објавувањето на резултатите од изборите

Макрон очекува тешки години

Самиот Макрон се осврна на ова незадоволство во земјата по објавувањето на резултатите од изборите: „Свесен сум дека ова гласање ме обврзува за следните години“, рече Макрон.

„Следните години сигурно ќе бидат тешки, но тие ќе бидат историски и заедно мораме да ги испишеме за новите генерации“, им рече Макрон на своите приврзаници во Париз, и додаде:

„Избравте хуманистички, републикански, социјален и еколошки проект заснован на работа и креативност, проект за ослободување на нашите академски, културни и претприемачки моќи. Ќе бараме (резултати, н.з.) и ќе бидеме амбициозни. Имаме многу да направиме, а војната во Украина е тука да нѐ потсети дека живееме во трагични времиња, во кои Франција мора да го најде својот пат“.

Frankreich Präsidentschaftswahl Wahlsieger Macron

Макрон: Свесен сум дека ова гласање ме обврзува за следните години

Ле Пен: „Уште не е готово“

Првичната реакција на Ле Пен за изборниот резултат беше борбена: играта сѐ уште не е завршена, затоа што сега почнува борбата за парламентарните избори, им порача таа на своите поддржувачи.

- повеќе: Макрон го доби првиот круг од изборите, во вториот го чека Марин Ле Пен

Нејзината партија  Национално обединување е отворена за секој што сака да се обедини против Емануел Макрон, рече Ле Пен. Според неа, резултатот на Макрон покажува „голема недоверба на народот“, па таа во поразот гледа „и надеж“. „Ќе ја продолжам мојата посветеност кон Франција и Французите со енергија, упорност и наклонетост што ги знаете од мене“, вети Ле Пен.

Präsidentschaftswahl in Frankreich, Stichwahl, Marine Le Pen

Ле Пен: Играта сѐ уште не е завршена

Безредија во Лион

Поизборите вчеравечер во повеќе градови во Франција имаше протести. Во Лион дојде до судир меѓу левичарски групи, демонстранти од „Жолтите елеци“ и полицијата. Според телевизијата БФМТВ, демонстрантите прво почнале да ја гаѓаат полицијата со молотови коктели. Потоа интервенирала националната полиција со цел да стави крај на безредијата.

Во Париз имаше протести на повеќе места. Демонстрираа граѓани кои не се поддржувачи ниту на Макрон ниту на Ле Пен. Во главниот град не дојде до безредија.

Во Рен, западна Франција, каде по првата рунда од изборите имаше судири помеѓу левичарски групи и есктремни десничари, вчеавечер беа забранети демонстрации.