1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците од Албанија ќе бараат правда во Стразбур

19 декември 2011

Македонците од Албанија, заедно со другите малцинства, правда ќе бараат во Стразбур поради последата одлука на Уставниот суд, со која се брише терминот „националност“ во законот за граѓанска евиденција.

https://p.dw.com/p/13VMi
По правда во Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Слободното изразување на националноста според Уставниот суд е неуставна и таа нема да стои ни во изводите од матичната книга на родени на веќе признатите малцинства, македонското во Мала Преспа, а грчкото во јужниот дел на Албанија.

На средбата одржана во албанскиот град Корча, на која присутвувале претставници на здруженија и партии на Македонците, Грците, Власите, Ромите и Египќаните, станало збор и околу прашањето зошто не успеа пописот на населението, спроведен во Албанија во октомври годинава.

„Малцинствата пописот го бојкотираа поради дискриминаторскиот закон за попис, кој предвидува казна од илјада долари, доколку попишаното лице се изјасни поинаку од она што е запишано во матичната евиденција. Тоа значи дека ќе биде казнет припадник на малцинство, ако се изјасни како неалбанец во зона каде не се признава статус на малцинство. Во случајот, како Македонец можеше да се изјасни само оној кој живее во областа Мала Преспа“, изјави Васил Стерјовски од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Vasil Sterjovski
Васил СтерјовскиФотографија: Vera Todorovska

Според него, формуларот за попис бил сменет неколку пати, посебно кога станува збор за прашањето за национална припадност, па на конечната верзија постоело прашање: На која етно-културна група и‘ припаѓате? Исто така, додава тој, не било прифатено ниту едно барање на малцинствата, како што е попишувачи, членови на пописни комисии, инструктори, како и едно копие да остане кај лицето кое е попишано.

Укинување на веќе стекнати права

„Што се случува во нашава држава, од сите страни патриотизам и национализам, сите актери од албанското општество и од власта и од опозицијата се во натпревар кој да биде поголем националист, без да ја видат реалноста на албанското општество. Ги употребуваат сите средства само и само да го намалат бројот на малцинствата и нивните права во Албанија“, изјави Едмонд Темелко, претседател на партијата МАЕИ.

Тој пред присутните се запраша како можело во комунистичкиот режим националноста да биде законска и им била запишана во личните карти, а сега во време на демократија тоа нешто било неуставно.

„Не е никакво зло за Албанија ако бројот на малцинствата се прикаже колку што е реално, или ако малцинствата ги уживаат сите права кои им следуваат според меѓународните конвенции. Напротив, тоа ќе биде позитивно, зашто секој граѓанин ќе се чувствува послободен, ќе се развива таков каков што е а така ќе му даде подобар развој и на албанското општество и албанската држава“, рече Темелко.

Разочараност од албанските власти, но и меѓународните претставници

Претседателот на партијата за човекови права, во која главно членуваат припадниците на грчкото малцинство и пратеник во албанскиот парламент, Вангел Дуле, искажа разочараност од албанските власти, но и од меѓународните претставници кои се оглушиле на сите нивни поплаки.

Tirana Parlament
Парламентот во ТиранаФотографија: AP

„Инсистиравме со години, соработувавме со меѓународниот фактор, бевме отворени, во повеќе наврати му се обраќавме на надлежниот министер, на премиерот, пред парламентот- викнете ги претставниците на малцинствата, подајте им рака за соработка, ништо лошо не доаѓа од дијалог, од комуникација, од почитување на стандардите за правата на малцинсвата. Но, тие останаа глуви на се‘, и стигнавме до еден попис, кој не само што не ги реши постојните проблеми во врска со правата на малцинсвата, туку создаде нови проблеми“, изјави Дуле.

Од името на сите малцинства Дуле од Корча најави дека „законската борба по прашањето за националноста ќе продолжи во Стразбур, зашто ваквата одлука е во спротивност со член 20 од Уставот на Република Албанија“.

Уставниот суд ваквата одлука ја донесол по барање за испитување на уставноста од страна на неколку локални судии, како и Алијансата „Црвено црни“, која беше против попис врз етничка и верска основа.

Инаку, се‘уште ги нема првичите резултати од пописот кои директорката на Институтот за сатистика, Инес Нурја, ги најави за 15-ти декември.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Ж.Ацеска